Јован Деспотовски: Сериозно се зголемуваат средствата на Фондот за иновации. На компаниите ќе им помогнеме да ги искористат!

- Advertisement -

Фондот за иновации и технолошки развој ја стартува 2018 година со најава за повеќе новини во своето работење и нови можности за компаниите кои сакаат да ги искористат средствата за зголемување на својот иновативен капацитет. За сите најави и новини од прва рака од директорот Јован Деспотовски

(Разговарање- Верица Јорданова)

  • Кои се првите предвидени активности на ФИТР во новата година?

Годината ја започнавме активно во неколку правци. На почетокот ги заокружуваме проектите почнати во 2017та, односно во тек е подготовка за завршните фази на селекција за четвртиот повик за финансирање на проекти и „О2 предизвикот“. Двата настани се закажани за крајот на јануари. Предходно, за сите компании што ќе презентираат пред Комитетот односно комисијата за селекција организираме обука за унапредување на презентациските вештини. Со ова, всушност пилотираме и нов инструмент на Фондот – техничка поддршка за потенцијални апликанти и корисници.

- Advertisement -

Исто така, ја финализираме ревизијата на два правилници и набрзо ќе објавиме и повици за двата нови инструменти – Бизнис акцелератор и Технолошка екстензија. Активноста ја реализираме во соработка со Канцеларијата на Светската банка во Скопје.

Следно, можеби и клучно за оваа година, финализираат подготовките и за објавување на првиот повик за користење на средства од Планот за економски раст на Владата. За прв пат Владата на Република Македонија, преку Фондот за иновации и технолошки развој, обезбедува системска и буџетска поддршка за развојни проекти од микро, малите и средни претпријатија. Согласно динамиката што беше презентирана од премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев пред нова година, очекувам во март да бидеме сите подготвени за старт. Дотогаш, Фондот во соработка со останатите економски ресори вклучени во реализацијата на другите столбови од Планот, ќе ги финализира правилниците, обрасците за аплицирање, ќе ги прецизира критериумите и механизмите за одлучување. Во нашиот дел – столб три, доделувањето на средствата ќе биде на конкурентна основа, по механизам што е сличен на оној што го имаме развиено во соработка со Светската банка. Сепак, во делот на критериумите настојуваме да бидеме поотворени и пошироки од досега. Во прв ред, преку проширување кон сите микро, мали и средни компании, што стануваат подобни за аплицирање за финансиски средства. Со ова, очекуваме значително поголем број на квалитетни апликации и поголем пласман на средства.

- Advertisement -
  • За првпат минатата година отворивте повици за иновативни проекти финансирани од буџетски средства. Каков е одзивот? Колку сте задоволни и ќе продолжи ли оваа пракса?

Точно, во 2017 година Фондот за прв пат објави повик за финансирање на иновативни проекти, што се финансираат со средства од Буџетот на РМ, а „О2 предизвикот“ беше тест за тоа но, и за другите новини што ги воведуваме во пристапот, поддршката и критериумите. Повикот го отворивме кон сите микро, мали и средни компании, а одзивот е одличен. За релативно кус период од 25 дена колку што траеше повикот, добивме апликации кои побаруваат повеќе од 1,25 милиони евра односно 12,5 пати повеќе од буџетот што го издвоивме. За периодот што следи, се наметнува обврска да обезбедиме повеќе средства, со што ќе можеме да излеземе во пресрет на овие барања.

Со праксата на предизвици продолжуваме и оваа година. Веќе е во тек „Предизвикот за млади истражувачи“. Во подготовка се следните два: „Предизвик за иновативни наставни помагала“ и „Предизвик #Оброк за сите“. Исто така, во тек се првични разговори со Министерството за здравство и Министерството за транспорт и врски за реализација на нови, во овие ресори.

