6.5 C
Skopje
недела, декември 8, 2019

На домаќинствата треба да им се дозволи да станат производители на зелена енергија!

Kabtel desktop

Постапка за едно домаќинство да стане производител, мора да биде едноставна, како што во моментов едно домаќинство станува потрошувач, вели Соња Ристеска, автор на студијата „Мрежно мерење во РМ, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија“, за Иновативност објаснува дека домашниот енергетски систем е подготвен да прими струја, доколку на домаќинствата им се дозволи од потрошувачи да станат произведувачи на зелена енергија од алтернативни извори

(Разговараше- Сања Наумовска)

Македонија мора да почне да го менува електро-енергетскиот систем доколку сака да фати приклучок со Европската Унија и да даде вистински придонес за намалувањето на влијанијата на климатските промени. Соња Ристеска, автор на студијата „Мрежно мерење во РМ, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија“, за Иновативност објаснува дека домашниот енергетски систем е подготвен да прими струја, доколку на домаќинствата им се дозволи од потрошувачи да станат произведувачи на зелена енергија од алтернативни извори. За тоа се потребни законски измени и прилагодувања, кои е неопходно да се направат што поскоро. Процесот не е скап, а инвестициите се движат од 10.000 до 12.000 евра за едно домаќинство.

 

 

  • Г-ѓа Ристеска, вие сте автор на студијата „Мрежно мерење во РМ, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија“. Кои се препораките од студијата, објаснете ни што поточно значи мрежното мерење?

Во Студијата ги истражуваме можностите за домаќинствата, без да мораат да формираат компанија или да отворат фирма, да можат да предаваат или да продаваат струја во системот, произведена од обновливи извори, на пример од сонце. Ваква опција во Македонија, за жал, се уште не постои, а се применува со децении наназад во САД, а од таму е пренесена во ЕУ. Постојат повеќе модалитети како домаќинствата да се вклучат во системот на производство на електрична енергија. Кај нас во моментов секое домаќинство има право да си постави соларни панели на својата куќа, но произведената енергија може да ја користи само за себе. Но, таа струја е непостојана, ја има во одредени делови од денот кога има сонце, а во тој период, на пример, можеби нема никој дома, па нема да биде искористена. Заради тоа што се поставени блокатори таа да не може да истече назад во системот и едноставно се губи. Наша заложба е секое домаќинство да може да има двонасочни броила, кои ќе регистрираат колку се зема и колку се предава во системот, и да се овозможи домаќинството и дистрибутерот да извршат порамнување. Ако домаќинството произвело и предало на системот повеќе киловат-часови отколку што потрошило, тие да може да ги искористи во оној момент кога ќе му затребаат.

  • Какви бенефити од мрежното мерење може да очекуваат домаќинствата, а какви државата?

Во некои земји има модели, во кои, на пример, домаќинството може да има и профит од предадената струја. Кај нас овој модел не е едноставно да се постигне бидејќи ќе треба да се сменат многу закони. Ние предлагаме  да се смени Законот за енергетика и да се воведе можноста и домаќинствата да бидат производители на електрична енергија, а подоцна тоа детално да се дефинира со уредба, по примерот на Словенија. Да се дефинира колкав капацитет може да се инсталира, колкав капацитет на енергија може да се предаде, а да не се создаде проблем со системот, на кој начин ќе се врши порамнувањето и други прашања. Државата исто така би имала бенефити. Овие системи се многу мали, не прават проблем со напонот на мрежата, но можат да допринесат за стабилноста на системот, особено во периодите, на пример, како што се најтоплите лета, кога сите користат уреди за разладување. Тогаш не мора да се чека струја од РЕК Битола, туку таа може да дојде токму од домаќинствата. Во западните земји се напушта  централизираниот систем на производство на електрична енергија во големи централи, затоа што тие прават голем проблем со загадувањето, што пак предизвикува климатски промени. Овие земји настојуваат производството на електрична енергија да биде децентрализирано, и сите да бидат вклучени како произведувачи и потрошувачи, и домаќинства, месни заеднци, земјоделци…. заради постигнување енергетска стабилност, но и заради спречување на климатските промени.

[quote]

Инвестициите се движат од 10.000 до 12.000 евра за едно домаќинство

 

[/quote]

  • Колкави се инвестициите за ваков зафат?

Нашите проценки се дека инвестицијата би чинела меѓу 10.000 и 12.000 евра, но може и помалку. Секако важен аспект е и потошувачката моќ на граѓаните , што кај нас е проблем. Затоа предлагаме и државата да се вклучи во процесот со одреден поттик и да овозможи што повеќе граѓани да станат произведувачи на електрична енергија. Тоа може да се уреди со давање субвенции или за соларните панели или за двонасочните броила. Во моментов се подготвува нов закон за енергетика, а ние лобираме мрежното мерење да стане дел од законот. Дополнително, Регулаторната комисија за енергетика ќе треба да ја доуреди областа. Позитивно е што државата нема потреба за високи субвенционирања, за разлика од инвестиции ако треба да се гради огромна термоцентрала или хидроцентрала. Напротив, цените на соларните панели паѓаат секоја година.

  • Што е пречката во моментов за граѓаните да добијат можност да преминат од пасивни потрошувачи во произведувачи на електрична енергија?

Главната пречка во моментов се законските одредби, кои не дозволуваат домаќинствата  на едноставен и брз начин да станат и произведувачи, а не само потрошувачи на електрична енергија.

  • Дали мрежното мерење е погодно само за индивидуалните или и за колективните станбени објекти?

 
Погодно е и за индивидуални и за колективни станбени објекти. Во Словенија освен домаќинства, вклучени се и мали комерцијални објекти, како училишта, месни заедници, амбуланти, продавници, пекарници, хотели…  Сите тие би имале интерес да се вклучат во системот, затоа што на тој начин ќе имаат бројни бенефити, а при тоа не мора да формираат компанија и да се занимаваат со многу бирократски процедури, на пример да одат од институција до институција, да собираат многу документација, да плаќаат такси и сл. Препораките од Словенија се токму да се намалат овие процедури ако сакаме мерката навистина да профункционира. Значи, целта е постапката за едно домаќинство да стане произведувач да биде едноставна, како што е едноставно во моментов едно домаќинство да стане потрошувач. Мислам дека е важно и за компаниите да можат да ја користат оваат опција, да произведуваат и да предаваат вишок струја, а при тоа да не мора да основаат нова фирма, да се пререгистрираат, да менуваат дејност и сл.

  • Дали постои ограничување во видот на обновливи извори на енергија кои би можеле да се користат?

Нема ограничувања, но сепак, и тоа е различно и треба да се внимава на некои специфичности. За ветерната енергија, на пример, пиковите се многу поголеми отколку за сончевата и можат да направат многу поголеми проблеми на стабилноста на системот. За Македонија најдобра опција е искористување на сончевата енергија, заради тоа што ја имаме најмногу, а воопшто не ја користиме.

  • Потребата од намалувањето на употребата на фосилните горива е неспорна, кои се другите еколошки придобивки?

Македонија веќе го ратификуваше Парискиот договор и сака да се приклучи кон ЕУ каде што има таргет за намалување на емисиите од 80 до 90 проценти до 2050 година. Заради тоа мораме, полека но сигурно, да го напуштаме користењето на фосилните горива. Македонија најмногу се снабдува со електрична енергија од РЕК Битола, која работи на лигнит со многу слаб квалитет. Заради тоа се додава мазут, што доведува до огромно загадување и е причина за проблемите кои Битола ги има денес. Важна придобивка, покрај финансиските бенефити за домаќинствата, е и што ќе и се помогне на државата да се преориентира кон користење на алтернативни извори на енергија, а и ќе се намалат ефектите од климатските прмени. Истражувањата покажуваат дека последиците од климатските промени за Балканот ќе бидат многу сериозни, со се поинтензивни бури и суши. Затоа мора да се внимава и на искористувањето на водните ресурси, кои треба, пред се, да бидат наменети за пиење, за наводнување во земјоделството, а потоа за производство на електрична енергија. Сончевата енергија, пак, ја имаме во изобилие, во огромен период од годината.

  • Во Европа и во светот веќе постои и берза на зелени работни места. Дали ова е еден начин и кај нас да се стимулира овој сектор?

Секако дека е. Во Македонија немаме евиденција или дефиниција што спаѓа во зелени работни места. Тука влегуваат органското земјоделство, еко туризмот, производство на сончеви панели, монтажа и одржување на системите… Ако го развиваме овој пазар, не само за домашни потреби, туку и за извоз, ќе се отвори цел сектор на работни места кои досега не биле познати, економијата ќе има бенефит и ќе се поттикнува извозот.

  • Во кои земји се применува мрежното  мерење, какви се нивните искуства?

Мрежното мерење првично започнало да се применува во САД, каде секоја држава си има свој начин на регулирање. Калифорнија на пример има можност за продажба на произведената струја по пазарна цена. Најблизок пример за нас е Словенија, од каде можеме да црпеме искуства. Словенија неодамна го воведе мрежното мерење и постави услови кој може и на кој начин да влезе во овој систем. Кај нив домаќинствата и малите комерцијални објекти можат да произведуваат и да предаваат во системот, ограничено е колку панели можат да постават на кровот и колку струја можат да предадат без да влијаат на стабилноста на системот.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •