Српските власти и руската државна корпорација Росатом започнаа разговори за проект за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави српскиот амбасадор во Москва Момчило Бабиќ.
Бабиќ изјави за руската “Известија” дека се водат сериозни разговори со Росатом.
„Не мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија“, рече Бабиќ..
За потсетување, во ноември 2024 година српскиот Парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, кој беше на сила од 1989 година, по несреќата во Чернобил.
Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година.
Белград моментално избира партнер за овој стратешки проект, а освен Русија, како што пишуваат руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција.
Во септември оваа година српската влада потпиша два меморандуми за разбирање за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека француската EDF е ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според „Известија“, понудата на Росатом се смета за најповолна бидејќи ги вклучува сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и отстранување на отпад.
Како можни опции, како што се вели, се разгледува голема електрана со два реактори VVER-1200 или помали модули од типот RITM-200 и RITM-400.
Се очекува дека преговорите меѓу Србија и Русија би можеле да траат една или две години, по што би следела изградбата.
Според претходната пракса, Росатом би можел да обезбеди и поволен заем за спроведување на проектот.
Сепак, експертите предупредуваат дека Европската унија би можела да се обиде да го ограничи руското учество, со оглед на процесот на хармонизација на Србија со европското законодавство и притисокот врз Белград да се придружи на санкциите против Москва.
(Biznis.rs)
(фото: Needpix)