Како да спречиме неправдата да стане нормална појава уште во училишните клупи и како да создадеме средина во која чесноста, знаењето и трудот навистина ќе се вреднуваат? Ова беа централните прашања на Националниот форум „Млади за интегритет – Од гласот на младите до институционални промени“, што денес се одржа во хотел Холидеј Ин во Скопје, во организација на Аналитика.
Форумот го отвори Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика, која се осврна на загрижувачките резултати од истражувањето спроведено со 629 млади од Скопје, Гостивар и Струмица. Според истражувањето, 54% од младите изјавиле дека лично или посредно се соочиле со корупција во образованието, а речиси 70% сметаат дека корупцијата ја урива вербата во трудот и знаењето.
Таа нагласи дека овие наоди биле поттик Аналитика да премине од истражување и препораки кон конкретни алатки и практични модели за спречување на корупцијата во училиштата.
„Од истражување преминавме кон конкретни алатки, од препораки кон практични модели, а од разговори со младите кон создавање можности тие самите да бидат носители на промени“, истакна Мијовиќ Христовска. „Не можеме од младите да бараме да бидат храбри и да пријавуваат неправда, ако истовремено не им обезбедиме сигурност дека ќе бидат слушнати и заштитени“, порача Мијовиќ Христовска, нагласувајќи дека за вистински промени е неопходна јасна институционална поддршка.

На форумот се обрати и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која ја истакна улогата на училиштата и наставниците во развивањето чувство за правичност, одговорност и интегритет кај младите. Таа посочи дека секој наставник што објективно ги оценува учениците, без фаворизирање и лични влијанија, придонесува кон антикорупциското воспитување, а училиштата треба да покажат дека успехот зависи од знаењето, трудот и посветеноста. „Не е доволно само да им кажеме на младите дека треба да бидат чесни. Неопходно е да покажеме дека корупцијата не се исплати, дека правилата важат за сите и дека во оваа држава може да се успее со знаење, труд и чесност“, истакна Јаневска.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер во своето обраќање нагласи дека интегритетот не започнува само со нови закони и институционални механизми, туку и со личната одговорност, критичкото размислување и храброста да се постапи правилно, дури и кога тоа е тешко. Обраќајќи им се директно на младите, амбасадорката порача дека тие не се само иднината на државата, туку и нејзината сегашност, и дека со својот глас и барањата за интегритет веќе придонесуваат за институционални промени.
Кога молчењето станува правило – младите ја прикажаа корупцијата во училиштата
Посебно внимание привлече интерактивниот форум-театар „Кога молчењето станува правило“, во изведба на ученици од Скопје, преку кој беа прикажани три ситуации поврзани со неправда, фаворизирање и страв од пријавување во училишното секојдневие. Преку сцените за неправеден избор на ученик за меѓународна конференција, подобрување оценка преку услуга и различен третман на учениците, младите покажаа дека корупцијата не започнува секогаш со пари, туку понекогаш со врски, привилегии и молчење.
Во првата панел-дискусија, посветена на институционалната одговорност и образованието за интегритет, професорот Борче Треновски ја нагласи потребата во градењето интегритет активно да се вклучат и родителите, посочувајќи дека недовербата кај младите не може да се надмине само со формално образование, туку со конкретни примери и доследна примена на правилата.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучул, се осврна на континуираната работа на Комисијата и механизмите што постојат за спречување и пријавување корупција, нагласувајќи ја важноста младите да бидат информирани за можностите што им стојат на располагање.
Во вториот панел, наставниците, заедно со учениците ги споделија искуствата од работата во училиштата и младинските активности, со акцент на врсничката едукација, препознавањето неправди и развивањето одговорност кај младите.
На форумот беа претставени три клучни препораки произлезени од проектните активности:
- Транспарентни училишни процедури и јасни критериуми што важат подеднакво за сите ученици.
- Безбедни и доверливи механизми за пријавување неправилности, без страв од последици.
- Континуирана антикорупциска едукација преку практични активности и поголема вклученост на младите.
„Вашиот глас е важен. Вашите прашања се важни. И вашето право на правичност не смее да зависи од тоа кого познавате, туку од тоа што знаете и што заслужувате“, порача Бојана Мијовиќ Христовска во своето обраќање до младите.
Проектот „Млади за интегритет: Проширување на младинските антикорупциски активности во Северна Македонија“ го реализира Аналитика – Скопје, во партнерство со Граѓанската иницијатива за интеграција – Гостивар и Организацијата на жени од Струмица, со поддршка на програмата zivik на ifa, финансирана од Германското сојузно министерство за надворешни работи.




























