Клаудија де Кастро Калдеириња, основач и извршен директор на „Редскоуп консалтинг“ (Redscope Consulting) os Белгија, во ова интервју зборува на тема родова еднаквост, инклузија, натпреварување и „големата слика“ на промените
Зошто Вие лично сте толку многу ангажирани на темата родова еднаквост?
Првично се занимавав со темата меѓународна политика; потоа се инволвирав во сè што значеше поддршка за мир и изградба на демократија. Полека сфаќав дека родот игра клучна улога ако сакате да создадете мир и одржливост во општеството. Па така, следниот чекор, работење на родовата еднаквост, беше неизбежен. Магистерската теза ја изработив на темата родов идентитет, поточно што го дефинира тој идентитет; значи не само дали сте маж или жена, туку опфатени беа сите аспекти, како што се ЛГБТ, возраст, религија, итн.
Потоа продолжив да ја надградувам темата од аспект на лидерство; истовремено работејќи на управување со лидерство, од што го заработуваме лебот, нели (се смее). Мојот заклучок е дека ни се потребни инклузивни организации кои се родово еднакви, за тие организации да бидат подобри и подготвени за трансформација за 21-от век. За да успееме во тоа треба да го надградиме капацитетот на вработените и управителите; со други зборови – за успех се клучни сите овие аспекти.
Често на ова гледам како да е една цела торта, сакам да ја видам целосната слика, не верувам дека нешто ќе се смени ако смените само едно парче од тортата. Мојата додадена вредност е составување на сите делови, или кусо кажано: да се трансформира системот и управувањето, да се работи на зајакнување на капацитетите на жените и да се работи на автентично лидерство.
Вие и Корина Хорст штотуку ја издадовте книгата „Жените како водачи на патот во Брисел“ (Women Leading the Way in Brussels) (Издавачка куќа „Џон Харпер“). Кои се вашите главни наоди?
Ни беше преку глава од наративот со кој се поддржуваше т.н. „женски стил на лидерство“. Целта ни е да зборуваме за разновидност во стиловите на лидерство и да покажеме дека жените може да бидат лидери на многу различни начини. Нашата намера беше да претставиме разновидност. Логичниот избор беше книгата да ја фокусираме на Брисел – тој е мултикултурен и мултинационален, а ние сакавме да ја покажеме разновидноста што постои таму.
Следниот чекор беше да најдеме жени кои се лидери во различни сектори (како на пример институции на ЕУ, во бизнис секторите – мултинационални, МСП, социјални претприемачи; потоа во невладиниот сектор: НВО, експертски групи…) и кои се со потекло од различни земји.
Разговаравме со 14 жени, секоја од нив беше фантастична. Научивме многу. Интересно е тоа што го научивме, тоа што толку нè воодушеви: Да не се плашиме да го искориститме целиот наш потенцијал и сиот наш глас. Ние, жените, често сме предмет на критика, но не само од мажите, туку и од жените, ако ја согледаме реалноста. Знаете што сакам да кажам: да се биде како мало глувче, да не се истакнуваме премногу, да не бидеме „гласни“, да не бидеме смели? Епа, овие 14 жени воопшто не биле такви, како што велам јас, го немале тој елемент на смалување. Тие го живеат животот до максимум и се успешни.
Другото клучно откритие од интервјуата беше дека сè уште постојат многу свесни и несвесни предрасуди. Само што не ги гледаме и чувствуваме (веќе) како слепа точка. Треба да се справиме со нив за да може да ја изедеме целата торта, односно да го смениме светот и да го направиме поодржлив.
Можете ли да ни дадете некој совет за тоа што треба, а што не треба да прават жените кои сакаат да бидат лидери?
Од она што го научив јас, важно е:
- Да не дозволите мислењата / осудите од другите да ве спречат. Другите, дури и оние кои ги сакаме, не знаат повеќе од нас за тоа што е најдобро за нас.
- Дефинирајте што за вас значи успех. Кај секој од нас таа дефиниција е различна, немаме сите исти желби.
- Фокусирајте се на работите во кои сте добри, а не на спротивното.
- Најдете партнер кој ви дава поддршка и е ваш прав сојузник; не стапувајте во брак со диносаурус.
