„Фабрика 13“ е млад македонски бренд на рачно изработени ташнички од текстил. Зад него стои младата Наташа Јакимовска, која сакајќи да си направи уникатна ташна за себе, ја започнала приказната со која го гради својот бренд. Таа живее во Кратово, регистрирана е како занаетчија, а дел од семејниот дом го претворила во своја работилница. Наташа е самоука, а основните познавања за шиењето ги научила од чичко и, кој е шивач и од мајка и. Вели дека работи сама и иако работата е напорна, и причинува големо задоволство
Пишува- Сања Наумовска
Г-ца Јакимовска, како започна приказната на „Фабрика 13“?
Приказната на „Фабрика 13“ започна сосема спонтано, без никакви интенции да се занимавам долгорочно со оваа работа. Бидејќи не можев да си најдам ташна по мој вкус, решив сама да си направам и ја изработив од рециклирани материјали. Процесот на изработка ми беше многу возбудлив и многу инспиративен. Потоа изработив по еден модел и за најблиските, а позитивните коментари ме охрабрија да продолжам понатаму. Првата година не работев толку интензивно и редовно, ми требаше време да ги научам материјалите, да го откријам и совладам процесот на кроење и шиење, бидејќи учев претежно сама и најмногу од своите грешки. Во моментов речиси три години како работам како занаетчија и целосно сум вљубена во мојата работа. Задоволството креирањето уникатни дизајни и од среќните клиенти е незаменливо.
Дизајните и моделите на торбичките се за модерни и практични урбани девојки. Од каде инспирација?
Инспирација наоѓам во многу нешта. Секогаш тргнувам од идејата дали тоа што ќе го изработам би го носела јас. Ги следам модните трендови, животниот стил на луѓето и многу често си ја слушам интуицијата. Кај креациите сакам да ја спојам едноставноста со практичноста. Понекогаш самиот материјал ми дава идеја каков модел да изработам и дали истиот ќе биде доработен со некој цртеж или не. Сето тоа помешано со малку фантазија резултира со конечен продукт. Во секој случај, преку моите изработки сакам да пренесам позитивна порака до сите мои клиенти, сакам да ја препознаат љубовта и трудот кој е вложен во нив и сакам да им го пренесам моето задоволство кога ќе ги носат.
Торбичките на „Фабрика 13“ по многу работи се уникатни. Кажете ни какви се производи нудите и за кого се наменети?
Изработувам повеќе модели на женски чанти, бубрежиња и уште еден модел на торбички за на појас. Многу од нив се везени или рачно цртани, во зависност од материјалот и од инспирацијата. Меѓу првите производи кои почнав да ги работам се и торбите за бебешка опрема, кои се практични, со повеќе прегради, меки и направени од материјали погодни за најмладите. Имам два модели на детски ранчиња во форми на различни животинки, слончиња, лисици, мачиња, кученца…, кои ги изработувам со комбинирани техники на цртање и сошиени апликации.
Изработувам и несесерчиња и новчаничиња во кои може да се носат телефони, козметика, ситни парички и слично. Покрај детските, продавам и ранчиња за возрасни со интересни апликации и цртежи, како и по некоја торбичка за машки. Моментално, ова се производите кои се најчесто барани од моите клиенти.
Персонализираните торбички се тренд, колку и како купувачот учествува во креацијата на неговата торбичка?
Тоа најмногу зависи од самиот купувач. Занаетчиската работа дава слобода да се изработуваат уникатни и персонализирани парчиња. Затоа, доколку моите клиенти сакаат да учествуваат во изработката на нивната ташничка, можат да го сторат тоа. Понекогаш, ми се јавуваат со конкретна идеја, точно знаат што сакаат и се договараме околу деталите како истата би можела да биде реализирана. Многу често пресонализираните торбички се купуваат како подарок за некој, па на тој начин добиваат и уште поголемо значење, бидејќи се уникати. Секако, во процесот на нарачки и јас давам предлози и насоки, што и како може да биде направено. Во секој случај резултатот е одличен и е производ на договарање и доста вложен труд. Клиентите се задоволни, а тоа е една од моите главни цели.
