SpaceX потпиша договор за финансиски лизинг на опрема, вреден приближно 40 милијарди долари, со компанијата Apollo Global Management Inc. Целта е набавка на чипови неопходни за остварување на амбициите на SpaceX во областа на вештачката интелигенција.
Фиксната каматна стапка што ќе ја плаќа компанијата ќе биде утврдена откако ќе се дефинираат конечните финансиски услови – процес кој сè уште не е завршен, се наведува во документот што SpaceX го објави во понеделникот. Се очекува договорот да биде финализиран пред крајот на годината, а лизинг-аранжманот да започне во првата половина од следната година. Во текот на викендот Илон Маск во објава на платформата X наведе дека овој договор ќе помогне во финансирањето на набавката на графички процесори (GPU) од компанијата Nvidia.
„Овој лизинг ги диверзифицира нашите извори на финансирање и покрива значителен дел од капиталот потребен за реализација на нашите планови за раст“, изјавија од SpaceX во понеделникот, додавајќи дека кај инвестициите во вештачка интелигенција забележуваат „период на поврат на инвестицијата помал од една година“.
Договорот доаѓа по бурна недела за компаниите поврзани со вештачката интелигенција на пазарите на должнички капитал. Причина за тоа е зголемената загриженост поради наглото растење на трошоците во овој сектор, како и ограничените приноси што тие инвестиции ги донеле досега. Бидејќи инвеститорите бараат повисоки премии за финансирање на изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција, пазарната нестабилност ги отежна преговорите околу условите за задолжување на SpaceX. Овој долг ќе биде структуриран преку приватно пласирани должнички хартии од вредност, издадени од правен субјект кој не е дел од билансот на состојба на компанијата.
Загриженоста на инвеститорите е првенствено насочена кон таканаречените „нео-клауд“ (neocloud) компании, кои им продаваат напредни компјутерски капацитети на технолошките фирми. Маск се обидува да ја издвои својата компанија од оваа група, укажувајќи на приходите што SpaceX ги остварува преку Starlink и бизнисот со лансирање ракети, пренесува Bloomberg.
(Biznis.rs)
(фото: PExels/Jeremy Waterhouse)



























