Саудиска Арабија инвестира огромни суми пари со цел четирикратно да го зголеми бројот на туристи до 2030 година. Планира да потроши 26,6 милијарди долари за да ја прошири најголемата џамија во светот, Меџид ел-Харам со цел да може да собере повеќе аџии и дополнителни 3,6 милијарди долари за хотел во близина на џамијата со 10.000 соби, кој ќе биде најголемиот хотел во светот.
Кога ќе се земат предвид и проектите како железничката линија меѓу Мека и Медина, се проценува дека Саудиска Арабија ќе потроши 80 милијарди долари само во Мека. Земјата инвестира и во реставрација и подобрување на историски и религиозни локации низ целата територија. Владата на Саудиска Арабија сака до 2030 година да го дуплира бројот на локации кои се дел од саудиското културно наследство кои се регистрирани во УНЕСКО.
Сите тие инвестиции во религиозниот туризам се дел од напорите на земјата да се намали зависноста од нафтата. Саудиска Арабија и Русија се најголемите производители на нафта и гас во светот. Нафтената индустрија зазема околу 87% од приходите на владата, 42% од БДП и 90% од извозот на земјата.
Поради падот на цената на нафтата страда економијата на Саудиска Арабија. За да се диверзифицира економијата на земјата принцот Мохамед бин Салман бин Абдулазиз минатата година ја лансираше програмата Vision 2030 која вклучува планови за инвестирање во инфраструктура, образование и бизнис сектори освен нафтата и гасот.
Светски економски форум пишува дека Саудиска Арабија веќе има 8 милиони туристи годишно, од кои најголем дел се на аџилак и ги посетуваат исламските свети места во Мека или Медина. Лидерите на Саудиска Арабија сакаат да го зголема тој број на 15 милиони до 2020 година, а до 2030 година на 30 милиони.
Сепак, земјата нема да го развива само религиозниот туризам. На вкупно 50 острови во Црвеното Море ќе се градат луксузни хотели, аеродром, нови патишта и пристаниште со површина колку Белгија. Изградбата ќе започне во 2019 година, а првата фаза треба да биде готова во 2022 година.