Користењето на алтернативни горива ќе го намали загадувањето

- Advertisement -

Употребата на алтернативните горива во индустријата ќе донесе видливи придобивки за животната средина, за општеството и за економијата на земјата и затоа нивната употреба во Македонија треба да се охрабри и стимулира, по примерот на развиените земји и членките на Европската Унија. Ова е еден од заклучоците и препораките на учесниците на панел-дискусијата посветена на темата за употребата на алтернативните горива во Македонија, во организација на Центарот за почисто производство при Машинскиот факултет во Скопје и УНИДО – Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации.

„Во науката е постигнат прилично јасен консензус околу употребата на отпадот како гориво во индустријата, а особено за придобивките од тоа. Дефинитивно се работи за еколошко решение на проблемот со акумулирање и депонирање на отпадот и намалување на употребата на необновливите фосилни горива. На тој начин се поддржува концептот на развој на индустриите со ниски јаглеродни емисии и т.н. циркуларна економија со што недвојбено се придонесува кон остварување на основните цели на одржливот развој.“, смета раководителот на Центарот за чисто производство при Машинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Атанас Кочов.

- Advertisement -

Алтернативните горива се употребуваат во развиените индустриски земји и членките на Европската Унија повеќе од 15 години. За овој временски период развиени се современи технолошки решенија кои овозможуваат нивна ефикасна употреба во индустријата, со што значително се намали потрошувачката на фосилни горива. Во овoј сегмент лидер е Германија каде употребата на алтернативни горива заменува и до 65% од фосилните горива во индустријата. Тоа влијае на намалување на емисиите на штетните „стакленички“ гасови во атмосферата, како и на загадувањето на водата и почвата.

Покрај ова, користењето на отпадот како гориво им овозможи на развиените земји да го сопрат ширењето на депониите и да создадат нови работни места во индустриските капацитети за подготовка и употреба на ваквиот вид горива.

- Advertisement -

„Фрлањето и акумулирањето на отпад во депонии е веќе законски забрането во Германија и Австрија, а очекувањата се дека наскоро нивниот пример ќе го следат и останатите членки на ЕУ, со оглед на тоа што една од целите на Директивата 98/2008 е да се сведе на минимум просторот за депонии, со тоа што ќе се применуваат технологии за обнова на материјали и енергија. Токму тоа се постигнува со примена на алтернативните горива кои во еден дел се добиваат со селекција и соодветна подготовка на отпадот што досега само се складираше на депонии, а се создава во прехрамбената, текстилната индустрија, земјоделството, но и во самите домаќинства.“, објаснува д-р Никос Николакакос од европската организација Cembureau, со седиште во Брисел, која има големо искуство во оваа област.

- Advertisement -

Покрај домашни и странски експерти од оваа област, на панел-дискусијата учествуваа и претставници на државните институции, компании и невлaдиниот сектор, а беа презентирани и неколку позитивни примери, искуства и идејни проекти на домашните компании: Електрани на Македонија, Пивара Скопје, Цементарница УСЈЕ и Везе Шари, чија заедничка цел е енергетската ефикасност и намалување на јаглеродните емисии во воздухот.

 

Сподели!
- Advertisement -