Има ли некои разлики за тоа „како да се биде жена лидер“ во „Западна Европа“ споредено со земјите во развој (како што е Македонија)? Ако има, тогаш кои се?
Контекстот на жените е сосема различен. На пример, во Шведска постојат политики со кои се штитат семејствата, но такви политики нема да сретнете во Италија, Грција или Португалија. Реалноста на секоја посебна земја е таа што ги дефинира и структурира начините на кои жените стануваат и функционираат како лидери: Вистина е дека во западните земји постојат заеднички елементи, но во сите земји жените сè уште се борат да станат лидери.
На какви мерки и активности мислам? Многу земји имаат имплементирано различни алатки, како што се родови квоти на политички листи; во некои градови постои родово буџетирање, во некои региони има инклузивни политики… Мислам дека институциите станаа многу посвесни за аспектот на родова еднаквост. Тие ги притискаат оние кои се на одлучувачки позиции да ги поддржат промените.
Ситуацијата веројатно е различна во земјите од Источна Европа. Забележав една таканаречена „перцепција на мачо-маж“, сè уште има мал број на жени вклучени во политика, многу мал број жени се главни извршни директори, малку од нив се водечки новинари… Но знаете што? Ситуацијата е иста и во западните земји, само што има една огромна разлика. Западните земји стратегиски работат на тоа да стигнат до пресвртната точка, кога разликата во лидерските стилови, процесот на одлучување и етичкото однесување ќе почне да се гледа, со други зборови тоа значи кога ќе се вклучат 1/3 од жените. И во книгата ги споредуваме овие различни реалности.
Што би бил Вашиот најважен предлог за развивање и градење организации кои се повеќе родово-инклузивни?
Најважно е сериозно да се одвојат буџетски средства и време за програмата и да се искористи професионална надворешна помош.
Останатото е исто како и за сите други програми за справување со промени, односно потребно е да се направи ревизија на ситуацијата, да се утврди датумот, да се постават цели, да се подготви стратегија и потоа да се направи план. Тоа не е процес кој има крај, туку е процес што треба да започне, а потоа постојано да се работи на него. Тоа значи да се има годишни активности, обуки, менторски сесии, да се вградат процедури за човечки ресурси, истите да се приспособат, итн.
Што би била Вашата последна порака на оваа тема?
Треба да се работи многу за да се изградат еднакви и одржливи општества и земји за и целиот свет да стане таков. Жените и мажите, особено жените, ги трпат последиците од нееднаквоста. Сакам да нагласам дека жените ги поддржуваат другите жени. Знаеме дека највисоките позиции се ретки, како за жените така и за мажите. Натпреварувањето е нешто што е здраво, ако е етичко, нормално е за нас како човечки суштества да се натпреваруваме. Разликата е во тоа што момчињата се воспитуваат да имаат повеќе натпреварувачки дух; ние, жените, се натпреваруваме кога ситуацијата се сведува на „ние или некој друг“ – тоа е природно очекувано. Но ако веќе сме на високи позиции, можеме да им помогнеме и им помагаме на другите жени во другите сектори – гледам многу жени кои им помагаат на други жени! Општеството ни наложува да бидеме полот што се грижи за сите; па затоа и сме грижливи, си помагаме.
Не се согласувам со општи категоризации, а и не ги користам: Жените се… вакви или такви. Јас не гледам род: родот е само еден, но не и единствен слој, кој одредува кои сме. Други слоеви се потеклото, културата, земјата, воспитувањето, социјалните карактеристики, етичките карактеристики, религијата, личноста… Големата слика, повторно (се смее). Но да, родот е важен слој, такви се нашите општества.
Со Клаудиа може да стапите во контакт преку профилот на Твитер @ClaudiadeCast13 или на адресата за е-пошта info@redscope-consulting.com. Секако, може и на веб конференцијата на 29 март, „во живо“ во 15:00 часот. Се радувам на тоа!
Текстот е изработен во рамки на проектот „Еднаква моќ“, кој го спроведуваат Институтот за комункациски студии и Институтот Изида Вита од Словенија, а е финансиран од Министерството за надвореши работи на Република Словенија.