Зголемување на инвестициите и раст на целокупната економија, се клучните поволности и директните резултати од мерките за економски раст. Во емисијата на Телевизија 24, Анализа, Заменикот претседател на владата за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев го образложи предлог законот за финансиска поддршка за домашните и странските компании и пакет мерките за малите и средни бизниси.
Суштината на овој закон е, тие што вработиле и што реално вработуваат и се борат на пазарот сега ќе бидат помогнати и тоа ќе доведе до економски раст.
„Сите мерки и целата програма е ставена на два дела, едно е законот каде што се третирани сите компании и се поддржувани успешните, а втората е програмата преку фондот за иновативност каде што е охрабрувањето за сите млади претприемачи кои имаа идеи да останат во државата и ќе бидат силно поддржани“, објасни Анѓушев.
Наспроти недовербата дали државната помош се однесува и на малите, средните и микро претпријатија, Анѓушев образложи: „Ако сите во Законот добиваат 10% поврат на инвестиции, за малите и брзорастечка компании повратот на инвестиции, за првпат е 30%. Со 30 отсто поврат на инвестиција ќе бидат поддржани сите што се микро, мало или средно претпријатие а инвестираат во хали, во капацитети, или за купување машини. Како втора мерка за мало, средно или микро претпријатие коешто воведува нов производ е државна помош од 70% за креирањето на овој производ. Владата ќе помогне со 70% од сите трошоците за создавање на овој производ.“
Една од најатрактивните мерки и за која веќе постојат позитивни практики во светот е третата мерка за малите, средните и микро претпријатија – формирањето на еквити фонд. „Фирма која што има добра идеја, а притоа нема средства да го расте своето мало, микро или средно претпријатие, државата ќе ја помогне со влез во сопствеништвото, односно ќе влезе со 25% во сопственоста на претпријатието: Притоа, сопственикот останува сопственик и ќе добие свеж капитал, а државата ќе го преземе ризикот. Целта е претпријатијата да растат, да делат дивиденда и тие пари да циркулираат“, потпретседателот на владата за економски прашања ја појасни мерката.
Сите овие мерки ќе бидат спроведени во согласност со Законот за државна помош кој што е усогласен со ЕУ. „Закон се носи за сите инвеститори да имаат правна сигурност, а тоа овој предлог закон го овозможува, сигурност и еднаквост за сите компании, домашни и странски“, појасни Анѓушев.
Според мерките за економски раст, „не постои разлика дали компанијата е во ТИРЗ или не е, единствена разлика е дали е гринфилд инвестиција или не е. Секоја компанијата што е гринфилд, без разлика дали е надвор или внатре во ТИРЗ, добива исти поволности, а тоа се десет години ослободување од персонален данок и ослободување од данок од добивка. Нема разлика ни меѓу странски или домашни компании“, прецизираше Анѓушев.
Со мерките за економски раст може да бидат опфатени приближно десетици илјади компании, доколку ги исполнуваат условите и критериуми, а владата има предвидено во фондот за мерките за економски раст приближно 50 милиони евра на годишно ниво.