Идеите на граѓаните преку СкопјеЛаб стануваат иновации за подобар урбан живот

- Advertisement -

Скопјани треба да се охрабрат и своите предлози за подобрување на животот во градот да ги испраќаат до Центарот за иновации, апелира Софија Богева, експерт за социјални иновации и координатор на СкопјеЛаб

Софија Богева

Центарот за иновации на Град Скопје постои 6 месеци и претставува  експериментален простор и место за соработка во кој граѓаните, бизнис заедницата, граѓанските, јавните и образовните организации и институции заедно со администрацијата на Град Скопје ќе ги здружат силите да дизајнираат и да развиваат иновативни решенија за да му помогнат на Скопје да ја подобри својата одржливост и урбана отпорност. СкопјеЛаб е пилот проект на УНДП и Град Скопје. Финансиски е поддржан од УНДП, Република Турција и Министерството за финансии на Република Словачка.

Потребата од иновации во јавниот сектор е неспорна. Секогаш се добредојдени идеите на граѓаните за подобрување на траспортот, образованието, здравството, живетната средина… Особено деновиве, кога главниот град се соочува со екстремни вредности на концентрациите на ПМ 10 и ПМ 2,5, неопходноста од преземање итни мерки е на највисоко ниво. Софија Богева, координатор на СкопјеЛаб, за Иновативност открива дека во изминатиот период Центарот за иновации, меѓу другите активности, го изработил и проектот „Скопје се загрева“ (skopjesezagreva.mk) токму на оваа тема и посочува решенија кои доколку успешно се имплементираат, до 2025 година загадувањето на воздухот би се намалило и до 60 проценти.

- Advertisement -

Дека токму екологијата е во фокусот на интересот на жителите на Скопје докажува и проектот „Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?”, кој нуди неколку решенија за справување со отпадот од домаќинствата што наскоро ќе бидат презентирани на јавноста и веројатно ќе се имплементираат во одреден тест период на дел од подрачјето на градот.

(Разговараше – Сања Наумовска)

- Advertisement -
  • Г-ца Богева, Центарот за иновации на Град Скопје – СкопјеЛаб постои неколку месеци. Која е неговата главна функција?

СкопјеЛаб започна со работа во јули со една главна цел –  да се поттикнат иновации во јавниот сектор, првично во Град Скопје, за подобрување или креирање нови јавни услуги и решенија кои ќе ја подобрат одржливоста и урбаната отпорност на градот. Со се поголемите барања на граѓаните и се покомплексните предизвици со кои како општество се соочуваме, но и со се поголемите фискални притисоци,  потребата од иновативен пристап во јавниот сектор беше повеќе од очигледна.

За да се постигне оваа цел СкопјеЛаб има неколку функции: да биде фокус точка за собирање на идеите и мислењата на граѓаните и нивно преточување во предлог проекти; да служи како експериментален простор за тестирање на нови идеи, иницијативи и јавни услуги; да биде активен соработник на секторите во Град Скопје во поттикнување и реализација на интерни иновативни проекти, а со тоа и постепено да ги гради капацитетите за иновации на јавната администрација, но и да гради култура на иницирање и активно учество на граѓаните во креирањето на јавните услуги.

- Advertisement -
  • На граѓаните им поставувате предизвици и ги барате нивните иновативни решенија за проблемите на главниот град. Задоволни ли сте од одзивот, добивате ли корисни одговори?

Досега СкопјеЛаб има објавено 3 предизвици за кои бара предлог идеи/решенија кои може да помогнат во справување со истите:

1-  Како да ја подобриме соработката помеѓу граѓанските здруженија и Одделението за соработка и поддршка на здруженија и фондации на Град Скопје?

2-  Како да се променат навиките за греење на семејствата со мали примања, со цел да се намали загадувањето во Скопје?  

3-  Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?.

Досега имаме добиено само 4 идеи, што воопшто не е доволно. Тоа, од една страна, можеби се должи на недоволното знаење на граѓаните за центарот и покрај  нашите напори да стигнеме до секој граѓанин на Скопје.

Во секој случај, идеите кои ги имаме досега добиено се документирани и ќе бидат дадени на разгледување во кабинетот на градоначалникот на Скопје и до релевантните сектори и институции.

Oбразовен хакатон
  • Во моментов Центарот за иновации на Град Скопје има три завршени и неколку активни проекти. Може ли да ни кажете нешто подетално за секој од нив, какви иновативни решенија им нудат на жителите на Скопје?

Досега СкопјеЛаб работеше на неколку проекти/иницијативи и настани, од кои дел се целосно реализирани, дел се уште се во фаза на реализација.

