Виртуелната реалност и проширената реалност сѐ повеќе земаат замав во светот и се неизбежен дел од дигиталната иднина која нѐ очекува. Потенцијалот кој го носи оваа технологија го препознале и неколку млади луѓе во Македонија кои извесно време „работат на случајот“, акумулираат знаење и експертиза и развиваат решенија кои вклучуваат виртуелна реалност како дел од компанијата Prim3D. По тој повод, разговараме со Филип Недевски, основач на овој македонски стартап.
Компанијата Prim3D постои повеќе од две години и моментално работи во Скопје со тим од осум луѓе. До создавањето на компанијата и до идејата дошло, кога Филип Недевски кој инаку по професија е архитект, следејќи ги трендовите за новите технологии, почнал да размислува за примената на виртуелната реалност на пазарот на недвижнини. Идејата му ја преставил и почнале да работат заедно со Жарко Бојковски и со уште двајца јуниор програмери.
„Ние создаваме софтвер за виртуелна и проширена реалност наменет за компании. Важно е да се напомене дека виртуелната реалност е технологија која допрва се развива. Нашиот тим постојано се надоградува и учи преку работењето. Иако започнавме да работиме локално, целта ни беше излегување на странски пазар бидејќи најголемиот дел од компаниите во Македонија го немаат тој потенцијал да си дозволат дигитални услуги кои вклучуваат виртуелна реалност“, раскажува Филип.
Prim3D била примена и во акцелераторската програма на CEED Hub Скопје. Учеството во една ваква програма носи доста бенефити за една млада компанија, но и за претприемачот како индивидуа.
„Учеството во акцелераторската програма имаше најголемо влијание лично на мене, секако покрај стекнатото знаење кое се однесува на компанијата. Лично на мене, бидејќи стекнав перспектива и увид во тоа како да се настапи на пазарот како основач на компанија, како да се разговара со инвеститори, како да се претставува компанијата. Освен што акцелераторската ни даде насока во која ќе се движиме како компанијата, ние едноставно престанавме да се чувствуваме „осамени“ бидејќи претходно не бевме свесни за постоењето на ваква стартап заедница во Македонија иако истата е уште во зачеток. Пред програмата, бевме скептици дали ќе добиеме поддршка за она што го работиме, а видовме дека всушност добиваме поддршка од многу страни.“
Во периодот кога почнувале со работа, компанијата аплицирала и за грант од Фондот за иновации и технолошки развој кој за жал не успеале да го добијат, но ова секако не ги спречило да продолжат во своите напори да обезбедат ресурси, па така следен чекор бил обезбедување на алернативни начини за финансирање за кои во голем дел CEED Hub Скопје им излегле во пресрет.
„Кога почнавме со акцелераторската имавме развиено концепт за производ, но како бизнис модел, како производ, допрва требаше да се пласира поради што ни беа потреби финансии. Откако успеавме да обезбедиме минимални средства, освен што почнавме да работиме на производот, остваривме и контакт со компании на Блискиот исток или поточно во Саудиска Арабија поради потенцијалот што постои на тој пазар за употребата на виртуелната реалност на пазарот на недвижнини. Испративме модел до неколку компании и очекуваме веќе од пролет да почнеме со посериозни разговори за соработка. Огромен исчекор е што како компанија веќе фигурираме на пазарот во Саудиска Арабија“, вели Филип.
Компанијата секако направила напори и за соработка со некои „играчи“ на локалниот пазар за недвижнини. Бидејќи со некои компании уште се во преговори, Филип ја потенцираше единствено соработката со салонот за мебел Фејдом познат по изработка на модуларен мебер. Prim3D изработиле мобилна апликација во која наскоро ќе има и проширена или агументирана реалност за да овозможи преглед на комбинации со модуларниот мебел на фејдом. Како што соопштуваат од Prim3D, оваа соработка веќе има потенцијал да еволуира во виртуелна веб продавница.
Но, што навистина претставува виртуелната и проширената реалност и што сѐ може да им понуди на компаниите?
„Виртуелната реалност уште е експериментално поле бидејќи сѐ се развива од нула кога е всушност и најскапо. Досега слушнавме само за уште една компанија која работи нешто слично со виртуелна реалност во Македонија и драго ми е што има уште некој во државата кој се обидува да протурка вакви проекти.
Виртуелната реалност служи за да создаде нов 3Д свет околу нас. Потенцијалот кој го има за компаниите е огромен бидејќи тие можат да ја користат оваа технологија за поуспешна презентација, за остварување поголеми продажба итн.
Најголемата вредност на виртуелната реалност, според мене, е тоа што таа создава искуства. Сметам дека виртуелната реалност е иднината бидејќи, како што еднаш прочитав, времето на информации заврши, а почнува времето на искуства. Сите големи компании како на пример Facebook започнаа да инвестираат и да развиваат решенија со виртуелна реалност што значи дека и тие го препознаваат потенцијалот“, додава Филип.
Освен што технологијата на виртуелна реалност е во период на развивање кога се неопходни најмногу финансии, она што недостасува особено во Македонија се и човечки ресурси. Но, според Недевски, потенцијал во земјава постои, само е потребно да се инвестира и да се поттикнат младите кои покажуваат талент и желба за работа со вакви технологии.
„Доколку имате идеја и достапни акцелераторски програми кои ќе го олеснат претворањето на идејата во производ, мислам дека нема што да се изгуби. Ако имате идеја и визија, мора да се има храброст да се проба бидејќи дефинитивно постои заедница која ќе пружи поддршка. Движењето во вакви кругови, помеѓу стартапи и претприемачи, пред сѐ влијае на самата личност бидејќи ваквите кругови промовираат еден отворен mindset и размислување за „поголемата слика“.
Ако некој има идеја за нешто оригинално и иновативно, со потенцијал да стартува бизнис, мора да се обиде бидејќи, прво, некогаш може да зажали ако не пробал, а второ ако пробал, а не дал сѐ од себе.“, заклучи Филип во разговорот.
Prim3D е една од најиновативните компании во земјава, а нивните успешни проекти веќе ги препознаваат големи македонски компании, но и странски. Бидејќи виртуелната реалност сама по себе е авангардна, а со тоа и луѓето кои ја развиваат, прашавме што е следното нешто што Prim3D ќе го додаде на своето портфолио со што и го завршивме нашиот разговор.
„Една од целите на компанијата е да почнеме со развивање на решенија со виртуелна реалност кои ќе се користат во образованието, односно за обука и учење. Постојат неколку сегменти каде виртуелната реалност може најмногу да се примени како на пример во персонализираното учење и учењето преку искуства. Ова е дефинитивно иднината на образованието и употребата на виртуелна реалност ќе го направи совршено било кое школство. Онаму каде што не е овозможено односно каде што нема услови и ресури како на пример лаборатории, виртуелната реалност може да се искористи како решение со што ќе придонесе кон кратење на трошоци поради фактот дека софтверот и сетовите за виртуелна реалност ќе се набават еднаш, а ќе се користат повеќе пати.“
(Пишува – Бисера Срцева)