Првата персонализирана вакцина против рак во светот го намалува ризикот од повторување на меланомот или смрт за 42%

- Advertisement -

Поминаа 20 години откако австралиски истражувачи ја создадоа првата вакцина во светот, развиена специјално за спречување на рак. Благодарение на вакцината против ХПВ, Австралија е на пат да стане една од првите земји во светот што ќе го искорени ракот на грлото на матката.

Сега, истражување предводено од научници од Австралија доведе до уште еден голем пробив – овој пат во борбата против ракот на кожата. Првата персонализирана мРНА (mRNA) вакцина против рак покажа успех во клиничко испитување од трета фаза, намалувајќи го ризикот од повторување на меланомот или смртен исход за 42 отсто, во споредба со примената само на стандардна имунотерапија.

- Advertisement -

Резултатите се дури и подобри отколку што очекуваа научниците. Главниот истражувач на глобално ниво, медицинскиот онколог Џорџина Лонг од Институтот за меланом во Австралија (MIA), ги презентираше резултатите на Конгресот на Европското друштво за медицинска онкологија во 2026 година. Предвидено е резултатите да бидат објавени во списанието New England Journal of Medicine.

„Овие наоди претставуваат суштинска промена во нашиот пристап кон ракот: искористување на имунолошкиот систем на поперсонализиран начин, со цел да се намали ризикот од повторување на меланомот или смрт. Ова досега не е постигнато во историјата на развојот на лекови против рак.“, вели Лонг.

- Advertisement -

Вакцината базирана на мРНА е развиена од компаниите Moderna и Merck, а е дизајнирана да спречи повторна појава на меланомот по хируршката интервенција.

Прво, истражувачите го секвенцираат туморот на секој пациент, а потоа утврдуваат што го издвојува „отпечатокот“ на тој тумор од другите, здрави клетки во телото. Вакцината, заснована на тие информации, всушност создава персонализиран „опис на бараниот непријател“ (како потерница) за имунолошкиот систем на самиот пациент.

- Advertisement -

„Ова се испорачува во форма на мРНА, па така сопствените клетки на телото му го прикажуваат тој опис на имунолошкиот систем, покажувајќи му точно на што треба да внимава и што треба да нападне“, објаснува Лонг.

Лекот делува во комбинација со веќе постоечка имунотерапија наречена „китруда“ (Keytruda – пембролизумаб).

„Ракот може да го измами имунолошкиот систем преку лажно, пријателско ракување, поради што имунолошкиот систем ја доживува канцерогената клетка како нормална. Пембролизумаб го блокира тоа ракување, овозможувајќи им на имунолошките клетки да го препознаат ракот и да го нападнат; сепак, станува збор за еден ист лек за сите пациенти.“ објаснува Лонг.

Прилагодувањето на третманот, кој се применува заедно со пембролизумаб, се чини дека ги подобрува резултатите.

Во клиничкото испитување од трета фаза учествуваа повеќе од 1.100 пациенти од 157 центри ширум светот, а резултатите ги потврдуваат импресивните наоди од испитувањето во втора фаза, објавени во 2024 година. Кај пациентите кои останале без траги од ракот шест месеци по започнувањето на третманот ризикот од повторна појава на меланом или смрт бил намален за 58 отсто во споредба со примената на пембролизумаб како единствена терапија.

Вакцината базирана на mRNA сè уште не е достапна за пациентите во Австралија или во САД, но резултатите се веќе предмет на регулаторна проверка. Тој процес може да потрае неколку години, во зависност од земјата. Во Австралија, која има една од највисоките стапки на појава на меланом во светот, едно лице умира од овој вид рак на секои 6 часа.

(Science Alert)

(фото: PExels/SHVETS production)

- Advertisement -