Еден помал проект кој е завршен е изработката на мобилната апликација Мое Скопје, која им обезбедува на граѓаните пристап до различни типови информации за Скопје на едно место. Засега информациите кои се достапни на „Мое Скопје“ се ЈСП распоред на автобуси, паркинг места, локации на билетари на ЈСП, такси компании кои оперираат во градот и велосипедски патеки. Во иднина, „Мое Скопје“ се очекува да прерасне во една поголема платформа која ќе обезбедува различни услуги за граѓаните.

СкопјеЛаб во изминатиот период реализира и еден проект насочен кон зајакнување на капацитетите на вработените за користење на дронови во секојдневната работа. Целта беше вработените од Град Скопје да се запознаат со можностите, кои дроновите како нова технологија ги нудат, но и да увидат како истите може да се користат во нивната секојдневна работа со цел зголемување на ефективноста и ефикасноста. Во тој поглед беа организирани 4 тренинзи, преку кои учесниците можеа да научат како да управуваат со дроновите, како да користат термални камери и како да ги читаат податоците за да дојдат до потребните информации.  Овој проект беше реализиран во соработка со Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ). Како резултат на тренинзите се изработија 4 предлог интерни проекти кои се предложени да влезат во предлог буџетот за 2018 година.

Од страна на настани досега СкопјеЛаб има поддржано реализација на 6 TEDx SeptemvriskaSesijaSalon настани со цел поттикнување на дискусија на теми на кои не се зборува многу, а се од интерес за граѓаните. Овде особено би ги издвоиле темите како Јавните Услуги: Иднината, Образование:Превртена училница, Споделување возила: Иднината на транспортот и уште неколку други. Целта на овие настани е и да се поттикне креативноста кај граѓаните, но и да се обезбеди простор каде што ќе може претставници од различни сектори на едно место да дискутираат на теми од интерес и да градат врски и партнерства за реализација на различни проекти/активности во иднина.

Во моментов имаме 3 активни проекти.

  • Првиот се однесува на предизвикот “Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?” . Овој проект влегува во финална фаза, односно следно е презентација на идејните решенија кои произлегоа за време на 5-те работилници, кои ги спроведовме со граѓаните и останатите актери (надлежни институции, компании, граѓански организации, академија, итн.) од системот пред релевантните институции (Град Скопје, релевантните сектори од градот, МЖСПП, итн.)

Сите решенија кои произлегоа се системски и можат да помогнат многу во справување со проблемот со отпадот.

  • Вториот проект го адресира проблемот со загадувањето на воздухот. Во изминатиот период со поддршка на УНДП и Град Скопје се работеше на анализа на причините за загадувањето што резултираше со Студија на навиките за греење на домаќинствата во Скопскиот региони “СкопјеСеЗагрева” и Патоказ со решенија кои доколку се преземат согласно дефинираното ќе придонесат за намалување на загадувањето за речиси 60 проценти до 2025 година.
  • Третиот проект на кој моментално работи СкопјеЛаб е тестирање на искуството на граѓаните при користење на јавни услуги во новиот (to-be) простор – Една точка на услуги, и на новиот Национален Портал за е-услуги кој ќе биде објавен наскоро. Овој проект се реализира во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) како надлежна институција за обезбедување на оваа услуга. Целта на тестирањето е да се осигуриме дека услугата која се дизајнира ќе ги задоволува во целост потребите на сите граѓани – корисници на услугите.

Во моментов тече и уште една наша инцијатива наречена #Запознајгископјани. Тоа е проект кој има за цел прикажување на граѓаните во Скопје преку прашањата: 1. Зошто го сакате Скопје? 2. Што би сакале да видите во Скопје? 3.Имате идеја/сугестија за Скопје? Иницијативата тргнува од идејата дека не сме, сепак, толку различни и од фактот дека секој граѓанин може да понуди идеја за своето место на живеење. Исто така овој проект ја доловува сликата за Скопје, скопјани и нивните визии. Оваа иницијатива ја реализираме со соработка со млади и креативни ученици од Скопје бидејќи сметаме дека младите се иднината и клучен фактор за развој на иновации во иднина.

Проект со дронови
  • Дали овие проекти можат да се надградуваат и да се адаптираат на потребите на граѓаните?

Сите проекти на кои работи СкопјеЛаб се дизајнираат земајќи ги предвид потребите на граѓаните за кои тие се дизајнираат. Тоа е основата на работењето на СкопјеЛаб, дизајнирање согласно потребите на граѓаните, Со нив и За нив. Секогаш се зема предвид решението да може да се надоградува и адаптира во иднина, согласно промените кои се случуваат и секако да бидат функционален дел од системот во кој функционираат.

  • До Скопје Лаб веќе има пристигнато и четири нови идеи од граѓани. Што се случува откако ќе ви ги испратат? Како се анализираат, се оценуваат, се испитува нивната одржливост?