Планирате ли да го проширувате производството со други производи?
Секако. Сметам дека тоа е не само неопходно за да опстанеш на пазарот, туку и спонтано се наметнува со текот на работата. Многу често работејќи на еден модел се јавува идеја за нешто ново. Доколку проценам дека идејата е издржлива тогаш изработувам неколку пробни модели. На тој начин стекнувам ново искуство, нови вештини и нови купувачи. Некои мои дизајни со мандала, испечатени на маички, во многу скоро време ќе се појават како нов производ на „Фабрика 13“. Исто така планирам да правам и футроли за таблети, како и еден невообичаен и уникатен производ, торбички за тутун.
Какви материјали најчесто користите?
Најчесто користам цврсти, памучни и природни материјали. Се уште фокусот ми е на овие материјали со кои започнав да работам, затоа што се полесни за работа, можам да ги комбинирам, да цртам на нив а, и добро се прифатени од купувачите. Материјалите ги набавувам во Македонија, а дел и од странство. Изборот го правам според инспирацијата, важно ми е тие да се вклопуваат во моето видување на конечниот дизајн. Понекогаш користам и еко кожа за изработка на цела ташна, но многу почесто еко кожата ја користам како додаток или за правење апликации.
Кои апликации најмногу се барани, што сакаат децата, а што возрасните?
Децата најмногу ги сакаат јунаците од цртаните филмови и домашните миленичиња. Возрасните, пак, повеќе се наклонети кон мотиви од природата, уметностите или пак едноставни и ефективни комбинации на бои. Сакам во секој модел да вклучам комбинации на светли и позитивни бои. Со тек на време, работејќи на различни модели и комбинирајќи техники, морав да се извежбам и во цртањето, бидејќи многу од моделите се со рачно цртани мотиви. Цртам со текстилни бои, а континуираната работа, после десетици изработени торбички, ми помогна малку да се подобрам и на ова поле.
Се цени ли на нашиот пазар рачната изработка и трудот на занаетчијата, може ли занаетот да биде и бизнис од кој се живее?
Занаетчиството не е премногу ценето на нашиот пазар, од различни причини. Меѓутоа, помала група на луѓе знаат да препознаат квалитет и оригиналност и претежно тие се купувачите на моите производи. Занаетчиството подразбира многу вложен труд, постојано усовршување, а за опстојување со него потребни се квалитет во работата и потрага по нови пазари. Потребно е да се сртнат вистинските луѓе од кои може да се научи занаетот, а потоа и да се стекне доверба на купувачот, кој повеќе нема да биде скептичен, дали да купи твој производ или не. Занаетчиството и производството на ракотворби се повеќе начин на живот отколку само начин на заработка.
[quote color=”#adadad”]Oвие уникатни производи се продаваат на ФБ Fabrika13, Инстаграм профилот Fabrika13_handmade и продавницата „Бебе слинг“ од Скопје[/quote]
Дали ве привлекуваат странските пазари, планирате ли да продавате и надвор од Македонија?
Пазарот во Македонија не е голем и секој би сакал да продава и во странство. Во моментов производите ги продавам на мојата фејсубк страна Fabrika13, имам Инстаграм профил Fabrika13_handmade и соработувам со продавницата „Бебе слинг“ од Скопје. Исто така, учествувам и на базари, фестивали и слични настани на кои занаетчиите и ракотворците ги изложуваат своите дела и разменуваат идеи и искуства. Сум пробала да продавам и во странство, меѓутоа се откажав од причина што имав проблеми со трансферот на средства. Се надевам во иднина тој проблем ќе се реши, бидејќи е пречка за сите занаетчии и продавачи кај нас кои сакаат да излезат на странските пазари.
Фото-галерија со дел од производите на Фабрика13: