10.3 C
Skopje
недела, октомври 25, 2020

Илија Ѓорѓевиќ: Кариерата во ИТ фирма ја заменив со живот на еколошка фарма

Kabtel desktop

Илија Ѓорѓевиќ е сопственик на Еколошката фарма од скопското село Побожје, каде што од 2012 година произведува органско козјо млеко и органски јајца. Љубовта кон животните, а и неговиот животен стил, што подразбира да се биде блиску до природата, го насочиле кон фармерството без разлика на професионалните квалификации кои му овозможуваат многу платена работа. Иако бил успешен деловен човек, развојот на урбаниот живот со неговите карактеристики кои ги смета за неприродни, асоцијални и нелогични ја поттикнале неговата преселба во рурална средина, каде што го нашол својот мир. И не само тоа, од млекото и јајцата на Илија денеска се хранат многу деца, млади и возрасни, кои почитуваат органска и здрава храна.

 

Градот наспроти селото, професијата наспроти природата и животните. Ова е изборот кој пред четири години го направил Илија Ѓорѓевиќ, скопјанец кој ја оставил својата многу платена работа во информатичката индустрија за да стане фармер. Надвор од урбаната секодневна трка, Илија живее во својот свет блиску до природата, создавајќи органска храна во целосно природни услови. Одгледува кози и кокошки и произведува органско млеко и јајца. Имотот во скопското село Побожје е нивниот дом, во кој се движат слободно и немаат органичувања. Живот без бариери и ограничувања била и желбата и на Илија, кога одлучил да се пресели во село и да го напушти модерниот живот.

Екологијата и органската храна се она што сe повеќе ги интересира луѓето, но тоа всушност е традиционалниот начин на живот што го живееле нашите претци“, вели Илија.

Илија вели дека немал никаков проблем да одлучи да живее на дијаметрално спротивен начин, да се врати на корените и тоа да го претвори во успешен и одржлив бизнис. Во село научил дека животните се многу повеќе од средство за продукција на храна, како што луѓето ги сметаат, туку дека тие се и социјални суштества кои знаат да искористат се што дава природата.

Концептот за фарма го имав в глава и бев теоретски подготвен, да обезбедам иднина во симбиоза и заеднички живот со животните, да живеам од нивните продукти. Сепак практичната примена одеше тешко, за овие години ги научив најтешките лекции, кои се моето најдрагоцено искуство во животот“, вели Илија.

Последните години, на својата Еколошка фарма произведува козјо млеко и јајца на целосно традиционален начин. Кокошките и козите се чуваат и хранат во природни услови, без ограничување на нивното движење, без додатоци во исхраната, а Илија се труди тие да немаат никаков стрес или малтретирање. Тој им дозволува да произведуваат млеко и јајца само кога за тоа е момент во нивниот животен циклус, од пролет до есен и во количини кои не би предизвикале ризик за нивното здравје.

„Индустриската храна е произведена во услови на максимален профит и минимален квалитет, во фарми каде што животните се стимулираат да произведуваат што поголеми количини. Во мојата фарма тие се слободни, па затоа и производството е мало, но со најдобар квалитет“, вели Илија.

Посочува дека веќе има постојани клиенти кои веднаш ги откупуваат количините што ги произведува. Тоа се дневно околу 30 јајца или околу 1.000 месечно, како и 5 до10 литри козјо млеко дневно.

Ова производство не е одржливо економски. Заради тоа сега инвестирам во нова фарма во Бродец, каде што животните ќе имаат подобри услови и во лето и во зима, ќе бидат поблиску до природата. Секако, новата инвестиција ќе треба да обезбеди и поголема заработка и одржливост“, нагласува Илија.

Во моментов тој речиси сe работи сам, од грижата за животните до производство на храната што ја продава. Досега нема помош од државата, иако аплицирал неколкупати по ред за субвенции, кои како на регистриран домашен одгледувач на кози му следуваат.

Сам ја осмислил и изградил и куќата во која што живее со многу специфична кружна форма, како печурка. Илија вели дека и објектот е инспириран од природата, каде што формите како коцка или правоаголник не постојат. Неговите иновации ќе бидат застапени и во новата фарма, каде новата куќа и објектите за животните ќе бидат комплетно независни од електричната мрежа и водоводниот систем.

„Сe ќе биде поврзано со природата бидејќи с` што е блиску до природата е и самоодржливо“, објаснува Илија.

Како резултат на неговата посветеност, традиционалните рецепти, но и неговото постојано учење и иновирање, од еколошката храна на Илија денес се хранат многу деца, млади и повозрасни, љубители на здравата храна.

„Јас и моето семејство ги јадеме овие продукти, а тие им ги нудам на моите клиенти. Тоа е еколошка, органска и здрава храна, произведена во соработка со природата и во најдобрите услови за животните. Козоите се хранат со јачмен, пченка и сено, а кокошките со пченица и сончоглед“, вели Илија.

Свесноста за огранската исхрана е сe поголема во светот, а со тоа и во нашето општество. Факт е дека здравата храна влијае на нашето здравје и дека голем дел од болестите се последица не само на стесот, загадниот воздух туку и на лошата храна.

Производството на храна во природни и еколошки услови е сезонски ограничена работа. Животните не може да ги натерате да прават нешто спротивно на природата и обратно она што се случува на фармите за масовно производство на млеко и јајца е неприродно, предизвикано со стимулации и хормони, вештачка храна, и вештачка топлина и светлина“, вели Илија.

Преку својот уникатен животен стил Илија испраќа неколку пораки, дека луѓето мора да ги почитуваат животните од кои добиваат храна, да ја почитуваат природата која им го дарува животот, а особено мора да ја почитуваат здравата органска храна од која с` повеќе ни зависи здравјето.

Органското производство веќе не е само тренд, туку одржлив систем

Бројот на луѓе кои купуваат здрава храна секојдневно расте, а органското производство веќе не е само тренд, туку одржлив систем кој успешно функционира во многу држави. Пазарот на органски производи во Европа во последните петнаесеттина години пораснал од 15 милијарди долари во 1999 година на 90 милијарди долари лани. Најголеми потрошувачи на органска храна во светот се САД и западноевропските држави. Нивните пазари во најголем дел се снабдуваат со еколошки производи од источна и југоисточна Европа. Западна Европа троши 42 проценти, а произведува само 15 проценти од органската храна во светски рамки. Најбарани еколошки продукти на европскиот пазар се јајцата, лебот и зеленчукот. Најмногу пари за органска храна трошат Швајцарците 221 евро на жител, иако официјално најголем пазар за здрава храна е германскиот со околу 8 милијарди евра.

Еколошкото земјоделство е најголемата шанса за Македонија да го зголеми извозот на здрава храна. Во моментов кај нас има 481 сертифициран производител со околу 3.000 хектари земја, за разлика од 2011 година кога еколошко земјоделство практикувале 780 земјоделци.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •