WhatsApp го ограничи бројот на луѓе на кои можете да им пренасочите една иста порака одеднаш со цел да се спречи ширењето дезинформации. Според Reuters, ова ограничување ќе почне да се применува секаде во светот почнувајќи од денес.
Додека лажните приказни и измамите на Facebook одамна се во фокусот во САД, ширењето дезинформации преку WhatsApp стана проблем во целиот свет. Во Бразил, на пример, ова стана особено сериозно во пресрет на претседателските избори во октомври минатата година, кога неточните информации за гласањето, теориите на заговор и лажните приказни за кандидатите се проширија на целата мрежа.
Според едно истражување на најсподелуваните фотографии на четови на бразилски политички групи покажа дека повеќе од половина од споделените фотографии не се точни, целосно се лажни или се погрешно претставени.
WhatsApp првично почна да го ограничува бројот на луѓе на кои може да им се испрати една порака на 20 во јули минатата година, додека ограничувањето на петмина се тестираше во Индија. Пред тоа можеше одеднаш да се испрати иста порака до 256 луѓе. Ограничувањата почнаа да се воведуваат по низа напади и убиства од мафијата во Индија предизвикани од лажни информации за киднапирани деца.
Сепак, ова ограничување нема да помогне многу затоа што и понатаму ќе може да се испрати една порака до групи, а секоја група да вклучува до 256 луѓе. Тоа значи дека бидејќи пренасочувањето ќе биде ограничено на пет пати, една иста порака ќе допре до максимум 1.300 луѓе.