Македонски Телеком ја измери досега најголемата брзина на пренос на податоци на мобилната мрежа во земјава и во регионот од над 500 Mbps за симнување (download). Се планира во наредните години со инвестиции од над 60 милиони евра овие брзини да бидат достапни за сите корисници.
Во јуни годинава со воведување на нова технологија се постигна двојно поголема брзина во споредба со 4G. Овие брзини, како што беше најавено, веќе се достапни за корисниците на Скопјe центар, а до крајот на годината ќе бидат достапни и во другите поголеми градови.
„Со новата технологија ќе можете да симнете филм од 2 гигабајти за 20 секунди, додека го направите вашето еспресо. Направивме уште еден еволуциски чекор во технологијата – брзината што денес ја измеривме е најголема измерена брзина не само во Македонија туку и во регионот и работиме на тоа да стане достапна за сите корисници во наредните 2 години“ изјави Андреас Елснер, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Освен мобилната, Македонски Телеком ја надградува и фиксната мрежа. Иако брзината од 1 гигабит во секунда веќе е достапна за корисниците со оптика, надградба се прави на постојната бакарна линија со понапредна технологија, со што до крајот на годината над 100.000 корисници кои се на бакар ќе имаат техничка можност за двојно поголеми брзини. Оваа технологија ќе им овозможи побрз интернет и подобра ТВ услуга.
Освен надградбата на мрежите, кои сега достигнуваат големи брзини, Македонски Телеком воведува и услуга – Telekom Safe Net, која ќе ги заштити корисниците од злонамерни софтвери, крадење на лични податоци, вируси или хакирање при сурфање на интернет преку мобилната мрежа. Услугата функционира без разлика на типот на мобилниот уред или оперативниот систем и ќе може да се активира преку веб страна која ќе се појави во интернет прелистувачот кога корисникот ќе биде поврзан на мобилната мрежа. Со оваа услуга, која се воведува за прв пат на пазарот, корисниците ќе бидат заштитени од небезбеден интернет сообраќај и освен најбрзата, ќе ја користат и најбезбедната мрежа.