Првиот комерцијален Hyperloop во светот веројатно ќе почне да вози во 2019 година и ќе пренесува патници со супероснична брзина од 1.220 километри на час. Hyperloop Transportation Technologies (HTT), една од компаниие кои се трудат да ја реализираат визијата на Илон Маск за овој футуристички транспорт, го претставија првиот „вагон“ во Пуерто де Санта Марија во Шпанија.
Го нарекоа Quintero One. Станува збор за масивна капсула долга повеќе од 30 метри и тешка пет тони. Од HTT велат дека оваа капсула е направена од посебен материјал наречен вибраниум, односно материјал од карбонски влакна испреплетени со сензори, пренесува DailyMail.
Капсулата е подготвена за масовно производство и кога ќе биде готов и ентериерот, ќе може да пренесува од 28 до 40 патници. Од Шпанија капсулата ќе биде пренесена во центарот за истражување и развој на HTT во Тулуз, Франција, каде што ќе биде подложена на тестови на пруга и дополнително ќе биде опремена.
Прототипот на капсулата беше направен во компанијата Airtificial, која е партнер на HTT. „За само пет години ние ги решивме сите загатки и ја подобривме технологијата за Hyperloop со нашиот нов систем за левитација, новите вакуум пумпи, новите батерии и паметните композити. Оваа капсула ќе биде дел од еден од најефикасните транспортни системи кои некогаш ги направил човекот“ вели Дирк Алборн, соосновач и извршен директор на HTT.
Идејата за Hyperloop прв ја претстави Илон Маск уште во 2013 година, кој тогаш рече дека ваквиот футуристички транспорт ќе може да пренесува патници со максимална брзина од 610 км од Лос Анџелес до Сан Франциско за само 30 минути, што е двапати помалку отколку што трае летот со авион меѓу двата града.