Британскиот милијардер Санјев Гупта во Јужна Австралија ќе ја гради најголемата батерија во светот. Батеријата е најавено да биде поголема од батеријата на Илон Маск. Во Јужна Австралија од ноември минатата година веќе работи батеријата на Илон Маск со капацитет од 100MW и со големина на фудбалско игралиште. Гупта планира да изгради батерија со капацитет од 120MW во старо складиште кое го купил минатата година, пренесува Inhabitat.
Во 2017 година во Јужна Австралија имаше бура која ја прекина струјата во целата земја, па Јужна Австралија мораше да ја осигура електричната мрежа за во случај на идни слични прекини. Државата почна да инвестира во обновлива енергија, а сега ќе инвестира 7,8 милиони долари во проектот на Гупта. SIMEC ZEN Energy батеријата ќе се наоѓа на околу 300 километри северно од Аделаида. Компанијата GFG Alliance на Гупта минатата година го купи гигантот за производство на челик Arrium, чиј дел е и складиштето кае што ќе се гради батеријата.
Маск минатата година вети дека во Јужна Австралија ќе изгради џиновска батерија за само 100 дена и дека доколку не успее во тоа, ќе ја подари батеријата на државата. Маск успеа да ја изгради за само 63 дена и проектот беше активиран минатиот ноември. Батеријата на Маск е приклучена на фарма на ветар во сопственост на енергетската компанија Neoen и обезбедува доволно енергија за 8.000 домови во тек на 24 часа во случај на прекин на електричната мрежа.