Џејми Грунлан, светски познат вински оценувач: вината на „Тиквеш“ имаат најдобар однос цена-квалитет во цел свет!

- Advertisement -

Пишува – Верица Јорданова

Винаријата Тиквеш е основана во далечната 1885 година. Освен епитетот најстара, оваа винарија сè уште го држи приматот на најголема во југоисточна Европа и уште поважно винарија со најголем број меѓународни награди за квалитет што сите нас не прави горди. Не само заради оваа винарија, туку и заради долгата традиција на правење вино на овие простори.

- Advertisement -

Бројните награди и растечкиот извоз зборуваат многу за квалитетот на вината кои гордо ја носат етикетата „Тиквеш“, но задоволството кога и странците, патем добро едуцирани познавачи на вино, ќе ги потврдат одличните оценки е навистина големо.

Деновиве на посета во Македонија беа Мелиса и Џејми Грунлан, професори од Универзитетот Тексас А&М од САД кои се ентузијасти и вљубеници во вино и кои многу често дегустираат вина од целиот свет.

- Advertisement -

И оваа посета на Македонија не можеше да помине без посета на Тиквешкиот регион, кој за нив е „долина на виното“ и многу често го споредуваат со долината Напа во Калифорнија. Возбудата за посетата на винаријата Тиквеш беше дотолку поголема што професорот Џејми Грунлан во моментот се наоѓа помеѓу топ 10-те оценувачи на апликацијата Вивино (Vivino) која во светски рамки има над 60 милиони корисници. Станува збор за најголемата заедница на вински оценувачи и љубители на вино. Со оглед на позицијата на Грунлан на оваа влијателна социјална мрежа, може слободно да се каже дека тој е еден од најзначајните инфлуенсери во светот на виното.

Времето кога стигнавме во Тиквеш беше студено и врнежливо, но идеално за винската дегустација која започна после разгледувањето на винскиот подрум од 1,500 квадратни метри, еден од најголемите во поширокиот регион. Импресивно беше да се види и архивата на вина во која се чуваат примероци од сите вина од секоја година, а најстарото шише во оваа просторија датира од 1965 година.

- Advertisement -

Енолозите Невенка Јанева и Горан Трајков беа нашите домаќини кои со голема стручност, но над се со голема љубов и ентузијазам им ги претставија брендовите на „Тиквеш“ и винските сорти на грозје од кои тие ги прават вината.

Тие се дел од стручниот тим од околу 15 енолози на чело со главниот енолог Марко Стојаковиќ, кои се грижат вината на Тиквеш да бидат произведени, складирани и спакувани како што треба. Презадоволни се што минатата берба поминала со одличен квалитет на грозје, па во текот на оваа година имаат полни раце работа.

Мојот генерален впечаток за македонското вино е дека е со исклучително висок квалитет. Исто така имате вински сорти кои ги нема ниту во САД, ниту на други места во светот. За мене вранецот е откритие и предизвикува голема возбуда да научам многу повеќе за оваа сорта. Но, и темјаниката е нова винска сорта за мене, одлично грозје од кое се добива вино со навистина уникатна палета која ме потсетува на хибриден микс од совињон бланк и ризлинг. На пријатен начин сум изненаден од квалитетот на виното, но и од познавањето на луѓето за винската култура. Слободно можам да кажам дека QPR-от на македонското вино (односот помеѓу квалитетот и цената на виното) е најдобро во светот“, е неговата генерална оценка.

Грунлан потенцира дека виното, луѓето и климата го прават целиот регион многу уникатен, со голем потенцијал за туризам кој треба да понуди пред сè уникатно искуство.

Дегустацијата на вина овде во винаријата „Тиквеш“ е на многу повисоко ниво од многу други земји во светот. Доволно е само да се погледне оваа маса и веднаш е јасно за какво ниво станува збор. Моето омилено вино е Каберне Совињон од Напа, каде исто така се прават голем број на дегустации со туристи и вински љубители од цел свет, но дефинитивно не на вакво ниво. Таму дегустациите се повеќе бизнис ориентирани кон продажба, отколку кон нудење на искуство. Овде, во „Тиквеш“ преку оваа дегустација дефинитивно може да ја почувствуваме културата на народот. Луѓето се многу пријателски настроени и расположени да разговараат за виното“.

Џејми и Мелиса Грунлан во својот дом во Тексас имаат винска колекција од 12.000 шишиња вино од цел свет

Ова дефинитивно е одлична поента, која досега ја заклучиле многумина кои ја посетуваат Македонија и го пробуваат македонското вино.

Јас лично оваа посета на „Тиквеш“ ја дожувувам многу уникатно. Не се чувствувам како во Напа во Калифорнија, не се чувствувам ни како во Бордо во Франција. Всушност не би сакала да дојдам овде и да имам впечаток дека сум во Напа. Уникатноста на виното, атмосферата и сензибилитетот на луѓето во Македонија е она што нам овде многу ни се допаѓа“, дополнува Мелиса Грунлан.

Енолозите Невенка Јанева и Дарко Трајков

За време на дегустацијата доста се дискутираше на процесот на правење на виното, од определување на времето за берба па се до неговото зреење и пуштање во промет. Со следење на оваа дискусија лично јас можев и многу да научам. Дека вината на Тиквеш зреат исклучиво во француски дабови буриња, од кои зависно од времето на зреење ги добиваат аромите на ванила, тутун, темно чоколадо или зачини.

Освен веќе добро познатите вина од линијата на „Луда Мара“, „Барово“ и „Бела Вода“ ги пробавме и поновите вина „Viognier и Sovignon Blank, како и премиум тероар вината под етикетата на Domain Lepovo.

Енолозите кои со нас поминаа неколку часа објаснувајќи ни го и процесот на производство на вино и спецификите на секое од 14-те вина кои имавме прилика да ги пробаме, со ентузијазам зборуваа за новитетите кои енолошкиот тим на винаријата „Тиквеш“ планира да ги внесе во широката палета на вина. И покрај одличната продажба, задоволителниот пласман на странски пазари и свесноста за самиот бренд, внесувањето на новитети и дел од светскиот тренд за правење вина и мешање вински сорти е дел од стратегија за развој и следење чекор со барањата на потрошувачите. Така, дознавме дека во моментов неколку енолози од „Тиквеш“ се во Нов Зеланд каде е време на берза на грозје, каде доминира Совињон Бланк и веројатно се произведува најубавото бело вино од оваа сорта.

Времето поминато во Тиквеш беше одлична можност да се презентира традицијата, уникатноста и квалитетот на македонското вино. Да се научи доста за комплексностоста на процесот на правење добро вино и правилниот начин за негово конзумирање, а секако да се добие и драгоцен feedback од луѓе кои патуваат ширум светот, дегустираат и оценуваат различни вина. Дефинитивно имаме со што да се пофалиме и да сфатиме дека уникатното искуство кое го нуди македонското вино искомбинирано со локална храна и гостопримливи домаќини е формулата за успех.

Сподели!
- Advertisement -