Катерина Јовановска: со ветеринарен софтвер ја следиме употребата на антибиотици кај животните, клучна за квалитетот на храната!

- Advertisement -

Новиот софтвер на компанијата „Фенду“ ќе обезбеди поголема евиденција за третманот на животните во ветеринарните амбуланти, особено за употребата на антибиотици и следење на заразните болести. Овој софтвер веќе неколку месеци го користат 160 ветеринарни станици низ целата земја.

Идејата за дигитализација на податоците врзани за здравјето на животните постои одамна, но ова е првиот систем за секојдневно работење кој почнал да функционира кај нас, вели во интервју за „Иновативност“, Катерина Јовановска од Ветеринарната комора на Македонија.

- Advertisement -

Таа објаснува дека бенефитите од воведувањето на системот се повеќекратни, а покрај тоа што ќе се олесни работењето на докторите, грижата за здравјето на животните ќе се подигне на повисок степен, што ќе резултира со поквалитетни прехранбени продукти кои излегуваат од фармите.

Г-ѓа Јовановска, може ли подетално да ни објасните како функционира софтверот наменет за ветеринарните друштва и амбуланти?

- Advertisement -

Новата апликација овозможува секое ветеринарно друштво да води евиденција за одгледувалиштата за кои тоа е матично ветеринарно друштво. Во тоа е вклучена евиденција за животните и интервенциите кои се извршени, како на пример:

  • Дехелметизација 
  • Вакцинација
  • Вештачко осеменување 
  • Терапија 
  • Дезинфекција

Апликацијата е достапна преку интернет, без ограничување на уредот од кој се користи, ниту на бројот на уреди од кои се користи, што значи дека ветеринарите можат освен на компјутери да ја користат и на паметни телефони и на таблети.

- Advertisement -

Ветеринарната комора на Македонија генерираше лозинки за сите ветеринарни друштва во земјава, а при првата најава, секое од нив ќе мора да ја промени, со цел да се задржи тајноста и безбедноста на податоците.

Што е намената на софтверот, за каков вид на евиденција или анализа ќе се користат податоците кои ќе ги генерира?

Со интегрирање на елементите во единствена платформа, ветеринарните друштва можат да остварат значајни заштеди на време и трошоци, да ја зголемат продуктивноста  и да ја подобрат грижата за клиентите.

Можноста за следење на користењето на антибиотиците е еден од клучните моменти на оваа програма, што директно е поврзано со добивање на здрав продукт од фармите. Во иднина, корисниците на продуктите, на пример млекарниците, ќе бидат сигурни во квалитетот на производот кој го откупуваат. Оваа програма како техничка интеграција го поддржува следењето на клучните фактори кои влијаат врз здравјето на животните и луѓето.

Какви податоци ќе забележуваат ветеринарните доктори во системот?

Софтверот овозможува евиденција на податоците за секое животно и ветеринарните интервенции кои ги преземал ветеринарот како дијагнозата, терапијата, употребата на антибиотици и каренца, вакцинација, вештачко осеменување, податоци за најчестите болести на поедина фарма итн. Софтверот е еден вид поддршка на ветеринарните друштва, како и олеснување во управувањето на ветеринарните клиники, болници и амбуланти преку евиденција, следење и мониторинг на професионалните активности и услуги.

Тоа значи дека е наменет за секоја ветеринарна амбуланта или ветеринарна служба на одгледувалиште на фарма, каде услугите или интервенциите се извршени од доктор по ветеринарна медицина, кој е одговорен за здравствениот статус на животните на одгледувалиштето.

Дали нашите ветеринарни амбуланти веќе го користат новиот софтвер? Дали имате информација од корисниците, кои се бенефитите од неговото користење?

Софтверот е пуштен во употреба од јуни годинава. Сите 160 ветеринарни друштва во државата и 350 доктори по ветеринарна медицина кои се вработени во нив и кои се грижат за здравјето на животните добија свои лозинки преку Ветеринарната комора на Македонија. Бенефитите, пак, се повеќекратни. Работењето на докторите се поедноставува, времето за заведување на секоја интервенција е многу побрзо, имаат брз пристап до досието на секое животно на кое е извршена претходна интервенција, како и точен податок за тоа што точно е извршено, каков лек е даден и каква е состојбата на животното денес. Тоа значи дека времето на работа во административниот дел е намален, што директно се рефлектира преку зголемување на ефикасноста на терен. Ветеринарот во секој момент може на сточарот да му даде податок за историјата на лекување и третирање на животното.

Во блиска иднина во план е и усовршување на системот. Ќе се подобрува делот за генерирање на  извештаи од системот, а во меѓувреме се анализираат и сугестиите на ветеринарите, врз основа на нивното досегашно искуство со користење на системот.

Активноста за воведување софтверот за интегрирана ветеринарна програма на Ветеринарната комора на Македонија е финансирана преку грант од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Проектот работи на подобрување на деловните услуги во земјата, како и на зголемување на продуктивноста на млекопроизводствената индустрија и други синџири на добавување.

Сподели!
- Advertisement -