ИнноПлатформа, како иновациите да ги направиме дел од секојдневието на малите и средни претпријатија?

- Advertisement -

За да може едно претпријатие во денешно време да биде конкурентно и одржливо на долг временски рок, потребно е да биде иновативно. Потребно е постојано да воведува нови производи и услуги, и да биде способно да ги менува своите внатрешни процеси, да го менува начинот како ги организира своите ресурси и начинот како ги остварува своите приходи. Токму за јакнење на национална иновативност, конкурентност и анализа на потенцијалот и капацитетите на малите и средни претпријатија, разговараме со директорката на Центарот за управување со знаење и проектен менаџер на Европскиот проект ИноПлатформа, д-р. Андријана Богдановска

Накратко, кажете ни повеќе за проектот Инноплатформа?

- Advertisement -

Инноплатформа или Иновативна платформа и алатки за зголемување на иновативните капацитети на малите и средни претпријатија во Балканската медитеранската област е проект поддржан преку Interreg BalkanMed програмата на Европската Унија, која се спроведува во периодот 2014-2020 година. Инноплатформа, е  двегодишен проект кој започна да се спроведува во август 2017-та година. Проектот го спроведува Конзорциум од 6 организации и институции од 5 земји на Балканско Медитеранската  област. Неговата клучна цел е да ја подобри конкурентноста на Балканско Медитеранската област преку зголемување на постоечкото знаење за иновации во бизнис моделите кое би се преточило во развој на алатки (InnoTools) за МСП-ја, но и сервиси (InnoScoreard и InnoRegion) чија цел е да им помогнат на на претпријатијата да соработуваат во поширокиот регион, но и да бидат во можност да ги разберат предностите и слабостите на регионалната иновативност. Носител на проектот е Центарот за Управување со Знаење , а другите партнери се:  Computer Technology Institute and Press “Diophantus” од Грција, UET Centre од Албанија, Burgas Free University од Бугарија,  Limassol Chamber of Commerce and Industry од Кипар и Association of Information Technology Companies of Northern Greece исто така од Грција. Исто така соработуваме со University of Bedfordshire Business School од Англија и Yasar University од Турција како партнери набљудувачи.

Покрај генерирањето на ново знаење, методологија и алатки, проектот ИнноПлатформа има за цел да создаде инфраструктура од 6 центри за извонредност во иновациите опремени со прототипни лаборатории. Овие Центри ќе бидат носители на знаењето, продолжена рака на поддршка на МСП-ја во поширокиот регион, како и нивни надворешни центри за истражување и развој.

- Advertisement -

Кои се тековните активности на Иноплатформа? Која е стратегијата на проектните активности  и сегашната реализација?

За време на првите десет месеци спроведовме многу активности насочени кон мапирање на иновативниот потенцијал и активности во Балканско Медитеранската област.  Овие активности беа спроведени на три нивоа: (1) на ниво на држави и макро регион, (2) на ниво на индустрии и (3) на ниво на претпријатие.

- Advertisement -

Најпрвин, во текот на втората половина од 2017, спроведовме проценка на деловната средина и иновативниот потенцијал на сите пет земји чии партнери учествуваат во проектот, вклучувајќи ја и нашата земја.  Истото го направивме преку примена на индикаторите на европската методологија за проценка на иновативниот потенцијал на државите и анализа на 4 индекси на иновативноста:

  1. Рамковни услови кои ги разгледуваат влезните параметри како што се човечкиот капитал, истражувачките системи и средина која ги поддржува иновациите;
  2. Инвестиции насочени кон проценка на инвестициите на компаниите но и формите на финансиска помош во државата
  3. Иновативни активности на МСП-ја; и
  4. Влијанието од иновативните активности разгледуван преку зголемување на вработеноста и продажбата.

При тоа исто така го разгледавме и деловниот контекст на самата држава кој го анализиравме преку селекција на структурни варијабли како што се: економија и макроеконосмка стабилност, деловно опкружување и социо-економската средина. Студијата за Република Македонија  како и за другите Балканко медитерански држави може да се види и разгледа на следниот линк.

Анализата беше спроведена на податоци од 2010- 2016 година за сите пет балкански држави.  Вредноста на индикаторите како и можноста да се споредат визуелно перформансите на државите е дел од сервисот InnoScorecard, web 2.0 апликација.  Во исто време, создадовме и компарабилен индикатор за иновативниот потенцијал на целата балканско медитеранска област. На пример, на сликите подоле може да се види  бројот на докторанти на популација од 1.000 во возрасната група 25-34 години за 2016-та година – за секоја од Балканско медитернаските држави, за целата Балканско медитеранска област, и за Европската унија. Овие податоци се нормализирани и укажуваат дека од регионот во 2016-та година, најдобра е Република Бугарија.

Со цел овие податоци да дадат поширок увид, во InnoScorecard ја имаме и можноста за корелации. На пример, од корелациите може да се разгледа дали бројот на докторанти на 1000 жители во популацијата 25-34 години, влијае врсз објавените трудови во научни списанија. Оттука може да се види дека нашата држава е најниско рангирана.

За да можеме да ги идентификуваме можностите за соработка на МСП-јата од регионите на сите партнери во проектот, во првата половина на 2018-та година спроведовме пошироко истражување на иновативниот потенцијал на 6 региони: скопски, тиранскиот, југоисточен регион во Бугарија, Лимасол регионот во Кипар, регионот на Западна Грција и регионот на Централна Македонија. Истото беше направено со цел да го прикаже контекстот за идентификување на доминантните брзо растечки индустрии.  Проектните партнери спроведоа повеќе од 60 интервјуа со менаџери на мали и средни претпријатија од овие индуструии со цел да дознаеме повеќе за предизвиците на овие индустрии, потенцијалот за раст, но и потребата за сервиси кои би ги поддржале нивните активности.  Овие наоди ни помогнаа да ги идентификуваме димензиите на вториот резултат од нашиот проект, сервисот InnoRegion.  InnoRegion има за цел да им помогне на МСП-ја та од сите пет држави брзо да се вмрежуваат, лесно да идентификуваат стратешки партнери (финансии, знаење) и нови пазари.

Сервисите за InnoScorecard  и InnoRegion треба да бидат пуштени на крајот на август 2018-та година заедно со техничкото решението за Иноплатформа и InnoTools.

Во втората половина на 2018-та година спроведовме и поширока анкета на МСП-ја во сите пет држави.  Анкетата имаше за цел да ни даде податоци за деловните практики на претпријатијата и согледување на факторите кои ги прават одредени МСП-ја да бидат поуспешни во иновациите во споредба со други.  Со анкетата, нивото на анализа го спуштивма на ниво на компанија, бидејќи претходните две истражувања ни беа на ниво на нација и ниво на индустрии. Секако, во оваа анализа која се уште не е јавно објавена ги користиме и податоците од Community Innovation Survey на ЕУ, со цел да можеме да ги идентификуваме и мапираме бизнис-модел иноваторите во Балканско Медитеранскиот регион.  Сепак овие податоци не беа доволни бидејќи сакавме да дознаеме какви деловни практики спроведуваат различните типови на иноватори, како и неиноваторите и кои алатки ги користат во процесот.  Од таа причина ни беше потребна анкетата.

Податоците ни помогнаа во идентификување на пет ИнноАлатки или InnoTools, на чија методологија сеуште работиме. Овие алатки се: ИнноМодел, ИнноСтратегија, ИнноПартнер, ИнноФин,и ИнноПроект, обележани со различни бои на графикот. 

Целта на овие алатки е да им помогне на постоечките МСП-ја успешно да иновираат, но сепак пристапот е фокусиран на воведувањето на нови производи и услуги. Овие ИнноАлатки ќе бидат претставени преку серии на на 30 Инфоденови во септемрври оваа година. Најважната алатка или ИнноПроект вклучува сериозен пристап и поддршка на МСП-ја во успешното водведување на нови производи и услуги.  Во рамките на оваа алатка, ќе се користи и опремата за подготвување на прототипи која ја добивме во рамките на проектот.

Спомнавте дека се изработени неколку студии за нашата држава како и анализа за анализа на иновативниот потенцијал на скопскиот регион. Што покажуваат наодите?

Студијата за Иновативниот потенцијал на национално ниво покажа дека во истражуваниот период (2010-2016), нашата држава се има подобрено во : (1) Извоз на средни и високотехнолошки производи; и (2) Воведување на низок даночен систем, но исто така бележиме процентуален раст на учеството на населението (25-34 години) со завршено високо образование во вкупната популација; зголемување на стапката на приклученост на широкопојасен интернет; намалување на стапката на невработеност од 37% на 25%; промена во структурата на вработеноста како нова вработеност креирана во секторите со повисока додадена вредност; како и формирањето на Фонд за поддршка на иновации. Сепак, сè уште постои потреба за вистинска инфраструктура за поддршка на иновациите, центри за трансфер на технологии, ацелератори и слично.

Наодите од Регионалната Студија за Скопскиот плански регион го потврдуваат фактот дека регионот е водечки економски изведувач и иноватор на национално ниво, но сепак, и покрај ваквите наоди, капацитетите за регионални перформанси и иновации заостануваат зад регионалните просеци на Балканско медитеранската област и ЕУ. Во оваа студија применивме методологијата на ЕУ за Регионална иновативноста и успеавме да собере повеќе од 80% од потребните податоци за да го мапираме регионот. Во текот на 2010-2016, деловните субјекти кои работат во регионот генерирале повеќе од половина од националниот извоз и повеќе од половина од националниот увоз, а исто така зголемен е и бројот на МПС (број на вработени помеѓу 10-50), заедно со бројот на големи претпријатија (повеќе од 250 вработени). Сепак, Скопје е регион со најповолна структура во однос на достапниот човечки капитал и активности за истражување и развој на национално ниво, но од друга страна, населението старее, а инвестициите во истражувањето и развојот се многу ниски и покрај лидерската позиција на национално ниво.

Целта на ова истражување беше да се даде контекстот за идентификување на доминантнтите брзо растечки индустрии во скопскиот регион, кое се проведе преку ЕУ ИНОВА методологијата.  Откривме дека од 6-те нови брзо растечки индустрии во Европа, во Скопскиот регион најдоминантни се искуствените индустрии и индустриите на мобилност. Најмалку застапени и активни се еко индустриите.

Искуствените индустрии вклучуваат активности традиционално поврзани со секторите на туризмот, културата, или слободното време, потоа со архитектура, изградба, дизајн, толкување, снабдување со опрема или менаџмент консултантски услуги.  Индустриите на мобилност пак ги опфаќаат секторите на активности кои обезбедуваат производи и услуги кои имаат за цел да ја оптимизираат мобилноста на стоките и луѓето преку комбинирање или поврзување на различни средства и начини на транспорт.  Индустриите за мобилност исто така ги опфаќаат развивачите на софтвер и изградбата на станбени и нерезиденцијални објекти, заедно со изградба на секаков вид инфраструктура.

Кои се следите активности во рамки на проектот?

Во текот на летниот период имаме зголемен број на активности и настани. Првенстевно сме насочени кон презентирање на резултатите од нашето последно истражување насочено кон дефинирање на видовите на иновации и иноватори помеѓу МПС-ја застапени во Балканската медитеранска област во сите земји вклучени во проектот (во гореспоменатите 6 региони). Понатаму, Инноплатформата заедно со InnoScorecard  и InnoRegion треба да бидат пуштени на крајот на август 2018-та година. Во престојниот период како што напоменав, ќе бидат преставени Инноалатките преку серии на 30 инфо-денови кон кајот на летото. Дел од обуките ќе се одржуваат во Скопје, а дел ќе бидат спроведени во Штип и Прилеп. Најважниот настан во рамките на проектот во периодот што доаѓа за нас е оддржувањето на Првата Интернационална Конференција којашто ќе биде оддржана во Октомври во Скопје.   Во овој период исто така ќе го заокружиме и воспоставувањето на Центрите за Извонредност во Иновациите опремени со прототипни студија (и-лаборатории). Во иднина како истражувачки центар планираме активно да продолжиме да работиме на нови проекти за развивање, промовирање и поттикнување на иновациската дејност во Р. Македонија. Исто така спроведуваме различни обуки за поддршка на иновациски дејности, за развој на иновации, и за остварување на забрзан технолошки развој, базиран на трансфер на знаење. Нашата цел е да станеме препознатлив субјект во земјата кој работи во оваа област и да продолжиме со добрата работа!

Центарот за Управување со Знаење е истражувачки центар формиран во 2008-ма година, со цел да ги зајакне и подобри процесите на управување со знаење во сите општествени области во република Македонија и регионот на ЈИЕ. Центарот покрива широка палета на активности која се спроведува во соработка со граѓанскиот сектор, државните институции и деловната заедница. Визијата на Центарот е да прерасне во активен учесник во институционалниот и економскиот развој на земјата и регионот. www.knowledge-center.org

Сподели!
- Advertisement -