Нискобуџетната авиокомпанија Wizzair ќе одлучи дали ќе учествува на претстојниот повик на македонската Влада за финансиска поддршка за воведување авиолинии откако ќе бидат објавени новите услови за што се подготвува стратегија од надлежните институции, јавува МИА.
Договорот на компанијата со македонската Влада со кој оваа авиокомпанија добива субвенции за реализирање летови, истекува во јуни, а како што изјави денес Јозеф Варади, главен извршен директор на Wizzair, очекуваат соработката да продолжи.
Варади на прес-конференција на скопскиот аеродром рече дека Wizzair има 63% од уделот во авиосообраќајот во Македонија.
Лани превезле 1,2 милиони патници од Македонија, за 20% повеќе во однос на 2016 година. Годинава пак, очекуваат зголемување на бројот на патници за 23%. Од 2011 до 2017 година, авиопревозникот превезел вкупно 4,1 милиони патници од Македонија и отворил 140 директни и 900 индиректни вработувања. Вкупно инвестирале 400 милиони евра.
Со најавената редовна линија Охрид – Виена, Wizzair ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија, Скопје и Охрид.
Алпер Ерсој, генералниот директор на ТАВ Македонија истакна дека како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај, очекуваат Wizzair да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, со инвестирање во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии.
„ТАВ Македонија како и секогаш и понатаму ќе остане фокусирана кон проширување на мрежата на авиолинии, но исто така и обезбедување висококвалитетни услуги за патниците и клиентите.“, рече Ерсој.
Годинава, како што потенцира, една од најважните цели е да пречекаат над два милиони патници на аеродромот во Скопје. Повторно очекуваат интензивна летна сезона на аеродромот во Охрид, како и значаен пораст на авиосообраќајот поради најавените нови дестинации кон Варшава, Талин, Ајндховен, но и кон Виена, што неодамна ја објави Wizzair кон која ќе се сообраќа како редовен лет од охридскиот аеродром од ноември годинава.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ерсој рече дека уште нема конкретна одлука во однос на изградбата на карго – аеродромот во Штип што е обврска на ТАВ како концесионер на аеродромите.
Во однос на евентуална промена на името на аеродромот „Александар Велики“, главниот извршен директор на ТАВ рече дека станува збор за политичко прашање и оти како концесионер ќе ја почитуваат одлуката на граѓаните.