17.1 C
Skopje
сабота, јуни 6, 2020

Сите компании кои генерираат амбалажен отпад мора да плаќаат за некој да го собере и рециклира отпадот!

Kabtel desktop

До 2018 година целта на колективниот постапувач со амбалажен отпад Пакомак е да се собира половина од отпадот од амбалажа кој го создаваат неговите членки. Од година во година расте процентот на собран амбалажен отпад, но има уште долг пат до постигнување на европскиот стандард за однос кон чистата животна средина и рециклирање на веќе употребената амбалажа. За улогата на Пакомак во овој сложен процес разговараме со Филип Ивановски, директор на Пакомак

 

(Разговараше – Верица Јорданова)

  • Пакомак секога година ги зголемува количините на собран амбалажен отпад. Неодамна го објавивте последниот извештај за 2016 година. Каква е моменталната состојба на терен? Се подобруваат ли тенденциите во поглед на селектирање и рециклирање?

Ние секоја година имаме амбиција и цел за 5% да ја зголемиме стапката на рециклирање  на количините на собран отпад од амбалажно пакување. Во 2016 тоа беше 40% од вкупно пријавените количини на нашите членки, годинава целта е да достигнеме 45%, а догодина 50%.  До 2020 година треба да собираме 60% од отпадот што се генерира од пакување.

Позитивното е што секоја година се зголемуваат количините отпад кој го собираме. На пример, минатата година собравме околу 18 илјади тони отпад од пакување, а оваа година ќе стигнеме до околу 20-21 илјада тони. Во најголем дел тоа е хартија, потоа следи пластиката, па стаклото кое очекуваме оваа година да достигне количина до 2.000 – 2.500 тони годишно, отпад кој досега завршувал во разни депонии. Тие 2.500 тони стакло се собрани од населението и од угостителството, преку новите зелени контејнери за стакло поставени на голем број локации. Во Македонија на годишно ниво се генерираат околу 700 илјади тони комунален отпад, од кои околу 100 илјади тони се отпад од пакување.

Кај нас во Пакомак се пријавуваат околу 45 илјади тони  годишно или 40% од вкупно  проценетите над 100 илјади тони амбалажен отпад кој што се генерира во земјава. Нашите членки отприлика секоја година пријавуваат слични количини, со мал раст како резултат на зголемената продажба. За споредба, во 2011 година кога почнавме имавме 42 илјади тони пријавени отпад, а во 2016 имаме 45 илјади тони.

  • Од овие 100 илјади тони амбалажен отпад на ниво на држава, дали сите се пријавуваат и колкав процент од отпадот не е во системот?

За жал, кај нас има многу компании кои генерираат отпад, а не се дел од колективен систем за собирање на отпадот од пакување после конзумација на нивните производи. Тука пред се спаѓаат компании кои увезуваат овошје и зеленчук и наша проценка е дека тој процент достигнува дури 40% од тие 100 илјади тони. Тоа е навистина голема количина, особено ако се земе предвид дека на европско ниво количината на непријавен амбалажен отпад е максимум 5-10% од вкупно создадениот.

Реагиравме неколку пати и до соодветниот Инспекторат и до Министерството за животна средина бидејќи сметаме дека тие дополнителни средства кои ќе се соберат од компаниите се важни затоа што ќе се инвестираат во контејнери за селекција на отпад. Од друга страна ни самата индустрија не е во рамноправна позиција бидејќи едни компании плаќаат, а други не за својот отпад. Можеби треба да се размислува да се воведе механизам таа давачка да се плаќа уште при увоз во земјата затоа што производите се конзумираат во Македонија и овде завршува отпадот.

  • Во овие седум години откако Законот е на сила, кој е најголемиот придонес или позитивните ефекти и од законот и од работењето на Пакомак?

Едната работа е тоа што секоја година се повеќе и повеќе се собира отпад од пакување, тоа е материјалниот ефект од постоењето на Пакомак. Друг бенефит што мислам дека е резултат од нашата работа е подигањето на еколошката свест кај луѓето во овие седум години. Тука е и загадувањето на воздухот кое се поврзува со правилното селектирањето на отпадот, а со тоа помалку се палат депонии и помалку се ослободуваат стакленички гасови. Свеста на граѓаните е веќе сериозно подигната на повисоко ниво. Правевме едно истражување на почетокот на годината во урбаниот дел во Македонија, во 9 градови и секаде граѓаните одговараат дека би го селектирале отпадот доколку има доволен број контејнери на улиците. Ова наше сознание настојуваме да го имплементираме и да најдеме што повеќе средства да купиме повеќе контејнери за општините и комуналните претпријатија. Со тоа ќе им овозможиме на граѓаните навистина да имаат избор да селектираат.

