3 C
Skopje
сабота, февруари 22, 2020

Сe креира нов бизнис модел за замена на старите печки што го загадуваат Тетово

Kabtel desktop

Технолошкиот Парк на Универзитетот на Југоисточна Европа преку „О2 Предизвикот“ на Фондот за иновации и технолошки развој се зафати со предизвикот да изработи бизнис модел за инвестиции за замена на старите грејни системи во домаќинствата со нови

Загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат урбаните средини во земјава. Како еден од најголемите причинители на создавањето ПМ 2,5 и ПМ 10 честички се посочува загревањето на домаќнствата со фосилни горива, најмногу дрво, во стари грејни тела. Технолошкиот Парк на Универзитетот на Југоисточна Европа преку „О2 Предизвикот“ на Фондот за иновации и технолошки развој се зафати со предизвикот да изработи бизнис модел за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови.

Бизнис моделот на Технолошкиот парк предвидува изработка на комплетен енергетски аудит на објект, детерминирање на слабите точки во изолацијата, доколку ги има, репарација на истите или поставување на нова изолација како и замена на грејното тело со топлинска пумпа.

За нивната идеја, која би можела да се стави во употреба за 12 месеци, разговараме со Азир Алиу, главен извршен директор на Технолошкиот парк и дел од тимот од четворица експерти за финансии, инженерство, ИТ и право, кои заедно со експертската и академската јавност треба да го доразвијат бизнис-моделот во текот на следните 12 месеци.

Г-дин Алиу, Технолошкиот Парк на Универзитетот на Југоисточна Европа е добитник на средства за изработка на бизнис модел за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови. Која беше мотивацијата токму со ваков проект да конкурирате на „О2 Предизвикот“?

Тимот на Технолошки Парк секогаш будно ги следи сите иновациски и претприемнички проекти во  нашата земја, но и пошироко. Затоа и го разгледувавме повикот на Фондот за иновации, со кој секогаш имаме добри партерски односи, помагајќи им на нашите и нивни крајни корисници.

Да бидам искрен, мотивацијата дојде од соработката со Универзитетскиот „Институт за здравје и животна средина“, кој има долгогодишно искуство во ова област. По конултации со нив, со експерти од областа, а и врз основа на сите релевантни истражувања во врска со аеро-загадувањето, увидовме дека најголемиот поединечен фактор со удел од над 30% во загадувањето на воздухот, се домаќинствата. Исто така, консултиравме многу институции и организации кои се соочувале со слични предизвици надвор до Македонија, кои исто така сугерираа дека најдоброто долгорочно решение за намалување на загадувањето е спречување  воопшто да се случи.

Релевантноста на овој проект уште од самиот почеток се состоеше од можноста да се најде  практична примена на решение базирано врз академско истражување и можноста за негова идна комерцијалзиација. Длабоко верувам дека ваквата соработка може, и ќе донесе позитивен технолошки напредок во земјата. Ние ќе се обидеме да бидеме еден таков пример.

Тимот кој работи на развој на новиот бизнис модел

Тетово е еден од најзагадените градови со ПМ честички, едно време беше и шампион на светот. Мислите ли дека замената на грејните тела целосно ќе го реши проблемот во градот?

За целосно решавање на проблемот се потребни многу повеќе ресурси и многу повеќе напори од сите чинители во системот. Ова прашање не може да биде решено од само една компанија, организација или институција. Но, секако дека можеме во голема мерка да придонесеме тоа да се движи во посакувана насока. Затоа велиме дека ова е долгорочен проект, кој на среден и долг рок сигурно ќе даде релултати.

Нашата прва цел ќе биде да ја подигнеме свеста на локалното населението дека и тие се дел од решението на проблемот, а не само неми набљудувачи. Тоа ќе се реализира преку информативниот веб-портал преку кој секој ќе може да се информира како да ја направи промената на старите грејни тела со нови, колку ќе чини, и колку ќе заштеди базирано врз сопствените потреби и расположливиот буџет. И на самиот крај, на граѓаните сакаме да им понудиме и прифатлив модел на финансирање.

Моделот на финансирање  се базира на „Energy Performance Contracting” концепт. Поедноставено , тоа подразбира формирање на буџет од страна на инвеститори, кој ќе се користи за набавка и монтажа на енерегетски ефиксани грејни тела од страна на крајните корисници. За возврат, во период од неколку години, корисниците ќе ги враќаат позајмените средства од буџетот, генерирани како резултат на заштедата од користење на поефикасните (финансиски и енергетски) грејни тела.  Моделот предвидува, висната на заштедата да ги покрие, не само основниот влог, туку и цената за истиот.

