Време е за будење!

- Advertisement -

пишува Д-р. мед.сци. Маја Милованчева-Поповска, интернист-нефролог
Промедика Медикал Центар

Има многу нешта што можеме да ги направиме за да ги превенираме болестите. Ние не можеме да ја промениме нашата фамилијарна историја, но можеме да ја промениме нашата исхрана, физичката активност и да престанеме со пушење цигари. Дури и едноставни активности како што се дружење со пријателите и смеење со нив има влијание на намалување на стресот и со тоа намалување на ризикот од болести. Доброто физичко и ментално здравје и превенцијата се исплатливи мерки кои може да се превземат за да се превенира непотребна болест и смрт.

- Advertisement -

Од каде доаѓаат машките митови?
Последниве години се отвори вратата кон машкото здравје и “типичното машко” однесување закоравено со години. Почнавме да се прашуваме зошто мажите се наклонети толку многу да се фалат за достигнувањата, сексуални и секакви други. Машките хормони влијаат на машкото однесување, но тие не кажуваат се за приказната. Многу културни елементи влијаат на машкото однесување. Калапот за мажите започнува да се формира долго време пред хормоните да го преплават машкото тело. И затоа, не е за изненадување што мажите не сакаат да признаат дека имаат проблем, а камоли да појдат на лекар за помош.

Една третина мажи се немаат проверено претходната година, а голем процент не биле на лекар последните 5 години. Просечен маж многу се гордее со својот автомобил и знае дека без оглед на изработката или староста, тој треба да се одржува во топ форма за да биде претставителен и сигурен. Зошто мажите се грижат за машина за што требаат само пари за да се смени или поправи, а го игнорираат единственото тело кое го имаат? Од рана возраст културата учи дека вистинскиот маж е „блиндиран.” Мажите не одат на лекар поради страв, срам, негирање на проблемот и загрозената машкост. Да се биде болен или дури да се прифати таа можност е исто како да се признае слабост. Тоа ја загрозува машката гордост. Но, неодењето на лекар не ја превенира болеста. Мажот ги игнорира работите кои не треба да ги игнорира и потоа плаќа висока цена за последиците. Голема е веројатноста игнорираниот проблем прогресивно да се влошува и да стане дури смртоносен.

- Advertisement -

Тестикуларен карцином

Бројот на слуачи на тестикуларен карцином скоро е пораснат двојно од средината на 1970 години. Овој карцином е релативно редок, 1% од сите карциноми кај мажите. Ако рано се детектира е еден од туморите кои најлесно се лекуваат. Ако не се дијагностицира и лекува во раниот стадиум, може да се шири преку лимфните јазли во белите дробови и други делови на телото.

- Advertisement -

Тестикуларниот карцином е особено опасен бидејќи нема симптоми асоцирани со него. Најчесто, првиот знак е јазол (како зрно грашок во самиот тестис) или оток на тестисот и негово зголемување. Некои тестикуларни тумори може да предизвикаат болка или чувство на тежина, но најчесто болка нема. Ретко, некои тумори создаваат хормони кои предизвикуваат раст на градите и нивна болна осетливост. Ако туморот создава андрогени (машки полови хормони) може кај момчиња да се јават знаци на ран пубертет (продлабочување на гласот, влакнетост на лицето и по телото).

Наодот на јазол не мора да е карцином, но важно е да се направи лекарски преглед за сите јазли кои ќе се откријат. Ултразвучниот преглед може да визуелизира било какви промени во тестисите.

Пет важни здравствени проблеми и симптоми кои мажите не треба да ги игнорираат

Важно е да бидете свесни за промените на вашето здравје и да појдете на лекар веднаш ако приметите нешто што не е во ред.

Јазол на тестисот – тeстикуларниот карцином е најчест кај мажи на возраст од 20 до 35 години. Се препорачува редовен самопреглед.

Проблеми со мокрењето – кога простатата е зголемена таа врши притисок на каналот (уретра) низ кој минува урината. Ова може да даде тешкотии при мокрењето, што е знак за болест на простатата.

Импотенција – многу мажи имаат проблем со одржување на ерекцијата во даден период од животот. Побарајте помош ако проблемот трае повеќе недели.

Бемки – редовно проверувајте ги бемките дали имаат некакви промени во формата, бојата или да не крварат.

Чувство на депресија – ако сте депресивни, може да изгубите интерес за нештата во кои уживате. Побарајте помош ако се чувствувате силно тажни.

Следетe ги знаците на вашето тело и реагирајте брзо секогаш кога ќе забележите некои од овие симптоми. Промедика Медикал Центарот е установа во која персоналот е максимално посветен на поставување на соодветна дијагноза, терапија и и сето тоа со цел да не ја изневерат Вашата одлука – грижата за Вашето здравје да им ја препуштите нив.

Сподели!
- Advertisement -