Пластичниот отпад наскоро може да испадне нешто многу побитно од загадувач на околината. Научници од Универзитетот Свонси открија начин да ја претворат пластиката во водородно гориво, кое во иднина ќе може да се користи за возилата. Процесот вклучува додавање материјали кои ја апсорбираат светлината, потоа поставување во раствор и изложување на сончева светлина. Според истражувањето, овој процес може да биде поевтина алтернатива за рециклирањето на пластиката затоа што нема да има потреба од чистење, пишува GreenMatters.
„Секоја година се користат милијарди тони пластика, а само незначителен дел од тоа се рециклира. Се обидуваме да најдеме начин да ја искористиме без да ја рециклираме. Убавината на овој процес е во тоа што нема постапка на пребирање и се разложуваат сите видови пластичен отпад. Дури и ако на нив има храна или маснотии, нема да ја спречат реакцијата, дури ќе ја направат подобра. Со овој процес од пластиката се добива гас- кој може да се користи како гориво за автомобили“ вели д-р Мориц Кенел, одговорен за одделот за хемија на Универзитетот Свонси.
Иако за ова откритие на Универзитетот да се имплементира на индустриско ниво ќе поминат години, трендот е дека се повеќе се бараат начини како светот да се ослободи од пластиката. Истражувања се спроведуваат и во лабораторија во Кембриџ, а се повеќе компании и организации наоѓаат начини или да ја забранат употребата на пластиката за еднократна употреба или да ја реупотребат на корисен начин.