  • Тоа истражување покажа дека во Македонија се потребни уште околу 4 000 локации за контејнери за селектирање.

Во Македонија сега има околу 4.000 – 5.000 локации за одлагање на комунален отпад, а само во Скопје се околу 1 200 точки каде луѓето фрлаат отпад.

Според нашите проценки би требало да се постават околу 10 000 илјади контејнери на исто толку локации. Ако за еден контејнер се потребни во просек околу 150 евра станува збор за вкупна инвестиција од 1,5 милиони евра која ние никако не можеме сами да ја направиме како индустрија. Уште толку средства треба и за возила кои ќе ги сервисираат тие контејнери. Тука мора да се вклучат и општините кои имаат законска обврска да им обезбедат на граѓаните избор за селекција на отпад. Од друга страна, ако општините добро го селектираат отпадот во старт, ќе им се намалат количините кои сега ги депонираат на диви депонии. Дополнителен бенефит е што од материјалот што го селектираат ќе можат и да заработат. Мислам дека општините веќе  го сфаќаат ова и верувам дека после локалните избори ќе имаме нов циклус на  поставување контејнери за селекција на отпад и поинтензивна соработка со општините.

2020 година, кога треба да собереме 60% од вкупните количини на отпад е за три години од сега. Во тој период се потребни значителни инвестиции во инфраструктура на локално ниво. Веќе ги имаме поставено елементите во овој ланец и сега се обидуваме да ги „испегламе“ врските за да може ланецот да функционира посинхронизирано и низ него да поминува поголема количина на отпад.

  • Значи имаме малку нелогична ситуација, веќе се забележува повисоката свест кај граѓаните за селектирањето, а од друга страна инфраструктура којашто не постои или таму каде што ја има се уништува?

Прв проблем е што нема доволна инфраструктура затоа што нема финансиска поддршка, а втор проблем е таму каде што се поставува или се уништува од несовесни граѓани или систематски од неформалните собирачи кои ги гледаат овие контејнери како нивни конкуренти. Сеуште настојуваме да најдеме решение кое ќе ги интегрира овие луѓе тоа да го прават официјално за овластени компании и да заработуваат достоинствена плата. Министерството за труд и социјала покажа интерес, имавме и средба со министерката за прашањето со неформалните собирачи. Една од опциите е да бидат дел од комуналните претпријатија како посебна единица која се грижи само за отпадот од пакување, или, може да биде форма како јавно – приватно партнерство каде тие ќе бидат ангажирани како социјално претпријатие со платени придонеси и здравствено осигурување . Она што е многу битно е тоа што децата на сегашните неформални собирачи, да ги одвоиме од улицата во следниве 5 до 10 години, за да не бидат како нивните родители неформални собирачи, туку да бидат едуцирани граѓани со еколошка свест.

  • Истражувањето покажало дека многу голем придонес постои и од активноста која Пакомак ја има во училиштата каде преку различни активности се подига еколошката свест уште од најмала возраст.

Ние сфативме дека краткорочни решенија и резултати нема во ова што ние го работиме. Активностите во училиштата ги спроведуваме континуирано веќе 5-6 години и така ќе продолжиме. Нас оваа активност не чини многу средства, а ефектите ги очекуваме на долг рок со креирање нови генерации со висока еколошка свест.

  • Што е во фокуст на Вашето работење за 2017 година?

Годинава во нашиот фокус е собирањето на стакло. До крајот на годината ќе има околу 200 точки низ Скопје каде граѓаните ќе можат да ги собираат своите стаклени шишиња, тегли итн. Во  рестораните, хотелите и кафулињата каде се генерира доста стаклена амбалажа го зголемивме двојно собирањето на стаклена амбалажа во 2017 година. Овде сакаме дополнително да се прошириме, на комплетно непрофитна основа. Добро е тоа што овие објекти ги користат кантите кои сме им ги дале за селектирање на отпад и не сметаат како позитивен услужен партнер. Постојат ресторани кои собираат и над 1 тон стакло месечно и каде секој ден поминуваме да го собираме стаклото.

  • Дали контејнерите за стакло ќе бидат поставени и во другите градови?

Поставивме во јуни по 15 контејнери во Охрид и Струга каде тој период имаат доста стакло поради туристичката сезона, а има и во Прилеп и Струмица. Веројатно до Нова година ќе ставиме по 15 контејнери за стакло во Штип и Велес. Бидејќи средствата се тие, прво се обидуваме да ги покриеме поголемите урбани средини. Но, да не заборавиме дека се почнува од граѓаните! Затоа и вложувањето во јакнење на свеста за селекција на отпадот не треба да се потцени!

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •