По повод третиот роденден на нашиот сајт тимот на Иновативност реши да се поднови со неколку рубрики. Од оваа недела па натаму ќе можете да прочитате неделна анализа на некоја од актуелните теми кои го „тресат“ светот
Проблемот со отпадот на глобално ниво е навистина алармантен, но нивото на свеста кај луѓето не е исто во целиот свет. Додека некои земји забрзано работат на стратегии за справување со отпадот, особено пластичниот, други не ни знаат за проблемот.
Една од освестените земји е Индија, која воедно е и една од најзагадените, поточно на трето место по загадувањето. Дури 22 од најзагадените градови во светот се во Индија. Но, населението таму е свесно за проблемот и индивидуално презема напори. Во текот на изминатите 119 недели волонтери се собираа на плажата Версова во Мумбаи за да ги исчистат вкупно 12.000 тони пластичен отпад.
Во октомври 2015 година еден млад адвокат од Мумбаи, Афроз Шах, одлучи да направи нешто во врска со отпадот на неговата омилена Версова плажа. Одејќи од врата на врата и говорејќи за важноста на чистењето на плажата тој собра волонтери – неговите пријатели, соседи, рибари, деца, па дури и филмски ѕвезди од Боливуд. Луѓето почнаа да се собираат секој викенд во недела попладне за да чистат заедно со Шах.
Шах вели дека не може да сопре со чистењето затоа што плажата повторно ќе се врати во старата состојба. Неговата работа е постојана борба со оглед на тоа дека 8 милиони тони пластика годишно завршуваат во океаните.
Одиме од крајност во крајност. Градот Аберпорт во Велс со популација од околу 2.000 луѓе официјално стана место каде што воопшто не се користи пластика затоа што жителите на Аберпорт напорно работеа за целосно да ја исфрлат пластиката од своите продавници и од плажите. Сепак, жителите на ова место не знаеле дека Земјата е пренатрупана со отпад се до емитувањето на документарниот филм Planet Earth II. Серијалот се фокусира на проблемите со микропластиката и колку е штетна за животните под водата. Многу од жителите велат дека не знаеле колку пластика има во океаните во светот и дека филмот бил доволен за да се вклучат во кампањата.
Скандинавските земји, пак, имаат едни од најнапредните системи за заштита на околината главно затоа што свеста на луѓето е на највисоко ниво. Норвешка посебно предничи – земјата рециклира дури 96% од пластичниот отпад. Од Шведска, пак, доаѓа најновиот тренд во зачувувањето на средината. Plogging (плогинг) е фитнес тренд кој ќе ви помогне вам и на животната средина да се одржувате во здрава форма. Оваа неверојатно еколошка форма на вежбање ги спојува џогирањето и собирањето отпад и сега целиот свет полуде по ова хоби. Сега таму е тренди да се собир отпад од улица. Движењето има и интернет страница, Plogga. Овој тренд го полуде и остатокот од светот и сега се појавуваат „плогери“ од Париз преку Обединетото Кралство до Тајланд.
Други компании, пак, во пластиката гледаат еден евтин и непресушен ресурс за своите бизниси. Во Амстердам годишно по човек се фрлаат 23 кг пластичен отпад, па холандската компанија The New Raw реши тоа да го искористи и да го претвори во производи кои и понатаму ќе се користат и ќе се рециклираат за од нив да се направи нешто друго. За почеток, од пластичниот отпад прави пластични клупи за јавни површини. Тајванската компанија Girlfriend Collective, пак, од пластичниот отпад прави спортска опрема за вежбање. Тајван до пред некое време важеше за остров на ѓубрето, а сега земјата рециклира 55% од пластичниот отпад. Се прашувате како може да се направат хеланки од пластичен отпад? Еве како. Пластиката најпрвин се сортира, се чисти, па се сече и се носи во мелница. Таму парчињата пластика се загреваат, се истегнуваат во дебели нишки, се сечат на пелети, па од нив се прават конци за плетење.
Лондон, европска метропола каде што годишно се фрлаат дури 1 милијарда пластични шишиња, има навистина иновативен пристап. Освен што ќе постави 20-ина фонтани на кои луѓето ќе можат да полнат вода, ќе ги натера и локалните бизниси да ги отворат вратите за минувачите кои сакаат само да се напијат вода. Тие ќе треба да постават натписи за луѓето да знаат каде можат да влезат.
Дубаи, пак, планира да се справува со отпадот на најхрабар начин: со најголемата фабрика за производство на енергија од отпад во светот. Владата во Дубаи ги најави плановите за изградба на фабрика која ќе може да обработи 2 милиони тони отпад годишно. Тоа се околу 60% од вкупната количина отпад која се произведува во Дубаи. Со капацитет од 185 мегават-часови фабриката ќе произведува доволно енергија за околу 120.000 домови.
И нашите соседи се приклучуваат на низата земји кои преземаат ефективни мерки за заштита на околината од неодговорното однесување на луѓето. Во Хрватска граѓаните најпрвин ќе треба да го селектираат отпадот во своите домови. Во Загреб ќе бидат набавени 376.000 специјализирани контејнери и за ова ќе бидат потрошени 8 милиони евра. Сите контејнери ќе бидат со чип, а со сензори поставени на камионите ќе се отчитува волуменот на отпад во контејнерот. Се очекува дека за две години ќе може да се селектира 50% од вкупниот отпад. Оној кој во Хрватска нема да го селектира отпадот ниту после тест периодот од две години ќе добие казна од 7 до 700 евра.
Сега следува прашањето: што правиме ние? Кај нас се секојдневие отпадоците по улица. И таму каде што има поставено корпа за отпадоци свеста на мнозинството наши граѓани е на толку ниско ниво што нема да го фрлат отпадокот во корпата туку веднаш до неа. А да не ни зборуваме за депониите. Освен оние најголемите за кои често слушаме на вести, во помалите градови има еден куп приватни депонии за кои никој ништо не зборува. Меѓутоа, најголемиот проблем е што луѓето се уште не се свесни за последиците кои ги има секое нивно невнимателно управување со отпадот. И потоа се чудиме од каде тие 8 милиони тони само пластичен отпад во океаните!
Има многу што да се научи од погоре наведените примери. Освен напорите кои ги преземаат земјите на национално ниво, освен иновативните начини на справување со отпадот на поединечни компании, индивидуалните напори многу лесно можат да земат замав и да резултираат со поголеми ефекти отколку што сте можеле да замислите. Главната поента на сите преземени мерки е за кого се прави сето тоа? За нас луѓето, нормално. Луѓето се тие коишто се самите на себеси проблем и истовремено решение. Кога сите навистина ќе сфатиме дека со секој фрлен отпадок си наштетуваме најпрвин на себеси, а потоа и на сите околу нас, ќе почнеме да размислуваме потрезвено и Земјата несомнено ќе има посветла иднина.