Жителите на Австрија од средината на јуни нема повеќе да мора да носат заштитни маски во училиштата, продавниците и во туристичките локалитети откако бројот на активни случаи на заразени со корона вирус во земјата се намали на помалку од 650.
Австрија беше меѓу првите европски земји кои воведоа задолжително носење заштитни маски уште на почетокот на април со цел да го спречи ширењето на пандемијата на КОВИД-19. Иако таа мерка ќе биде нзачително ублажена од средината на јуни натаму, сепак нема да биде целосно укината.
Заштитните маски и понатаму ќе се носат во јавниот превоз, во фризерниците и рестораните, како и во текот на јавните настани на кои е невозможно да се држи социјална дистанца од еден метар.
„Ќе ги укинуваме маските полека, чекор по чекор. Новата фаза значи помалку правила, а повеќе индивидуална одговорност. Ние сме на вистински пат“ изјави канцеларот Себастиан Курц.
Новата политика за носење маски е само еден чекор од напорите на австриската влада да се врати на нормалниот живот. Хотелите и фитнес салите беа отворени денес, откако претходните недели беа отворени продавниците, училиштата и рестораните.
(фото: Freepik)