Вкупно 22,38 милиони хектари изгореа во првите девет месеци од 2024 година, што е зголемување за 150% во споредба со истиот период во 2023 година, се вели во извештајот на иницијативата MapBiomas.
Областа одговара на околу 2,6% од бразилската копнена површина, е поголема од Белорусија (20,29 милиони хектари) и речиси колку Романија (23 милиони хектари).
За потребите на извештајот мрежа составена од универзитети, невладини организации и технолошки компании анализирала сателитски снимки и други податоци.
Повеќе од половина од опожарената површина била во регионот на Амазон. Само во септември таму изгореle 5,5 милиони хектари – скок од 196% во споредба со истиот месец во 2023 година.
Сушната сезона во Амазонија, која вообичаено трае од јуни до октомври, беше особено тешка оваа година и дополнително ја влоши пожарната криза во регионот, рече Ане Аленчар од MapBiomas.
Амазонската прашума, наречена „белите дробови на планетата“, апсорбира јаглерод диоксид од атмосферата и игра клучна улога во борбата против климатските промени.
Во септември, Серадо, бразилски екорегион, кој е дом на околу 5% од сите растителни и животински видови на Земјата, беше најпогоден од пожарите во однос на површината, со 4,3 милиони хектари.
Погоденото подрачје е зголемено за 158% во однос на истиот месец лани.
Во септември пожарот уништи речиси 318.000 хектари од Пантанал, најголемото мочуриште во светот, што е зголемување за 662% во споредба со истиот месец минатата година.
Според податоците на бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања, кој е одговорен за сателитски мониторинг, од почетокот на годината во оваа јужноамериканска земја се забележани најлошите пожари во последните 14 години.
(MapBiomas)
(фото: Snappy Goat)