„Агент 203“ e првата 3Д-анимирана серија во македонска продукција! Креативците од Дебар Маало работат за Дизни, Нетфликс, Супер РТЛ!

- Advertisement -


Mакедонското студио „Ви хаус анимејшн“ (V house Animation) ja креираше првата 3Д-анимирана серија во македонска продукција. Малкумина знаат дека локални креативци, артисти, сценаристи работат на повеќе проекти за светски познати продукции. Повеќе детали за овој голем успех, но и за потенцијалите за раст на оваа дејност во Македонија разговаравме со Ели Пешева, менаџер за комуникации на „Ви хаус анимејшн“.

Новинар – Верица Јорданова

Госпоѓа Пешева, може ли поконкретно да ни кажете за што станува збор?

Работењето на анимирана серија, или што би рекле во локален сленг, цртан филм, е исклучително голем предизвик за сите нас кои работиме во креативните индустрии, посебно во индустријата за забава во која влегуваат играните филмови, анимираните филмови, видео игрите, тоа е забавата на 21 век. Дополнително предизвикувачки е кога тоа не го работи богато холивудско, туку дебар маалско студио, со наши локални креативци, артисти, сценаристи, луѓе кои секојдневно ги среќавате, ваши пријатели, познаници, роднини. Во нашиот свет тоа е едно драматично поместување на границите кои ги имаме во својот ум, дека сме заглавени тука, дека немаме шанса да оставиме јасна трага во светот кој професионално и приватно не интересира. Еве доказ дека тоа не е така, овој нов технолошки развиен свет, особено за време и пост ковид, докажа дека ако постои талент, знаење, амбиција, посветеност, секако и малку среќа имаме можност да работиме од каде сакаме и можеме, за каде сакаме и можеме. Не постојат граници за креативноста.

- Advertisement -

Нашето студио „Ви хаус анимејшн“ (V house Animation) го работи својот четврти поголем проект, Елена од Авалор (Elena of Avalor) за Дизни, латино принцеза која го брани својето кралство (улоги на Ејми Кареро и Џена Ортега) https://www.imdb.com/name/nm4911194/?ref_=tt_ov_st

Тарзан и Џејн за Нетфликс, https://www.imdb.com/title/tt6216718/?ref_=nv_sr_srsg_1 заедно работени со Арк студиото од Торонто, краткометражниот анимиран филм Пајни – осамената елка (Piney, the lonesome pine), кој имаше холивудска премиера во ноември 2019 во кој гласовите беа на познатите актери Џонатан Прајс, Сајмон Пег и Џејсон Ентони. https://www.imdb.com/title/tt11068238/?ref_=nv_sr_srsg_0

- Advertisement -

Сега работиме на нашата прва 3Д анимирана серија која е целосно во продукција на Ви Хаус, од идеја, дизајн, моделирање на карактерите, текстурирање и за прв пат режија на анимирана серија. Се вика Агент 203, има 26 епизоди, секоја во траење од 22 минути. Во најголем процент задолжено е нашето локално студио, иако во одредени сегменти се работи и со интернационален тим, каде што копродуценти се германско и шпанско студио, а во дел од сценаријата учествуваат нашите шпански партнери.

Главен лик во приказната е девојчето Зои, интергалактички вселенски агент, кое заедно со нејзиниот партнер, вонземјанинот Улав, и најдобрите пријатели, се бори со негативците од вселената. Главниот негативец се вика Гор и неговата мисија е да ја украде магичната алка на Зои, што ја добила во аманет од татко ѝ, кој исто така бил интергалактички агент. Тој исчезнал во акција. Во суштина ова е еден многу забавен, духовит и колоритен проект во чие создавање навистина уживаме.

- Advertisement -

Она што за нас како држава е важно е што авторски зад овој проект се потпишува Дамјан Митревски. Кој е тимот кој стои зад ова? Колку долго се работеше, се работи?

За прв пат анимирана серија наменета за светски пазар има режисер од Македонија. Нашиот менаџер и извршен партнер во компанијата, Дамјан Митревски ги потпишува сите 26 епизоди. Режијата на анимиран филм е многу различна, комплексна, провокативна во споредба со режирање на игран филм, целата процедура е многу поинаква, процесот генерално се поставува на различен начин, подолгорочен е, и режисерот мора да биде инволвиран уште од почетокот на пишувањето на сценариото за секоја епизода. Форматот е телевизиски и со однапред дефиниран тајминг на секоја епизода, што подразбира дека уште при пишувањето мора да се знае како ќе изгледа секоја сцена, нејзиното траење и динамиката со која таа треба да се изработи. Мора прецизно да се планираат и следните фази на продукцијата, како што е моделирањето и анимирањето, бидејќи во последната фаза на постпродукција веќе нема многу простор за корекции. Тогаш, режисерот може да направи само минимални корекции. Затоа тој мора да биде вклучен од самиот почеток и низ сите седум фази на продукцијата низ кој поминува создавањето на анимиран филм.

