Во последните години кинеските производители на автомобили предничат во трката за вградување сè поголеми екрани, неконвенционални електронски функции и футуристички дизајн на ентериерот. Сепак, Кина би можела да стане првата земја што ќе воведе значителни ограничувања за овие трендови. По одлуката да се забранат целосно скриените електрични рачки на вратите, кинеската влада подготвува нови прописи што би можеле да го променат дизајнот на современите возила. На удар се големите дисплеи, екраните што се преклопуваат, системите за гласовни команди, па дури и исклучително удобните седишта.
Кинеското Министерство за индустрија и информатички технологии (MIIT) претстави предлог за нови безбедносни прописи, чија цел е да се спречи воведувањето технолошки решенија што би можеле да ја загрозат безбедноста. Најголемо внимание привлекуваат екраните на допир, кои во многу нови возила речиси целосно ги заменија физичките копчиња.
Според предлогот, големите централни дисплеи, дополнителните екрани и сложените системи за проектирање информации на ветробранското стакло (т.н. head-up дисплеи) ќе подлежат на ригорозни тестирања. Ќе се проценува во која мера тие го одвлекуваат вниманието на возачот, како функционираат при екстремни температури и дали претставуваат дополнителен ризик во случај на судир. Иако тоа не значи дека сите големи екрани ќе бидат забранети, производителите ќе мора да докажат дека нивните дизајнерски решенија не ја загрозуваат безбедноста.
Многу построги мерки се предвидени за флексибилните екрани и оние што се преклопуваат – Кина може целосно да ја забрани нивната вградба. Иако ваквите решенија сè уште не се вообичаени кај возилата за масовно производство, кинеските технолошки компании веќе работат на нивниот развој. Новите прописи би можеле да го запрат нивното воведување уште пред тие да успеат да се етаблираат на пазарот.
Регулаторните тела, исто така, бараат враќање на физичките прекинувачи за основните функции, како што се светлата, бришачите на стаклата и одмаглувањето на прозорците. Овие функции не би смееле да зависат исклучиво од екраните на допир. Се подготвуваат и ограничувања за гласовното управување со функциите што се клучни за безбедноста – особено кога командите ги даваат патниците додека возилото е во движење.
Под лупа се и таканаречените седишта со „нулта гравитација“, кои се многу популарни во кинеските возила од висока класа. Овие седишта можат значително да се навалат наназад – често придружени со извлекувачки потпирач за нозе – овозможувајќи му на патникот да заземе положба речиси како да лежи. Според новите правила, ваквите функции би биле забранети додека возилото е во движење, поради ризиците што ги носат во случај на судир.
Предлогот утврдува дополнителни барања за новите модели кои ќе стапат на сила од 1 јануари 2027 година, додека за возилата што се веќе одобрени за продажба, производителите ќе треба да ја достават потребната документација до 1 јули истата година. За возилата кај кои ќе се утврдат безбедносни недостатоци, може да се донесе одлука за прекин на производството или за нивно повлекување од пазарот.
Вреди да се напомене дека Кина – земја која во последните години стана синоним за дигитализација на автомобилите – сега предводи промена кон поедноставни и побезбедни решенија. Со години, производителите се обидуваа да ги импресионираат купувачите со големината на екраните и бројот на функции, но се чини дека регулаторните тела сè појасно ставаат до знаење оти технолошкиот напредок е бесмислен доколку го прави автомобилот понебезбеден.
(Аutostart)
(фото: PExels/I’m Zion)



























