Самоил Самак: во соработка со НАСА направивме роботски систем кој ќе произведува делови во вселената

- Advertisement -

 

 Микросам е една од најиновативните компании во земјава! Речиси три децении оваа прилепска компанија го држи приматот на светски познат производител на машини за композитни материјали, кои се пласирани во четириесетина држави ширум светот. Клиентите на Микросам се од САД, Европа, Русија и Јапонија. Ако прашате што е тајната на успехот на повеќедецинското успешно работење на оваа компанија, одговорот е едноставен – постојано следење на светски актуелните технологии и нивно успешно усвојување. Успесите на Микросам се нижат еден по друг. За последниот успех во Париз и идните планови Иновативност разговараше со Самоил Самак, главен технички потпретсетадел на Микросам

 Раговараше – Љубица Ангелкова 

- Advertisement -

Неодамна во Париз на најголемиот светски заем за композити, Вашата компaнија се претстави со своите најнови иновации. Една од нив е производната ќелија за тродимензионално печатење во простор на современи композитни материјали со повеќе роботи. Која е намената на оваа иновација?

Неодамна Микросам јавно го покажа иновативното решение за современи композитни материјали без користење на т.н. калап. Оваа иновација претставува технолошка демонстрација за можноста да се направат делови од термопластични композити само со присуство на 2 или повеќе роботи, всушност 3-димензионално печатење. Целта на оваа иновација е да демонстрира изработка на делови во вселена каде е невозможно или прескапо да се носи калап. Вообичаено, кога се прави некој дел се користи калап со некоја форма врз кој се полага материјал. Тој калап е типично доста тежок или е во специфична форма, што не претставува проблем тука на земја, но е непрактично да се носи во вселена тежок калап за секој можен дел. Микросам покажа дека нема да биде потребен калап , и роботите сами ќе го полагаат делот во скоро било каква форма.

- Advertisement -

Раскажете ни како дојде до соработка со Наса? 

Изработка на нови или резервни делови во вселена е еден од проблемите кои го има НАСА. На една од нашите средби во САД, претставници на НАСА заедно со истражувачи од Џенерал Атомикс (ГА), и наши претставници отворено разговараа за различни идеи за современи композити. Истражувачите од ГА веќе имале идеjа за нешто слично, но не биле во состојба да ја проверат. Од таква идеjа на парче хартија се јави соработката. Микросам и ГА склучија договор за истражување и развој и околу 7-8 месеци покасно се роди првата верзија на оваа мулти-роботска ќелија која беше прегледана од претставници на НАСА и ГА при посетата во Микросам неколку пати.

- Advertisement -

Познавачите од Вашата сфера тврдат дека ова e прв пат да се постигне вакво техничко решение. Што  ја направи комапнија  Микросам да биде пред другите? 

Микросам е прва фирма во светот со докажана изведба на термопластични делови без калап. Пред се, важно е да се напомене што значат термопластичните композити. Тие претставуваат иднина во многу индустрии особено во авионската, ракетнатa, автомобилскатa и нафтенатa индустрија. Термопластите се всушност влакна од јаглен или стаклно споени со термопластична смола што им дава цврстина. При топење на смолата на висока температура, од 200 до 500Ц степени, слоевите се спојуваат и се добива финална форма на материјалот. Исто така може преку топење да се поврати дел од материјалот или да се рециклира. Рециклирањето е важна особина, но уште поважно е што процесот на обработка е многу пократок од други видови композити.

Микросам повеќе од 3 години интензивно работи  на развојни проекти со бројни клиенти од светот за усовршување на опремата и процесните параметри за вакви композити. Ова знаење заедно со инженерскиот капитал во Микросам помогна во брзата реализација на оваа идеја.

Кој или што е клучниот двигател на иновативноста во Вашата компанија, која успевате да ја одржувате со децении?

