Златото произведено во лабораторија можеби веќе не е само сон на алхемичарите. Една малку позната американска компанија, Marathon Fusion, тврди дека успеала да изврши трансмутација на жива во стабилно злато – со стапка десет пати повисока од претходниот рекорд поставен од CERN. Доколку овие резултати се потврдат, се поставува интересно прашање: дали златото произведено во лабораторија еден ден би можело да влијае врз цената на овој благороден метал, исто како што синтетичките дијаманти го променија пазарот на скапоцени камења?
Компанијата Marathon Fusion од Сан Франциско во средата објави дека во текот на септември успешно извршила трансмутација – претворање на еден хемиски елемент во друг – при што од жива било добиено стабилно злато. Ова тврдење, кое допрва треба да биде независно потврдено, повторно ги разгоре дискусиите за можноста за производство на злато без ископување, како и за потенцијалните последици што таквата технологија би можела да ги има врз пазарот.
Marathon Fusion е основана во 2023 година од Кајл Шилер и Адам Рутковски, поранешен инженер во SpaceX. Овој стартап развива системи за гориво наменети за идните фузиски електрани, кои имаат за цел да произведуваат електрична енергија преку спојување на атомски јадра – процес сличен на оној што се одвива во Сонцето.
На својата веб-страница компанијата го наведува Министерството за енергетика на САД како партнер; во 2023 година таа доби и признание од ARPA-E, агенција која поддржува високоризични истражувања во областа на енергетиката. Меѓу инвеститорите се наоѓаат Breakthrough Energy – мрежа за развој на климатски технологии основана од Бил Гејтс – како и рударската групација Anglo American, сопственик на De Beers, еден од најпознатите светски производители на природни дијаманти.
Оваа поврзаност е особено значајна, со оглед на промените низ кои помина пазарот на дијаманти по појавата на скапоцени камења создадени во лабораторија.
Во соопштението Marathon Fusion објави дека успеала да произведе „вистинско, стабилно злато“, надминувајќи го рекордот поставен од CERN за десет пати. Во 2025 година Европската организација за нуклеарни истражувања (CERN) објави дека, користејќи го Големиот хадронски судирач (LHC) — најмоќниот акцелератор на честички во светот — во периодот помеѓу 2015 и 2018 година произвела приближно 29 пикограми (трилионити делови од грам) злато. Оваа количина изнесуваше околу 86 милијарди атомски јадра на злато, кои постоеја само еден исклучително краток миг пред да бидат уништени при судирите со опремата на акцелераторот.
Американската стартап-компанија тврди дека користи поинаков процес: таа ја бомбардира живата со неутрони добиени за време на реакции на фузија, претворајќи ја во нестабилен изотоп кој потоа преку радиоактивно распаѓање се трансформира во злато.
Компанијата исто така наведува дека, користејќи ја својата плазма-центрифуга, соборила советски рекорд стар 40 години. Уредот функционира така што ротира електрично наелектризиран гас со големи брзини, со цел да ги раздвои изотопите што се користат како гориво за фузија. Во моментов во Сан Франциско се работи и на изградба на реактор, чија цел е постигнување рекордна густина на моќноста — односно, максимизирање на производството на енергија во однос на големината на постројката.
Сепак, тврдењата за производство на злато сè уште не се независно потврдени. Достапните податоци не откриваат колку злато навистина е произведено, ниту пак вкупните трошоци за процесот. Овие прашања се клучни за проценка на потенцијалната комерцијална примена на оваа технологија.
Можноста за производство на злато во лабораториски услови отвора прашање со кое индустријата за дијаманти веќе мораше да се соочи: што се случува со цената на еден скапоцен материјал кога неговото производство повеќе не зависи исклучиво од природните наоѓалишта?
Дијамантите создадени во лабораторија се хемиски идентични со оние што се ископуваат во рудници. Иако експертите можат да направат разлика меѓу нив, развојот на индустриско производство овозможи синтетичките дијаманти да се продаваат по значително пониски цени.
Сепак, кога станува збор за златото, во моментов нема доволно податоци што би сугерирале слична промена. Само ако резултатите од „Маратон Фјужн“ бидат независно потврдени – и ако се покаже дека процесот може да се зголеми по економски одржлива цена – лабораториското производство би можело да стане релевантна тема и за глобалниот пазар на злато.
(Bizlife)
(фото: Zlataky.cz)



























