Можностите за соработка со Зелениот климатски фонд претставени денес во Скопје

- Advertisement -

Повеќе од 100 експерти, практичари и носители на одлуки од земјата и регионот, кои работат на полето на климатските промени, животната средина и одржливиот развој, се среќаваат денеска и утре во Хотелот Александар Палас во Скопје за да се запознаат со националните и регионалните можности за соработка со Зелен климатски фонд (ЗКФ).

Дводневната Работилница за градење на национални капацитети и подигнување на свеста за искористување на средства од Зелен климатски фонд ја организира Кабинетот на Вицепремиерот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања како Национален Овластен орган за Зелен климатски фонд, со техничка поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) и Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП). Работилницата е дел од иницијативата на ФАО за поддршка на националната подготвеност за искористување на можностите од ЗКФ, преку градење на капацитетите и подготвеноста на државните институции за искористување на средства од Фондот за ниско-емисион одржлив развој и отпорност кон климатските промени.

На работилницата учествуваат владини претставници од земјата, државни институции, релевантни министерства, агенции на ОН, претставници од Секретаријатот на Зелен климатски фонд, донатори, граѓански организации, професори, како и владини преставници од Национални Овластени органи и постојани координатори на ОН од земјите од Западен Балкан.

- Advertisement -

За решавање на глобалните предизвици од климатските промени, потребно е колективно дејствување од сите земји, а истовремено потребни се решенија кои ќе се координираат на меѓународно ниво. Развиените земји ја увидоа потребата од меѓународна соработка за помош на земјите во развој во нивните напори за градење на ниско јаглеродна економија, отпорна на климатските промени. Меѓу овие напори, напредните економии одлучија заеднички да мобилизираат значителни финансиски ресурси и да го основаат т.н. Зелен климатски фонд (ЗКФ) со цел да придонесат за обединет глобален одговор на климатските промени.

ЗКФ е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16-тата Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, како дел од финансискиот механизам на Конвенцијата. Фондот ги поддржува напорите на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на негативните влијанија од климатските промени. На денешната работилница, експертите од Секретаријатот на ЗКФ ќе ги презентираат можностите за искористување на средства од Фондот, вклучително инвестициски критериуми, области за стратешко влијание, како и пристап до финансирање преку моделот на акредитирани субјекти.

- Advertisement -

ФАО е акредитирана за ЗКФ како ентитет за имплементирање на грантови. Многу предизвици релевантни за мандатот и работата на ФАО се таргет на клучните инвестициски приоритети на ЗКФ и многу области во кои ФАО активно работи се вклучени во националните заложби за Парискиот климатски договор.

„За ФАО од голема важност е да ги поддржиме нашите земји-членки во зголемување на нивниот ангажман со Зелениот климатски фонд, за да се осигура дека приоритетните проблеми поврзани со климатските промени се решаваат. Денешната работилница е прв чекор во овој процес“, истакна во своето обраќање Александар Ментов, национален програмски менаџер на ФАО за Европа и Централна Азија.

- Advertisement -

Ментов, исто така, истакна дека ФАО е подготвена да ги поддржи своите земји-членки, вклучувајќи ја и Македонија, да развијат и имплементираат проекти предложени од државата во областа на земјоделството, шумите, рибарството, интервенции во управување со животна средина и екосистеми, намалување на ризикот од природни катастрофи, ублажување и прилагодување кон климатските промени – кои се основни мандати на ФАО, каде што организацијата поседува повеќе од 70 години институционално знаење.

Во своето воведно обраќање на настанот, Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Зелениот климатски фонд е на пат да стане главна меѓународна финансиска институција за обезбедување на финансиски средства за поддршка на активности за ублажување и адаптација од климатските промени во земјите во развој и дека Република Македонија треба да ги искористи можностите кои се нудат преку фондот.

„Развојот на зелена и одржлива економија е од особено значење и токму поради тоа низа на реформски мерки, програми и стратегии ќе бидат насочени кон изградба на енергетски ефикасни објекти и обнова и изградба на транспортна инфраструктура, како и нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење и унапредување на менаџментот на водните ресурси во државата, заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства, унапредување на третманот на отпад и отпадни води, како и одобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, изјави Вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, Николовски нагласи дека и покрај тоа што земјоделскиот сектор е високо чувствителен на климатските промени, тој е истовремено и извор на емисии на стакленички гасови од сточарството, на кој начин придонесува кон климатските промени. Според него, ЗКФ нуди значајни можности за инвестирање во одржливо, ниско-емисионо земјоделство, отпорно на климатските промени, при што во процесот ќе бидат активно вклучени локалните заедници и приватниот агро-сектор.

„За приватниот агро – сектор постои голем потенцијал за инвестиции, односно проекти кои вклучуваат: диверзификација на културите и семенските сорти, пошумување и борба против уништувањето на шумите, како и ефиксано управување со водата за наводнување.”, кажа министерот Николовски. Тој исто така ја нагласи потребната поддршка од ФАО за искористување на климаткото финансирање од ЗКФ во насока на транформирање и прилагодување на земјоделскиот сектор во Македонија.

Работилницата се очекува да резултира со изготвување на тригодишен план на национални активности кои ќе ги зголемат можностите за соработка со ЗКФ, идентификувани приоритетни области за поддршка од Фондот, национални процедури за ангажман со ЗКФ, како и листа на релевантни државни институции и субјекти од приватниот сектор и потребна експертиза за нивно вклучување во процесот. Со владините претставници од земјите од Западен Балкан ќе се разменат искуства и ќе се разговара за можностите за регионална соработка со ЗКФ.

Сподели!
- Advertisement -