- Advertisement -

Крајната цел е предизвиците да ги преточиме во еден нов инструмент – Примена на иновации во јавниот сектор. Воведувањето на новиот инструмент со себе носи сериозна реформа во делот на јавните набавки. Се предлага воведување на задолжителен процент од набавките што сите јавни субјекти ќе треба да го издвојат за иновативни производи и/или услуги. Со тоа, остваруваме тројна добивка. Ќе се зголеми ефикасноста во работењето на јавниот сектор. Трошоците за јавни набавки значително ќе се намалат односно квалитетот на услугите ќе се зголеми за исти или помали издвојувања од буџетот. Граѓаните ќе имаат директна полза и во двете околности. Трето, го отвораме јавниот сектор како нов, голем пазар за домашните компании, кои развиваат нови или значително подобрени производи и услуги.


Според Вашите проекции колку средства ќе потрошите годинава за иновативни проекти?

Имаме добар потенцијал за финансирање на проекти за иновации, но и за проекти за технолошки развој. Реков, со проширувањето на полето на финансирање на сите микро, мали и средни компании, како и кон проекти што подразбираат воведување на веќе постојни, современи технологии во работењето, а со тоа и зголемена продуктивност и конкурентност, очекувам и значително поголем интерес за финансирање. Наша обврска, обврска на Владата е тие средства да се обезбедат.

За почеток, на располагање имаме околу 8 милиони евра од заемот од Светската Банка. Во владина процедура е и наша иницијатива за обезбедување на дополнителни 8 милиони евра, средства што досега не се искористени, а лежат во други институции. Овие средства ќе ги користиме оваа и во 2019г. Исто така, очекувам значителни средства од Буџетот за 2018г. во износ од 50 милиони евра, што се наменети за Планот за економски раст да се реализираат токму преку третиот столб – поддршка за иновации и технолошки развој за микро, мали и средни претпријатија.

  • Која стратегија за поттикнување на интересот на домашните компании и универзитети ќе ја примените годинава?

Веќе споменав дека со проширувањето на опфатот на финансирање ги вклучуваме сите микро, мали и средни претпријатија како потенцијални корисници на Фондот. Секако, дел од пристапот ќе биде и комуникацискиот план што го подготвуваме, а ќе овозможи не само целосна транспарентност на можностите, правилата и критериумите, туку и поттикнување на интерес. Споменав и дека воведување техничка помош за потенцијалните апликанти и корисници, што ќе им помогне на сите компании со добра замисла, проект да го изодат процесот до добивање на средства. Разговараме со неколку меѓународни организации активни во оваа област да овозможат користење на нивни ресурси/регистри со стручни лица т.н. финансиски олеснувачи што ќе можат дополнително да помогнат во подготовка на апликациите.

Повторно ќе кажам, со добро дефинирани критериуми, значително проширен опсег на компании што може да аплицираат и со техничка поддршка од страна на Фондот очекувам значителни постигнувања на планот на искористеност на средства оваа година.

  • Двата клучни проекти годинава се: акцелератор и технолошки парк. Кажете ни нешто повеќе за нив!

Технолошкиот парк е иницијатива која повеќе од 10 години е комуницирана како во рамки на бизнис заедницата, така и низ институциите. Сега сме во фаза на подготовка на концепт, во координација со министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и неколку организации што се вклучија како дел од партнерите. Концептот наскоро ќе се презентира пред сите заинтересирани субјекти, со цел да го слушнеме нивното мислење и препораки, но и да ги разбереме подобро нивните очекувања од паркот. Во меѓувреме, обезбедена е и стручна експертиза од ЕУ за подготовка на студија. Фондот за иновации и технолошки развој, како директен корисник на проектот, ќе работи со експертите во подготовка на Акциски план, со редослед на чекори до обезбедување на целосна функционалност на паркот. Исто така, со Министерството за образование и наука ќе се работи на „освежување“ на проценката на истражувачкиот потенцијал во државата, за да знаеме во кои области имаме човечки и материјални ресурси што може да се понудат на компаниите. Сите овие елементи се значајни за функционален технолошки парк.

 

Сподели!
- Advertisement -