Огнен Јанковски е главен супервизор на продукцијата и е сениор во тимот. Во нашиот локален тим во моментов работат повеќе од 30 артисти. Подготовките, односно претпродукцијата траеше една година, а продукцијата повеќе од две години. Очекуваме работата на нашето студио, да заврши до крајот на оваа 2022 година. Во Македонија ќе се работи постпродукцијата, а финалниот производ со натсинхронизации на повеќе јазици планирано е да биде завршено до пролет 2023. Од контактите и фидбекот на агентите за продажба од европските држави до сега, првите впечатоци се позитивни и се надеваме дека веднаш ќе се влезе во работа на втората сезона, но сепак за тоа треба малку да се почека, серијата да биде во етер и директно да се види резултатот.

Кога ќе биде премиерата и каде се ќе се емитува?

Пласманот на „Агент 203“, е наменет за светски пазар, почетокот е планиран за пролет 2023, на Супер РТЛ. Покрај „Ви хаус анимејшн“, копродуценти на проектот се „Тун ту танго“ (Toon2Tango), ТВ Мондо, Супер РТЛ и GmbH & Co. KG. Како соработници, на серијата се јавуваат и „Космос анимејшн“ (Cosmos Animation)

Ќе има ли  и македонската публика можност да ја види првата македонска 3Д-анимирана серија? 

Секако, планирана е и македонска натсинхронизација, со цел да може да ја види и домашната публика. Ви Хаус анимејшн е носител на правата за Македонија, но останува да одлучиме кој ќе биде бродкастерот (телевизијата каде што ќе биде емитувана серијата), бидејќи преговорите за македонската дистрибуција се уште не се започнати. Засега, правата за емитување се веќе продадени во повеќе европски држави, Италија, Германија, Шпанија, и во сите веќе се детерминирани телевизиите со национална покриеност на кои ќе биде емитуван Агент 203. Убедени сме дека е само прашање на време кога деталите ќе бидат утврдени и за Македонија, и судот и оценката на домашната публика е нешто што ни е особено важно и мотивирачко. Таква е човековата природа, особено на нас луѓето од Балканот кои имаме меѓусебни блиски врски, па иако понекогаш правиме меѓународни проекти кои се емитуваат на најдобрите канали во светот, посебно ни е важно да не пофалат најблиските, родителите, пријателите, соседите… или во овој случај децата од нашите улици.

Според ова искуство, има ли Македонија капацитет и шанси да расте во оваа индустрија? Што се е потребно да се поттикне развојот на креативните проекти во оваа насока?

Секако дека има. Како што спомнав и претходно, ова се децении на технолошки раст и развој, новите генерации се во допир со нив од своето раѓање, тие се дел од секој миг на нивното растење, созревање, за нив аналогниот свет не е толку познат, но со новите технологии кои им се на располагање се создаваат чуда на мобилни телефони, да не зборуваме што се може да се направи со специјализирани програми. Постојат стотици можности да се проучуваат, да се унапредуваат, за секој, дури и за нас од „повозрасните“ генерации.

Начинот на кој денеска се креираат анимираните филмови и серии, за мене лично, како некој кој излегол од новинарството и цела своја професионална кариера ја посветил на комуникација, пишување и допирање до различна публика, создавањето ваков производ е особено интересно, возбудливо. Создавате за децата, всушност имајќи ги предвид и нивните родители кои ќе бидат со нив во кино или пред тв. Се обраќате на ист начин на две сосема различни генерации. Го користите искуството од своето детство, за да создадете нешто ново и невидено што ќе остави трага во детството на вашите деца.

Треба да се поттикне и формалното образование на нашите универзитети за создавање на дигитални артисти, но и да се охрабруваат младите луѓе дека и со неформално образование можат да се стекнат вештини за да работат на светски проекти. Ние постојано ги поттикнуваме сите талентирани луѓе од Македонија, од нашиот регион, да бидат храбри, амбициозни, и ако имаат нови, креативни визии, секогаш сме отворени за да се приклучат во нашиот тим.

Секако, овој проект е тековен но дали веќе имате и нови планови? Што може да ни откриете?

Првенствено би сакале да видиме каков ќе биде статусот на потенцијалната втора сезона за Агент 203. Во меѓувреме, секако работиме на проекти за клиенти од целиот свет.

Сподели!
- Advertisement -