Од денес започнува првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развоj од третиот столб на Планот за економски раст. На овој повик може да се пријават микро, мали и средни претпријатија кои со предлог-проекти ќе аплицираат за 185 милиони денари или околу 3 милиони евра.
Вкупниот буџет за мерките од третиот столб изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра, а наредните два повици се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година.
На прес-конференција на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кажа:
„Со реализација на овој повик, преку директна финансиска поддршка од државата ќе се поттикне развојот на македонската економија и раст на бруто домашниот производ. За првпат се обезбедени средства, кои што ќе поддржат техничка помош и помош на развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи. Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи. Развојот на иновативноста е иднината на економијата.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски потенцираше со повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.
Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.