Опцијата предвидува изработка на комплетен енергетски аудит на објект, детерминирање на слабите точки во изолацијата, доколку ги има, репарација на истите или поставување на нова изолација како и замена на грејното тело со топлинска пумпа. Моделот предвидува и соработка со банки, доколку кај истите постои интерес за пласман на нивните средства, по погоре споменатата методологија.

Во однос на соработка со производители на грејни тела, во Македонија нема производител на топлински пумпи со таков квалитет, кој би бил од интерес за соработка. Генерално, опремата ќе се набавува од реномирани производители , докажани на светскиот пазар. Намерата е набавените продукти да бидат од највисок квалитет, пред се во делот на енергетската, а со самото тоа и финасиска ефикасност, со што би се гарантирало функционирање на моделот. Во развојот на моделот предвидена е можност за учество на државата, доколку постои интерес од страна на институциите.

Концептот за набавка на старо или веќе користено грејно тело, е во потполна спротивност на моделот , затоа што овде функционира „што поново, тоа подобро“, поради моментот на брз технолошки  развој на топлинските пумпи од аспект на ефикасност и искористливост.

Само на овој начин можеме заеднички и ефикасно да се бориме со овој пробем, и да спречиме тој да се повторува и во иднина. Впрочем, најдобар лек против една болест е воопшто да не се разболите!

Каква улога треба да има државата во ваков потфат?

Улогата на државата повеќе ја гледам како техничка поддршка и отстранување на административните бариери за бизнисот да си го направи своето. Државата во овој случај би можела да се вклучи во промовирањето на моделот, неговото соодветно формализирање, влкучување во договорните процеси и гаранција помеѓу инвеститорите и корисниците. Доколку бизнис моделот се покаже како финансиски исплатив – а засега не гледаме причина зошто да не е така, тогаш државата би имала и сопствен интерес за проширување на истиот и во други градови и со комплементарни услуги.

Дали е остварлива идејата старите грејни системи целосно да се заменат со системи кои ќе користат обновливи извори?

Да, тој процес неминовно ќе се случи. Нашата работа е да согледаме како тоа да го направиме побрзо, поефикасно и финснсиски исплатливо и за домаќинствата како крајни корисници, но и за индивидуалните или институционални инвеститори.

Моделот предвидува исклучиво набавка на енергетски ефикасни грејни тела на база топлински пумпи со висок „coefficient of performance”.  Воопшто не предвидува набавка на котли на дрва, камини , електрични котли , котли на пелет или слични технологии.

Направивте ли пресметка колку едно семејство ќе го чини замената на старите печки?

Финансиската конструкција зависи од многу фактори како на пример: квадратурата на грејната површина, типот на домување (дали е куќа или стан), водот на изолацијата, староста на објектот и многу други параметри. Но, нашиот модел ќе биде базиран врз реалните состојби односно – реалната фактичка слика и досегашите трошоци за греење на даденото  домаќинство. Па така и пристапот кон решението, односно финасиските реперкусии ќе бидат целоно индивидуални. Тоа значи дека во зависност од: досегашните трошоци на греење, видот и типот на објектот и финансиските можности, на секое семејство ќе му биде изготвен индивидуален инвестициски план.

На пример, станбен објект со површина од околу 100 квадратни метри, во тек на една грејна сезона може да потроши околу 12 кубни метри огревно дрво. Цената на огревното дрво во есенска сезона, во зависност од годината, се движи во дијапазон од 50 до 70 евра за кубен метар. Под претпоставка на просечната цена е 60 евра за кубен метар, годишниот трошок за греење е вкупно 720 евра.

Доколку традиционалната печка на дрва се замени со топлинска пумпа , инвертерски тип ( воздух/ воздух) со “COP” > 4 ,  од најквалитетен производител, сумата на инвестицијата би изнесувала околу 1.200 до 1.400 евра. Доколку станува збор за директен увоз од производителот, на голема количина каде нема да бидат вкалкулирани никакви маржи,  затоа што целта на проектот е намалување на ПМ10, а не профит, цената на топлинската пумпа би била помала од 1.000 евра по парче.

Оперативните трошоци за греење на домаќинството во текот на годината нема да бидат поголеми од 65 евра на месечно ниво, односно 390 евра годишно. Заштедата од околу 300 евра годишно, сукцесивно во наредните 4 до 5 години ќе се враќа во буџетот на инвеститорите. Откако ќе ја исплати инвестицијата, вишокот од 300 евра на годишно ниво ќе останува во семејниот буџет на домаќнството како директна заштеда. Она што е најважно и што е целта на овој модел е што веќе од првиот момент на замена на старите грејни тела ќе овозможи НУЛТА емисија на ПМ 10.

Пишува- Сања Наумовска

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •