Microsoft крати на трошоци – нуди исплата за доброволно заминување на околу 60.000 вработени

- Advertisement -

Microsoft им нуди можност за доброволно заминување со исплата на околу 60.000 вработени, што претставува повеќе од една четвртина од неговата вкупна работна сила на глобално ниво. Со овој потег технолошкиот гигант се обидува да ги ограничи трошоците и да обезбеди средства за своите огромни инвестиции во вештачка интелигенција (AI).

Понудата важи за вработени во различни сектори на компанијата, вклучувајќи ги оние кои работат на развој на вештачка интелигенција, Copilot, финансии, човечки ресурси, Xbox, како и во секторот за Windows и уреди, изјави за Reuters извор запознаен со ситуацијата, кој побара да остане анонимен бидејќи станува збор за доверлива работа. Изворот додаде дека секторите како маркетинг, комерцијално работење и безбедност се исклучени од оваа понуда.

- Advertisement -

„Оваа понуда им дава можност на вработените кои размислуваат за иднина надвор од компанијата, да ја направат таа транзиција сега, со соодветна поддршка. Исто така, на организациските единици им овозможува да ја прилагодат својата работна сила на променливите потреби“, изјави Ејми Колман, директорка за човечки ресурси, во допис до вработените.

Како и другите технолошки гиганти, Microsoft троши стотици милијарди долари на центри за податоци за вештачка интелигенција и чипови, што предизвикува загриженост кај инвеститорите околу тоа дали приносите ќе ги оправдаат огромните трошоци. Компанијата, која треба да ги објави резултатите за првиот квартал по затворањето на берзите во среда, предвидува капитални расходи од 175 милијарди долари за календарската 2026 година.

- Advertisement -

Според годишниот извештај, заклучно со 30 јуни 2026 година, Microsoft имал 223.000 вработени со полно работно време ширум светот. Претходно оваа година компанијата понуди можност за доброволно заминување на околу 7% од својата работна сила во САД, односно на околу 9.000 вработени.

Во јули Microsoft најави укинување на 4.800 работни места, што е околу 2,1% од неговата глобална работна сила. Ова е дел од реорганизацијата на бизнисот со видеоигри Xbox, при што компанијата планира да се откаже од до пет студија, со цел да ги зголеми приносите по повеќегодишни обемни инвестиции во тој сектор.

- Advertisement -

„Оваа понуда ќе биде достапна за вработените што ги исполнуваат условите, во тимовите што учествуваат во Канада, Индија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави, а кои се на ниво 70 или пониско“, соопштија од Microsoft во понеделникот.

Од компанијата наведоа дека станува збор за доброволна програма со ограничено времетраење, која се заснова на сознанија добиени од претходна програма за доброволно пензионирање. Вработените што ги исполнуваат условите ќе добијат детали во текот на следните неколку часа, додадоа од таму.

(Reuters)

(фото: Pexels/Angel Bena)

- Advertisement -