Американската компанија Google лансираше прототип на сателит за своето прво тестирање во орбитата, како дел од проектот Suncatcher. Целта на проектот е да се утврди дали вселената би можела да послужи како локација за инфраструктура од голем обем, наменета за компјутерски операции поврзани со вештачка интелигенција.
Според изјавата што ја пренесе Ројтерс, новата мисија – која ќе се одвива за време на претстојното лансирање Transporter 18 на компанијата SpaceX – ќе процени како хардверот на Google за вештачка интелигенција ги поднесува силите при лансирањето, зрачењето и екстремните температури присутни во ниската орбита околу Земјата.
По лансирањето, прототипот на сателитот, опремен со чиповите TPU (Tensor Processing Unit) на Google, ќе биде поставен во ниска орбита околу Земјата за да се процени дали овие чипови можат доверливо да функционираат во вселената. Вселенското зрачење може да го наруши работењето на електронските компоненти или да предизвика нивно влошување, што потенцијално може да доведе до грешки во податоците.
Од Google наведуваат дека претходно ги тестирале своите TPU чипови при извршување задачи поврзани со вештачка интелигенција во објект на Универзитетот на Калифорнија во Дејвис. Сепак, тестирањето во орбитата е од суштинско значење за да се разбере како хардверот функционира во реални услови. Компанијата, исто така, ќе го процени своето решение за ладење на чиповите со голема потрошувачка на енергија во вселенскиот вакуум – каде што конвенционалното ладење со воздух е невозможно – преку комбинација од топлински цевки и радијатори.
Google изјави дека првата мисија Suncatcher е дизајнирана за собирање податоци во орбитата и идентификување на потенцијални точки на откажување, а не за демонстрирање на работата на функционален орбитален центар за податоци.
Компанијата планира во 2027 година да лансира два сателити за тестирање на ласерски врски со голем пропусен опсег, кои се клучни за поврзување на идните компјутерски кластери.
(Euronews)
(фото: Pexels/Zelch Csaba)



























