Кинезите сакаат во вселената да лансираат сателит кој ќе емитува светлина како таа што ноќе ја емитува Месечината, но осумпати посилна. Кинезите имаат големи планови кога е во прашање Месечината и крајната цел им е во иднина да испратат човечки екипаж, но дотогаш веројатно ќе помине многу време. Но, многу порано пред тоа ќе го реализираат проектот кој многумина го нарекоа „Лажна Месечина“.
На овој проект веќе неколку години работат научници од универзитетот во кинескиот град Ченгду, а ако се покаже успешен, тој во градот може да ја замени ноќната светлина и долгорочно да заштеди пари. Големиот сателит би требало да осветлува површина од 10 до 80 квадратни километри, а со ширината на осветелниот простор ќе управуваат научници од Земјата.
Моментално нема никакви информации за тоа колку ќе чини овој проект, како и колкава ќе биде заштедата ако се покаже успешен. Исто така, како уште еден потенцијален проблем се споменува негативното влијание на дивите животни, на кои силната светлина би можела да им ги поремети животните рутини.
Ако се оди според планот, лансирањето на сателитот во орбитата можеме да го очекуваме во 2020 година, а уште не се познати идните планови – ако проектот е успешен, дали ќе лансираат нови сателити за другите кинески градови.