Европската комисија ќе предложи да се укине летното сметање на времето, изјави претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер. „Луѓето го бараат тоа, па затоа и ќе го направиме“ изјави Јункер.
Во анкетата која ја нарача Европската комисија, а се спроведуваше од јуни до средината август оваа година, повеќе од 80% од Европејците изјавија дека сакаат да се укине поместувањето на часовникот напролет и наесен. Во анкетата учествуваа 4,6 милиони луѓе.
Иако Јункер не го рече тоа експлицитно, бидејќи се повикува на анкетата, се претпоставува дека Европската комисија ќе им ја исполни желбата. Меѓутоа, малку е веројатно дека сите европски земји ќе го изберат летното време, кое, во зависност од географската положба, ќе им го продолжи мракот наутро. Затоа, не е сигурно дека предлогот ќе биде изгласан со мнозинство во Европскиот парламент.
Некои земји од ЕУ се изјаснија дека сакаат да го задржат поместувањето на часовникот, а меѓу нив се Литванија, Естонија, Летонија и Чешка. Летното сметање на времето е воведено по нафтената криза во 70-тите години со цел да се заштеди енергија. Од 1996 година сите земји на ЕУ го поместуваат часовникот напред или назад, но контроверзно е прашањето колку енергија се заштедува со тоа и нема еден единствен одговор.
Научниците, пак, со многу истражувања покажаа дека поместувањето на часовниците му штети на организмот. По предлогот на Европската комисија, каква било промена во сметањето на времето мора да ја одобри Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ.