„Повеќето простори за ко-работење (coworking places) во светот се независни, започнати со минимум ресурси, со природен раст низ годините. Најстарите простори така се родиле. Затоа, не очекувам Скопје и Охрид веднаш да влезат во фокусот и да отворат гигантски вакви простори, и веднаш да бидат финансиски одржливи. Најдоброто за овие модели е што ќе можете да ги создавате по своја волја, без да мора да ја продадете душата на инвеститор, или банкар. Ќе избегнете лоши бизнис партнери, а ќе бидат добри хабови за заедницата“, вели Рајан Чатертон во интервју со Радио МОФ.
Чатертон веќе неколку месеци е во Македонија. Тој е американски претприемач, резидент на Швајцарската програма за претприемништво, кој работи да го подобри и претприемачкиот стартап еко-систем во Македонија. Преку „Coworking Insights“ и „Habu“ има насобрано големо искуство за просторите за ко-работење.
Седнавме со Чатертон на развор во „Јавна соба“. Веднаш ни даде основна дефиниција за терминот „ко-работење“ – работење заедно покрај/со други луѓе, кои не мора да бидат од вашата организација. Kонцептот стартуваше некаде во 2005, а сега расте, се развива во последните 10-15 години.
Ги посочува „WeWork“ и „Mindspace“, но и различни простори за мини настани, за кафе, корпоративни или бизнис места, простори во мали градови, економски неразвиени или рурални средини. Или на пример во туристичко Банско кое брои само 8.500 жители.
„Моментално сме во ‘Јавна соба’, каде не ви продаваат членарина, но ви продаваат кафе. Затоа ја сакам основната дефиниција за ‘ко-работење (‘coworking’). Тука имате луѓе кои не работат заедно во иста фирма, но работат еден до друг. Некои се пријатели, се дружат и слично“, вели Чатертон.
Влијанието за заедницата е исто така важно, вели тој, посочувајќи го просторот за ко-работење „Hamilton house“ во Бристол. Приказната таму започнала во 2008 година во озогласен предел со многу криминал. Потоа над 3.500 квадрати ги претвориле во креативен, побезбеден простор за артисти и различни динамични луѓе, повлекувајќи со време и бизнис идеи.
Гледа потенцијал и за Македонија. Сепак, еден од проблемите е недостатокот на минимум средства, но и создавање атмосфера кај граѓаните дека се потребни вакви простори.
„Не мора да биде месечен модел. Може да биде и место за кафе. Ве молам само имајте брз интернет. Тоа е нужност за секој дигитален работник. Дефинитивно постојат можности, особено преку ЕУ, така ќе се отворат фондови. Чудно е што повеќе има интерес за простори за ко-рабоење во Охрид, а не Скопје, бидејќи е главен град“, вели тој.
Инаку, Чатертон е основач на „Coworking Insights“, медумска платформа за ко-работење, фокусирана на уникатен и детален увид на основачите и тимовите. Во 2016 се придружи на „Habu“, брзорастечка платформа – менаџирање на простори за ко-работење. Својот живот во полето на ко-работењето го започна во Јута, лансирајќи и водејќи хаб во Солт Лејк Сити, за да се пресели и работи во Сан Франциско, и потоа низ целиот свет. Се занимава со маркетинг, настани, операции, продажби, софтвер, партнерство.
Бојан Шашевски, Радио МОФ
Подкастот и интервјуата од серијалот Skills that Pay the Bills се изработени од Радио МОФ. Нивна цел е да ангажираат млади лидери преку претприемништво и да ја подобрат свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.