Турското кафе – посебна приказна раскажана од секоја голтка

- Advertisement -

Една од најпознатите традиции на Туркије, турското кафе, неодамна беше официјално регистрирано од Европската унија како „традиционален производ“, со што доби уште една потврда на глобално ниво. Ова следува откако во 2013 година турското кафе беше внесено на Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, а денот кога го доби тоа признание, 5 декември, официјално се прославува како Светски ден на турското кафе. Со богат мирис и длабок вкус, уникатна подготовка и начин на послужување, турското кафе се смета за задолжително за секој посетител на земјата, а за секоја голтка се вели дека раскажува посебна приказна.

- Advertisement -

Историјата на турското кафе е долга повеќе од 500 години. Во османлиските земји било донесено преку Јемен во 16 век, успевајќи брзо да ги придобие граѓаните, а се отвориле и првите кафулиња, во кои пиејќи кафе, се воделе сериозни разговори. Набргу турското кафе ги „освоило“ и домовите, претворајќи се во омилена турска традиција. Потоа трговците почнале да го извезуваат, носејќи го во Европа и регионот, каде станува ритуал на поврзување и во семејствата, и меѓу пријателите. Првично се служело после оброците, но потоа станало дел и од веридби, празнични собири и верски прослави, а растот на неговата популарност ја создало поговорката дека „Еден филџан кафе обврзува на 40 години пријателство“.

Најстарите начини на кои своевремено се подготвувало кафето, се користат и денеска, и се сметаат за дел од одржливото кулинарско наследство на Туркије. Фино мелените печени зрна кафе се комбинираат со ладна вода и со шеќер зависно од вкусовите, и се вари во ѓезве додека не зоврие и се создаде пена. Во земјата консумирањето кафе се смета за мирно уживање, а посетителите секогаш имаат избор дали ќе им биде подготвено без шеќер, благо засладено, средно или слатко. И начинот на послужување е специфичен – во мали порцелански филџани, со вода и парче локум, сосема спротивно од модерните кафиња кои се купуваат и пијат од хартиени чаши.

- Advertisement -

Во различните региони на Туркије можат да се сретнат различни интерпретации на ова кафе. На Егејското крајбрежје се служи кафе благо ароматизирано со мастика, во Газиантеп специјалитет е „мененгиќ“ кафето, направено од зрната на дрвото Pistacia terebinthus, кое исто има регистрирано географска ознака од ЕУ. Во Шанлиурфа и Мардин, пак, се нуди „мирра“, посилно и поинтензивно кафе. На многу места турското кафе се служи со баклава или локум. И за крај, талогот кој останува во шолјата може да се користи и за гатање, традиција која е позната како тасеографија.

Сподели!
- Advertisement -