Во ова решение потребно беше да се совладаат 2 клучни проблеми: успешно полагање на термопласти и синхронизирано движење на роботите и опремата. За првото објаснив дека е дел во кој Микросам има изградено долго искуство и понатаму брзо ја развиваме сопствената технологија. Вториот дел претставуваше голем предизвик. Тука работеа заедно машински, електро и софтверски инженери. Целта беше да се најдат правите начини и процеси за постојано синхронизирање на 2 роботи. Ако сте виделе робот во фабрики ова звучи едноставно, но тоа се исти повторливи движења. Нашиот проблем беше 2-та роботи да работат заедно како да се всушност 1 робот на било какво движење. Таа синхронизација е доста голем предизвик кој успешно го решивме. Дополнителен предизвик беше да се најдат правите механички и процесни услови како материјалот кога се полага во просторот да си ја задржи 3Д формата во која се движеле роботите. Поминавме само во овој дел низ многу, многу проби и грешки додека не најдовме успешна формула.

Зад ваквите иновации се кријат месеци и години макотрпна работа. Колку долго го развивавте конкретно овој проект? Во кој правец ќе се развива истиот? 

Од почетокот на развојниот проект ни требаaa околу 7-8 месеци за да започне роботската ќелија да функционира. Потоа следеа уште 4-5 месеци интензивна работа со проби и усовршување на системот. Резултатите беа публикувани на неколку технички конференции во Америка. Денес имаме интерес за пласирање на оваа ќелија низ повеќе истражувачки универзитети во Америка и од авионски фирми како Аирбус за да се доусоврши процесот.

НАСА цели кон футуристички решенија, Вие покажавте дека сте пионери на новото време, решавајќи еден од покрупните проблеми да се вршат операции во вселената каде што е невозможно да се донесе алат. Дуален роботски систем е одговорот. Каква беше реакција на луѓето од НАСА?

НАСА имаше многу позитивна оценка за работата на роботската ќелија од Микросам, квалификувајќи ја на 4то до 5то технолошко ниво. Тоа значи дека е спремна за истражувачки активности и следи доусовршување за сериско производство. Затоа интересот од истражувачките институти во Америка е доста голем како за да може да продолжат унапредувањето на оваа технологија.

Патентот го заштитивте во Германскиот завод за патенти. Колку патенти досега сте заштитиле?

Во овие скоро 30години од постоење, Микросам има пласирано многу иновации на светскиот пазар. Тоа е за нас исклучително важно бидејќи ние сме приватна фирма од мала земја на светски пазар каде конкурентите ни се бројат на прсти, а ние немаме никаква државна помош, субвенции или некои преференцијални зделки како што ги имаат останатите. Од тие иновации некои се заштитени и со патенти. Неодамна добивме патент од германскиот завод за една од нашите глави за автоматско полагање на широки ленти на композитен материјал. Ваквите глави денес се користат во авионска индустрија за правење крила, стабилизатори и други големи делови од авионот. Како пример, овој патент ни беше пријавен уште во 2014та година а одобрувањето траеше 5 години со бројна кореспонденција. За новите изуми Микросам врши проценка кога да се патентира нешто. Патентот звучи многу добро, но тој е корисен се додека правниот систем ви овозможува да го одбраните особено против големи конкуренти. Затоа ние се обидуваме да патентираме само исклучителни иновации. За оваа иновација спремаме документација.

Водите грижа за еколошкиот аспект при производство на Вашите изуми? Како успевате да го вклучите и тој сегмент кој за многумина на овие простори е небитен или скап како решение?

Машините на Микросам се произведуваат со еколошки стандарди. Тука нема нешто посебно што би било предмет на некакво загадување. Изумот е во дизајн на машини, роботи и склопови на движење кои овозможуваат прецизно полагање и мотање на композитни влакна или траки. Во производството користиме доста стандардни компоненти, водилки, зупчаници, мотори, контролери, пнеуматика, и слично кои се порачуваат од водечки фирми, најчесто од Германија. Во нашата фирма правиме ЦНЦ обработка на челични или алуминиумски делови кои се специфични за некоја машина или за наши потреби. Исто така, користиме и доста кооперанти ширум низ Македонија или Србија за делови или услуги што не ги работиме во сопствениот капацитет. Сето тоа се стандардни машински или електронски уреди кои ги гледате на врвна индустриска опрема денес во било која фабрика.