Како што и претходно напоменав, по генерирање на одреден број идеи, истите прво ги разгледуваме ние, тимот на СкопјеЛаб. Потоа истите се разгледуваат заедно со релевантните сектори во Град Скопје, да го видиме нивното размислување и да се направи иницијална оценка за тоа дали идејата/решението е во склоп на надлежностите на Град Скопје, дали е досега можеби пробано, колку е практично за имплементација и поразлично од досегашните решенија во поглед на остварување на резултати. Доколку ги помине овие фази, решението се предлага до Кабинетот или релевантна институција на разгледување за добивање дозвола за дизајнирање на прототип на решение и негово тестирање со корисници. Доколку тестирањето покаже добри резултати тогаш се поминува на негова имплементација во мал опсег. Ова опфаќа и изнаоѓање на дополнителни финансиски средства, со кои решението би можело да се имплементира. Затоа овде даваме фокус и на континуирано градење на партнерства со приватниот сектор со цел добивање нивна поддршка во реализација на проектите. Наша цел е да се намали трошењето на средства доколку се види дека решението не ги дава очекуваните резултати.

  • Има ли некоја идеја која е блиску до реализација?

Најблиску до реализација се идеите кои произлегоа од 5-дневните работилници од проектот поврзан со справување со отпадот од домаќинствата. Идеите се малку подетално разработени и по нивна презентација пред надлежните органи се надеваме дека една идеја ќе помине во следна фаза на тестирање на одредено подрачје во Скопје.

Веќе се во почетна фаза на реализација и неколку активности поврзани со намалување на загадувањето на воздухот, меѓу кои има и една иновација. Повеќе информации ќе бидат објавени во следниот период.

  • Од 4 иновации скопјани три ги посветиле на решавање еколошки проблеми. Значи ли тоа дека подобрувањето на животната средина се дефинира како една од главните области каде граѓаните имаат потреба од иновации и промени?

Дефинитивно. Аерозагадувањето и справување со отпадот се едни од клучните области каде ни се потребни иновации. Понатаму, мобилноста и сообраќајот, образованието и здравството се области каде навистина има потенцијал за работа, потреба од нови решенија, и многу креативни и проактивни луѓе кои ќе работат на терен.

И како за информација, во изминатиот период јас и уште неколку членови на тимот на СкопјеЛаб, бевме дел од организацискиот тим на еден иновативен настан #ОбразовенХакатон кој се реализираше во склоп на Конференцијата “Квалитетно образование за раст, остварувања и подобра иднина” во периодот 4-6 декември, а чии главни носители беа Владата, МОН, МТСП и УНИЦЕФ.

  • Каков документ е рамката за иновации?

Рамката за иновации е еден вид на водилка за развој на иновации во јавен сектор, т.е Град Скопје. Специфично е развиена за потребите на администрацијата со цел да им ја олесни работата и да им помогне на вработените полесно да идентификуваат можности за развој и подобрувања, да дизајнираат подобри проекти и услуги. Рамката започнува со основни информации за тоа што е иновација во јавен сектор и зошто е потребна, продолжува со основни барања за развој и поттикнување на иновациите и крајно дефинира еден структуриран процес за развој на иновации придружен со голем број на методи и алатки за работа. Имајќи го Граѓанинот во сржта или основата на процесот, сите иновации кои ги развиваме започнуваат и завршуваат со  реалните потреби на граѓаните како основа за развој на успешни иновативни решенија без разлика дали станува збор за производ, услуга, проект, процес, политика.

  • Имате ли соработка со слични центри во Европа?

Би сакала да споменам дека СкопјеЛаб присуствуваше на Конференцијата Innovation in Government: The new normal, кој се одржа во ноември, во просториите на OECD во Париз. Конференцијата беше одлична можност да се слушне што државите од светот работат на темата, да стекнеме ново знаење, да запознаеме колеги кои работат во други земји и да идентификуваме можности за соработка. Како прв центар за иновации на Балканот кој е во рамки на јавна институција, а согласно искуствата на другите земји, СкопјеЛаб може да се пофали дека прави многу и воедно добро ја врши и насочува својата работа. Нашите практики, принципи и вредности се во согласност со светските трендови и она што е потребно е само повеќе поддршка, активна работа на сите актери, не само Град Скопје, туку и бизнис секторот, академијата, и нормално граѓаните, за да го искачиме Скопје на листата на најиновативни градови во Европа. Повеќе информации за СкопјеЛаб, сите иноватори, но и заинтересирани граѓани, може да најдат на нашата веб страна www.skopjelab.mk, на нашата фејсбук страна, или директно да не посетзт во просториите на Град Скопје во Градскиот парк. Отворени сме за соработка со секој кој има интерес да помогне Скопје да го направиме подобро место за живеење.

Сподели!
- Advertisement -