Да ги разбиеме десетте митови за пасивна куќа

- Advertisement -

Најчесто, кога луѓето го слушаат зборот “Пасивна куќа”, добиваат сосема погрешна претстава што е тоа. Дека е куќа! Дека е само за куќи! Тоа е премногу скапо! Прозорците не се отвораат! Се плетат многу митови околу пасивната куќа, од цена па се до нивото на удобност.
Овде и сега ќе ги разбиеме десетте најчести митови:

 

1) Пасивна Куќа е куќа или некаков објект

- Advertisement -

„Стандард Пасивна Куќа“ и можеби е веќе појасно. Тоа е стандард со кој се означува највисокото ниво на енергетска ефикасност кај градежните објекти, а не е куќа или објект воопшто. На скалата е означен како А+ или вкупните трошоци за греење и ладење не треба да надминат 15kWh за еден метар квадратен корисна површина, на годишно ниво. Или поопипливо, за објект од 100м2 кој за загревање и ладење користи електрична енергија со денешната цена, годишните трошоци за греење и ладење нема да надминат 8,000 денари, а можат да бидат и уште пониски. И не само што е највисокиот стандард на енергетска ефикасност, туку Пасивната Куќа воедно ги исполнува и сите услови од највисокиот стандард за удобност во светот, означен како Ashrae Class A Comford Standard. Тоа значи дека никогаш нема да бришете прашина, нема да имате проблеми со алергии, нема PM10, PM2 и други штетни елемнти. Температурата е идеална, а климатските услови совршени.

- Advertisement -

Буквално секој објект, без разлика на големина и намена, може да биде изграден по стандард Пасивна Куќа.

Мит број еден – разбиен.

- Advertisement -

2) Веќе изграден објект не може да се адаптира во Пасивна Куќа

 

Зарем? А јас можам да набројам илјадници објекти кои се веќе адаптирани во енергетски стандард Пасивна Куќа. Вистина е дека постојат некои работи кои кај веќе постоечките објекти ја лимитираат можноста, или пак ја поскапуваат интервенцијата, па токму затоа за адаптација на веќе изградени објекти е воведен стандардот EnerPHit. Дозволува малку поголеми трошоци од пропишаните, или за оној истиот простор од 100м2, годишните трошоци за греење и ладење нема да надминат 16.000 денари. Сите други услови и целата удобност, остануваат исти.

Мит број два…

3) Не смеат да се отвараат прозорците

 

Сака ли некој да живее во куќа со прозорци кои не се отвораат? Зарем има некој што сака да работи во канцеларија или децата да одат на училиште, во зграда со запечатени прозорци? Никој, нели? Така и си мислев, бидејки ни јас не би сакал таква ситуација. Ама па и самиот стандард со ништо не го ограничува отворањето на прозорците, туку спротивно – препорачува прозорците да се отвораат и да се функционални. Но факт е и тоа дека воопшто нема потреба да се отвораат, за разлика од конвенционалните згради, бидејки во Пасивните Куќи функционира софистициран систем за вентилација. Дали и покрај тоа сакате да отворите прозорец? Слободно можете…

Го разбивме и третиот мит.

4) Пасивните Куќи се загушливи

 

Хм! А јас пак би рекол дека конвенционалните згради понекогаш делуваат загушливо, од причина што нивото на СО2 станува превисоко. На пример, во текот на ноќта во една спална соба за двајца од 20-ина м2, од дишењето, концентрацијата на СО2 може да достигне и до 2000ppm, а препорачаното максимално ниво не треба да надмине 900ppm. Во такви ситуации корисниците чувствуваат потреба да ги отворат прозорците. Во Пасивната Куќа пак, системот за вентилација на секои 4 часа целосно го заменува воздухот со свеж од надвор, а нема провев и бучава. Свежиот воздух минува низ висококвалитетни филтри и е потполно прочистен, обезпрашинет и со идеална влажност. Објектите со стандард Пасивна Куќа се подобро изолирани од конвенционалните градби и скоро потполно херметизирани, но благодарение на системот за вентилација, не постои можност за појава на мувла и влага. Се ова, заедно со удобната внатрешна температура што ја одржуваат системот за рекуперирација и квалитетната обвивка, гарантира одличен квалитет на воздухот и удобноста! 