Како регрутирате кадар за работа? Сите се жалат дека човечкиот капитал е проблем број еден за комапниите кои се во областа на развој на висока технолофија , ИТ и слично.

Ние постојано регрутираме инженери, програмери, оператори во производство, продавачи и останати позиции. Фирмата расти стабилно и континуирано. Задоволни сме од талентот што го имаме и ни требаат се повеќе и повеќе луѓе! Оваа година од самиот почеток имаме доста порачки со кои имаме работа до втората половина на идната година и голем број на потенцијални проекти. Потребата за инженери постојано се зголемува. Типично во некои фирми инженерите работат по налог или инструкции од надвор. Изумот е веќе смислен, некој треба рутински да ги сработи обврските.

Микросам е една од ретките фирми во Македонија, каде инженерите од прв ден работат на нови изуми, на нови предизвици и на домашни решенија за светски проблеми. Нашите конкуренти во светот се бројат на 2 раце, имаме 3-4 од САД, 2 од Германија, 1 од Франција, 1 од Шпанија. За некои од нив сме и водечки во индустријата. Затоа во Микросам инженерите работат веднаш на ниво на кои што не би можеле да работат надвор од Македонија и после повеќе од 10 години. Тоа е постојано учење, тестирање, правење експерименти, решавање на предизвици и постојан развој на иновации во одлична работна средина.

Во 2007 година ја основавте Академијата која нуди бесплатни курсеви за дообука и преквалификација на кадри од областа на програмирањето, машинството, електрониката и автоматиката. Колку слушатели поминале низ клупите на Академијата? И каде се тие денес?

Академијата на Микросам беше резултат на потребата да се регрутираат и обучуваат кадри за Микросам се порано. Имаме досега обучено стотици луѓе кои во мнозинство не работат за Микросам, што беше и цел на оваа програма. Денес се фокусираме се повеќе на обука во самата фирма, преку магистерски студии, помош до докторски тези. Веќе имаме правено истражувачки проекти со инженерски студенти на техничките факултети, и планираме да ја зголемиме оваа активност. Иако веќе даваме стипендии, би сакале да почнеме со истражувачки проекти за студенти на машински, електро, софтвер или други технички факултети, заедно со некој професор, веќе од 2-3 година. Ова би било на страна од пракса во летниот период. Се надеваме се повеќе студенти ќе се запознаат порано со долгорочните можности за карира во Микросам.

Развојно во својата историја ќе бидете запишани и по формирањето на првиот приватен институт во Европа од областа на техничките науки. Целта е да ги забрзате процесите во истражувачката дејност. На колку истражувачки проекти во моментот се работи и во која област се тие?

Во Институтот за современи композити и роботика при Микросам моментално работиме на бројни истражувачки проекти. Оваа година веќе месеци унапред нашата опрема е букирана од бројни клиенти. Тие се претежно со Америка, Израел, но се повеќе и со Европа. Од тука се реализира и Мулти-Роботската Ќелија која ја опишав погоре. На пример, имаме истражувачки проекти со сите авионски компании, како Боинг, Аирбус, Бомбардиер, нивните главни добавувачи, партнери на НАСА, фирми од САД кои работат за Пентагон, како и фирми од автомобилска индустрија, пример Даимлер, Волксваген, нафтена индустрија, и слично. Особено ново е што веќе работиме со неколку фирми кои прават револуција во урбаниот авионски превоз. Нашите инженери за роботика и софтвер се постојано со некој купец или работат на вакви проекти, директно на софтвер, оптимизирање и унапредување на машините, или програмирање или изработка на современи делови со нашата роботска опрема во Институтот. Резултатите ги публикуваме на врвни конференции, како САМПЕ во Америка и Кина, АероДеф или Национална Конференција за Одбранбена Индустрија во Америка, и многу други. Неодамна имавме и посета од голема делегација на Аирбус за идна соработка за користење на нашата опрема. Затоа и ни се потребни се повеќе инженери. Ако некој има желба да работи на идна авионска, вселенска, ракетна или автомобилска технологија, независно кој факултет го учел, во Микросам ќе наиде на долгорочна кариера со врвните фирми во светот.

Сподели!
- Advertisement -