Се укинува пролетниот распуст за основното и средното образование, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање на настан во општина Гази Баба. Министерството за образование и наука (МОН) во јули испрати прашалник до наставниците, родителите и до учениците, да кажат мислења во врска со оваа тема, по што следува одлуката за укинување.
„Финалните одговори на родителите и повозрасните ученици покажаа дека не сакаат пролетен распуст и оваа година нема да има. Во одговорите наведуваа дека учениците губат од континуитет, дека помалите ученици нема кој да ги чува за време на тој распуст, дека едноставно тој распуст прави повеќе компликации одошто носи бенефити“, рече министерката.
Мета, минатата година, кога министер беше Јетон Шаќири, објави дека МОН воведува за прв пат пролетен распуст во траење од една недела во месец мај.
„Пролетниот распуст ќе трае од 29 април до 5 мај. Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави. Инаку, учебната година започнува на 1 септември. Првото полугодие ќе трае до 30 декември. Второто полугодие, пак, започнува на 22 јануари и учебната година завршува на 17 јуни“, кажа лани Шаќири.
Учебната година ќе почне на 2 септември и ќе заврши на 10 јуни, а не на 17, како што беше оваа учебна година.
(Meта)
Фото – Pxhere