5) Објектите со стандард Пасивна Куќа се прескапи за градење

 

Не е вистина! Цената за изградба на објекти со стандард Пасивна Куќа стана сосема пристапна, бидејќи нивната популарност порасна, а материјалите и системите станаа многу подостапни во целиот свет. Во некои случаи, инвестирањето во Пасивна Куќа може да биде со иста цена или дури и под цената на конвенционалните градби. Благодарение на нивната минимална потрошувачка на енергија, објектите кои се Пасивна Куќа се и тоа како се вредни за инвестирање!
Инвеститорите можат да одберат дали сакаат голем или мал, едноставен или екстравагантен објект! Ограничувања нема.
И доколку се двоумите, сетете се дека Пасивните Куќи трошат околу 90% помалку топлинска енергија, отколку конвенционалните градби!

Падна и овој мит

6) Објектите со стандард Пасивна Куќа немаат греење и/или се греат самите од себе

Ништо не може да се грее само од себе, а толку би било прекрасно да може. Зарем не? Пасивните Куќи се потпираат на т.н. пасивни извори на топлина, како што се топлината од телата на луѓето и домашните миленици, сончевите зраци и топлината што ја изпуштаат техничките уреди и апаратите. Дополнително од овие извори, се поставуваат и мали грејни и разладни уреди, за употреба по потреба. Дитрибуцијата на топлината/студот низ целиот објект се врши преку системот за вентилација со рекуперација.

7) Објектите со стандард Пасивна Куќа се премногу комплицирани

Рзбирливо, кога ќе ги погледнете критериумите што треба да се исполнат за да се достигне стандардот Пасивна Куќа, како што се: Топлински товар ≤ 10W/m2, годишна потреба од енергија за греење и ладење ≤ 15kWh/m2, годишна потреба за примарна енергија ≤ 120kWh/m2, топлински мостови Psi ≤ 0.0, воздухонепропустливост ≤ 0.60ACH@50Pa, ви звучи како научна фантастика! Но, за корисникот на Пасивната Куќа сосема доволно е да знае да ја управува контролната кутија од системот за вентилација. Тоа е многу едноставно со сосема мала обука и подразбира: зимски/летен режим и управување со бојлерот. Детска игра!

Мит, по мит ги разбиваме…

8) Објектите со стандард Пасивна Куќа се Г-Р-Д-И

За вкусови не се разговара, нели? Првите објекти како Пасивна Куќа се изградени во Германија, но доколку континенталниот европски стил не ви е по вкус, сега веќе постојат над 14.000 сертифицирани пасивни домови, училишта, канцеларии, па дури и базени кои се изградени во различни дизајни и естетика. Ќе повторам уште еднаш: Пасивна Куќа е стандард на изведба, а не дизајн

9) Објектите со стандард Пасивна Куќа се погодни само за во Германија

Идејата за „Passivhaus“, како што е напишана на германски, развиена е во Германија – но не за Германија. Стандардот за Пасивна Куќа е меѓународен и може да се примени во било кој климатски и географски регион. Не само тоа, туку стандардот е соодветен за секаков вид на градба. Од куќи, до некои од најкреативните објекти, вклучувајќи музеи, облакодери, супермаркети и фабрики! Насекаде, низ целиот свет.

10) Кога снемува струја Пасивната Куќа не функционира

Е да, во денешно време кога нема струја, многу работи не функционираат. Па и системот за вентилација во Пасивната Куќа нема да работи, но температурата и удобноста во објектот нема да се променат 200 часа. Значи повеќе од 8 дена Пасивната Куќа ќе функционира и без струја. Знаете ли некој друг објект што тоа го може?

Ете, чекор по чекор и ги разбивме десетте најголеми митови за Пасивната Куќа. Имате ли уште некој? Со нетрпание чекам да го разбијам.

 

Автор:

М-р Андреј Андреев, д.г.и.

PHI Certified Passive House Designer

InterNACHI Certified Building Inspector

ITC Certified IR Thermographer

Retrotec Certified Air Leakage & Blower Door Tester

Retrotec Certifie Enclosure Integrity Tester

Trained Facade Water Thickness Tester

Сподели!
- Advertisement -