Експерти, професори, сметководители, претставници на владини и меѓународни институции и организации, како и релевантни чинители во сметководствената дејност, дискутираа на конференцијата на тема „Функција и примена на Законот за вршење на сметководствени работи“ во организација на Комора на Сметководители на Македонија.
Maja Петревска, претседавач на Собрание на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС), истакна дека е потребен партнерски однос со сите релевантни институции во насока на унапредување на сметководствената дејност.
„ИСОС ги обединува сметководителите на Република Македонија, кои се јадрото на економијата и во прибирање даноци и како консултанти на бизнисот. Речиси една година работата на Институтот е нарушена, a Министерството за финансии е единствената институција која може да ја активира работата на Институтот во полна функција за исполнување на стратешките цели меѓу кои најзначјаните се усогласнување со меѓународните стандарди и членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), што значи зголемување на кредибилитетот на сметководителите, како и можност за извоз на интелектуалниот труд. Законот за вршење сметковедствени работи создава уникатна можност за унапредување на професијата сметководител како професија на иднината“ изјави Петровска и додаде дека само со обединување на релевантните чинители може да се оствари оваа цел.
Ѓорги Грковски, Комората на Сметководители на Република Македонија истакна дека комората континуирано работи кон подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, туку и на сите останати компании корисници на услугите.
„Неопходно е обезбедување на соодветен квалитет при изготвувањето на финансиските извештаи и овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите како професија ќе имаат и соодветсни права кои произлегуваат од нивните квалификации. Познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаи и тоа како за корисниците на нашите услуги така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Станува збор за склоп и успешно функционирање на сите фактори во насока на подигнување на стандардите за работа, како и расчистување со нелојалната конкуренција која го спушти нивото на сметководствената фела“ истакна во дискусијата Грковски.
На Конференцијата беше заклучено дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво, сите Закони да се донесуваат по претходни консултации во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се делува за зголемување на интересот за сметководствената професија која се повеќе старее, а е од исклучителна важност за бизнисите и државата.