Кој не сака крцкави и вкусни моркови, но дали таа цврстина на морковите може да помогне да се направи поцврст цемент и да се намали емисијата на јаглерод диоксид од градежната индустрија? Група истражувачи од Универзитетот Ланкастер во Велика Британија блендираа моркови со цемент за да откријат дали овој вкусен и корисен зеленчук може да го подобри цементот.
Новиот материјал кој е резултат на експериментирањето е составен од наночестички од морковите кои се отпаден материјал и обичен цемент. Необичната мешавина е отпорна на пукнатини и е 80% поцврста од конвенционалниот производ.
„Композитот не само што е супериорен во однос на производите од цемент денес во поглед на механичките и микроструктурните карасктеристики, туку се користи и помала количина цемент. Така значително се намалува потрошувачката на енергија и емисијата на јаглерод диоксид“ вели професорот Мохамед Саафи од Катедрата за инженеринг на Универзитетот Ланкастер.
Производството на цемент е одговорно за 7% од вкупната емисија на јаглерод диоксид. Во текот на истражувањето научниците утврдиле дека со додавањето моркови се заштедуваат 10 кг цемент и исто толку јаглерод диоксид по кубен метар бетон.
Тимот научници експериментирал и со влакна од цвекло, како и со други зеленчуци. Тие ќе продолжат да го тестираат новиот цемент со комерцијалните партнери, односно шкотска компанија која произведува боја од растителни влакна од корени. Исто така, се обидуваат да откријат начин како да ги зацврстат постојните бетонски структури со новиот цемент без да мора да почнат од нула. Тие ја разгледуваат можноста да се ставаат тенки листови од новиот материјал, кои ќе бидат пофлексибилни од карбонските влакна и подобра заштита од потенцијални штетни сили.