Бројни влади и компании во Европа повеќе не сакаат да се потпираат на Starlink – технологија развиена од SpaceX, компанијата во сопственост на ексцентричниот милијардер Илон Маск. Како резултат на тоа, тие ги засилуваат напорите за спротивставување, и тоа на најмалку пет фронта. Што подразбира тоа?
- Подготвување терен за конкуренција
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даде поддршка за договор помеѓу Airbus, Leonardo и Thales за спојување на нивните сателитски и вселенски операции во еден единствен субјект – со кодно име Bromo – кој би требало да му конкурира на SpaceX. Иако за спојувањето сè уште е потребно одобрение од регулаторните тела, јавната поддршка од првиот човек на Комисијата веројатно не е случајна.
Овој заеднички потфат има за цел да го имитира дел од формулата за успех на SpaceX, преку обединување на производството на сателити, копнени системи и вселенски услуги под еден покрив. Дури и ако регулаторите го одобрат спојувањето, може да поминат години пред тоа да го достигне обемот и капацитетите на вселенската компанија на Маск.
- Блокирање на радиофреквенциите
Претходно оваа година Европската комисија започна со резервирање на клучни делови од сателитските фреквенции – познати како „спектар“ – за европските субјекти, со цел да се осигура безбедноста и да се задржи контролата врз овие високо вредни ресурси. Конкретните фреквенциски опсези што Европа ги обезбедува се особено погодни за обезбедување мобилна поврзаност директно до телефоните, без потреба од базни станици или дополнителни антени.
Овој потег веднаш наиде на отпор од компанијата на Маск.
„Предлогот создава значителна веројатност дека Европејците ќе останат без сателитски услуги кои функционираат директно до уредите, или пак дека новите европски операции ќе предизвикаат проблеми со пречки во глобални рамки – вклучително и за службите за итни случаи, како што се оние во Украина“, предупредија од SpaceX.
Европските влади сега се обидуваат да им го олеснат на европските телекомуникациски гиганти обезбедувањето на посакуваниот спектар. Иако Starlink сè уште би можел да аплицира за некои од овие сателитски фреквенции, Унијата има за цел да задржи построга контрола врз овие ресурси.
- Изградба на сателитската мрежа на Унијата
Унијата работи на развој на сопствена сателитска констелација, наречена IRIS, која треба да обезбеди безбедни комуникации за владите и сигурен широкопојасен интернет пристап за граѓаните. Сепак, овој амбициозен план доцни со години. Првично беше планирано давањето услуги да започне во 2024 година, а целосен капацитет се очекуваше до 2027 година. Трошоците исто така се зголемија, а дел од финансирањето е префрлен во следниот буџет на Унијата – прашање кое е предмет на интензивни преговори.
Лансирањето на првиот од 348-те сателити во оваа констелација сега е предвидено за 2029 година, додека почетокот на услугите се планира најрано за 2030 година. Во моментов Starlink има повеќе од 11.000 сателити во орбитата.
- Алтернатива за Украина
Во последните недели украинските сили се соочија со ограничувања на брзината на Starlink, што ги попречи нивните напори за пресретнување на руски напаѓачки дронови и изведување напади со среден дострел. Услугите беа повторно воспоставени, но Маск на платформата X објави дека земјата ги прекршува условите за користење на Starlink, бидејќи го употребува за офанзивни напади со дронови.
Поради ова, зголемен е притисокот врз извршните органи на Унијата да му овозможат на Киев користење на постоечкиот проект Govsatcom, со кој управуваат неколку земји-членки на Унијата. Овој систем стана оперативен на почетокот на 2026 година и е наменет за поддршка на критичните владини комуникациски услуги, сè додека констелацијата IRIS² не стане целосно функционална.
Преговорите меѓу Брисел и Киев официјално започнаа во март 2026 година, но сè уште нема напредок. Иако „Govsatcom“ не може да се натпреварува со Starlink, тој би можел да послужи како резервна опција.
- Правен притисок
Законодавците во Брисел во моментов работат на најмалку три законски предлози и регулаторни иницијативи кои би можеле да го попречат, забават или искомплицираат ширењето на Starlink во Европа.
Меѓу другото, предвидено е SpaceX, при поднесувањето барање за одобрување на услугите на Starlink во Унијата, да мора да ги почитува новите правила за безбедност на синџирот на снабдување. Исто така, се воведуваат построги обврски во однос на чувањето податоци, процедурите за законско пресретнување на комуникациите и именувањето правни застапници.
Истовремено, првиот закон за вселената на Унијата – кој моментално е предмет на дискусија – предвидува воведување нови правила за Starlink и другите странски сателитски оператори, кои се однесуваат на сајбер-безбедноста, вселенски отпад и заштита на животната средина.
Иако овие правила можеби нема да бидат доволни за да ја запрат компанијата SpaceX, тие предизвикаа остра реакција од Стејт департментот на САД, кој ги окарактеризира како „неприфатливи регулаторни оптоварувања“ насочени „специфично кон американските компании“. Оттаму навестија можна одмазда во вид на ограничувања за европските услуги.
(Bug.hr)
(фото: Pexels/ iCliff Agendia)




























