Седумнаесет компании и организации од Македонија се меѓу првите кои се приклучија на иницијативата за поголема застапеност на жените во бизнисот „Еднаква моќ“! Со ова тие добиваат пристап до бесплатна експертска помош за примена на мерките за урамнотежено лидерство, и со тоа ја покажуваат нивната општествена одговорност кон поголема родова еднаквост.
БиМилк, Адора Инженеринг, Раде Кончар ТЕП, Комерцијална банка, Макпрогрес Кабтел, Завар, Баргала, Ларс Штип, Албатрос Штип, Семак Фешн Компани, Штиптекс, Џојсон Сејфти Систем, Факултет за ветеринарна медицина Скопје, Технолошко-Металуршки Факултет Скопје, средните училишта „Коле Нехтенин“ и “Јане Сандански“ од Штип потпишаа изјава со која се залагаат за урамнотежено родово управување.
Овие организации, при спроведувањето на некоја од мерките за родова рамнотежа, ќе добијат бесплатно специјални алатки за управување со таленти не само по пол, туку според компетенции и вештини. Некои од мерките кои можат да изберат да ги спроведат се определување на целниот удел на жените во управата на фирмите, образовни програми за жени, кариерно менторство за жени и шема на набљудување на работата, кариерно спонзорство, регрутирање – од тројца кандидати најмалку една жена, и управување со поставување цели. Со примена на овие мерките, организациите ќе обезбедат кариерен развој во иста мера на жените и на мажите, ќе ги идентификуваат пречките за прием на жените во повисоката управа, ќе им го овозможат или олеснат пристапот до управувачките позиции и ќе воспостават континуиран и систематичен пристап за поттикнување на родовата еднаквост.
Бројни истражувања докажуваат дека компаниите кои имаат родова рамнотежа на одлучувачките позиции, се поуспешни – растот на вредностите на нивните удели бил 17 отсто повисок од просекот во нивниот сектор, а приходот пред оданочување бил повисок за 53 проценти. Покрај тоа, со програма за родова еднаквост компаниите можат да постигнат поголем поврат на капиталот (ROE), повеќе приходи пред камата, данок и амортизација (EBITDA) или да имаат до 50 отсо повисоки финансиски показатели на успешност (KPI).
Инаку, урамнотежена застапеност на родовите значи да има најмалку 1/3 од секој род на управувачките позиции, што е само во 19 отсто од големите и средните компании во Македонија, според истражувањето на Институтот за комуникациски студии од Македонија и Институтот Изида Вита од Словенија спроведено лани. Затоа овие институти подготвија Насоки за урамнотежено лидерство, а на иницијативата може да се приклучат сите компании со потпишување на Изјавата за поголема застапеност на жените во фирмата.
Повеќе информации за иницијативата на следниот ЛИНК.