Британските медиуми деновиве објавија дека оваа држава планира да претвори преку 100 дизел возови во возови кои ќе работат на водород и ќе бидат вклучени во железничката мрежа во наредните три години. Возовите ќе бидат со иста брзина како и досега и ист опсег како и возовите на дизел, со тоа што овие ќе бидат скоро безгласни поради тоа што единствениот гас кој ќе го испуштаат ќе биде пареата.
Како што пишува Express, програмата за конверзија на возовите ќе ја спроведе францускиот производител Alstom и ќе ја направи Велика Британија лидер во светот во поглед на водородна железничка технологија.
Министерот за железнички транспорт на државата, Џо Џонсон, во февруари ја повика индустријата целосно да елиминира вкупно 3900 воза на дизел до 2040 година. Ова е поради резултатите до кои дојде Комисијата за безбедност во железничкиот сообраќај според кои воздухот и средината на најголемите железнички станици како King’s Cross во Лондон и Waverley во Единбург се енормно загадени што е штетно и по здравјето на вработените.
Избраните возови кои ќе бидат претворени во возови на водород се произведени во 1988 година, а резервоарите со водовод ќе им бидат инсталирани на покривот кои ќе ги напојуваат батериите генерирајќи струја во комбинација од водород и кислород. Возовите ќе функционираат со литиум-јонски батерии и со нив, возовите ќе имаат капацитет да поминат околу 600 километри.
Од компанијата која ќе го врши конвертирањето објавиле дека првичната инвестиција во водородни возови е поголема отколку инвестицијата во возови на дизел, но долгорочно е поисплатлива бидејќи возовите на водород ќе можат да работат и до 40 години.