19.8 C
Skopje
недела, октомври 1, 2023

 Mакедонскиот иновативен уред ELIF може да предвиди смртоносни поплави

Kabtel desktop

Борис Секирарски има две пасии, метеорологијата и информатиката. Тие му се и професија и хоби. Работи во Управата за хидрометеоролошки работи, а неговото искуство во метеорологијата, заедно со природната љубопитност и имагинацијата го насочиле да зачекори по нови патеки и да ја открие и својата иноваторска страна.  Резултат на тоа е уредот ЕЛИФ наменет за укажување на опасности од врнежи и поплави, кој доби и своја мобилна апликација – МЕЛИФ. Секирарски за „Иновативност“ раскажува за предизвикот кој го носат иновациите и возбудата од откирвањето нови уреди кои би помогнале да се спаси човештвото од големи катастрофи, но и за сите предизвици на тој пат, кој знае да биде многу тешок и трнлив

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Секирарски, минатата година на саем за иновации во Хрватска добивте сребрен медал за уредот ЕЛИФ и апликацијата МЕЛИФ, наменети за укажување на опасности од врнежи и поплави. Може ли подетално да ни објасните како функционираат уредот и апликацијата?

Временската прогноза вообичаено е интересна за секој човек, а информациите за времето секојдневно ги очекуваме и ги бараме. Особено вниманието ни го привлекуваат вестите за штети или жртви од лоши временски услови или различни непогоди. Многу често се случува со сите овие информации, понекогаш и неодговорно да се однесуваме. На пример, да си речеме „Добро, прогнозата е лоша, ама јас имам работа и морам да одам“.

Понекогаш ќе не фати дожд и ќе накиснеме или ќе се извалкаме со кал, но многу често може да се соочиме и со појави кои се смртна закана, а многу брзо се случуваат. Токму за овие појави мора да го промениме начинот на кој ја испорачуваме информацијата, а таа во исто време да остане јасна и недвосмислена за пошироката јавност.

Брзите поплави се една таква смртна закана, а се случуваат во само десетина или помалку минути. Поплавите на реката Пена во Полошко нѐ чинеше човечки животи, а една година подоцна и поплавата во скопско Стајковци ни покажа дека ни треба нов и брз систем на известување. Токму тоа се обидов да го овозможам со уред кој изгледа како еден малку поспецифичен семафор. Овие умни уреди се сѐ почести во светот и се нарекуваат IoT-и (од Internet Of Things).

Она што со овој уред треба да биде минато е начинот и брзината со која најновата информација доаѓа до очите или ушите на пошироката јавност. Ако брзата поплава настанува за десетина минути, тогаш и уредот треба да е многу блиску за да предупреди за опасноста од неа. Мојата иновација е наречена ELIF (Electronically Leed Internet Forecast). Уредот се обраќа до централниот сервер, кој исто така ја го создадов, и од него презема информација за интензитетот на врнежите кои штотуку се случиле во тоа мало подрачје каде што сте. За да ве информира, ELIF има четири различни бои. Црвената означува најголема опасност и ако трепка тоа светло на семафорот, значи дека треба да се вратите дома и да се качите кат погоре со сите ваши домашни.

Останатите три бои исто така имаат свое значење. Белата е основна, се наоѓа најдоле на семафорот и значи дека со уредот е се во ред и дека тој редовно презема податоци. Сината значи дека во поширок регион е објавена општа поплава и може да биде под контрола на националниот сервис за објавување на опасност од поплава. Трепкањето на жолтата е порака дека и понатаму ќе врне поинтензивно во регионот, а се однесува за краток временски период од 15 до 30 минути. Уредот ELIF има и верзија за мобилните уреди со ANDROID оперативен систем, наречена MELIF, преку која можат да се преземаат сите податоци.

Дали уредот веќе се користи?

Уредот, и покрај вниманието на медиумите со златниот медал во Скопје на ИНОВАМАК 2018 и сребрениот медал во Загреб, сѐ уште постои само во еден примерок. Тоа значи дека не се користи, но се надевам дека во идниот период јавноста и институциите ќе бидат повеќе заинтересирани.

Што е специфичноста, односно иновативноста кај ELIF и MELIF?

Специфично е што ќе ве предупреди да не излезете и да бидете однесени од бесна вода која носи сѐ пред себе. Единствено доволно е трепкањето со црвена боја на семафорот и дополнително, завивањето на неговата мала сирена.  Уредот постојано, 24 часа ги чита пораките од серверот и соодветно ги менува сигналите. Истото тоа денес го прават и обичните семафори. Денешново време за мојата иновација е како времето во кое во градот сме имале еден семафор. Денес е се подруго.


За кого првенствено e наменет, дали
ELIF може да го користат граѓаните или пак е за специјализирани установи?

ELIIF и MELIF се иновација за систем кој сака да стане подобар. Луѓето често ме прашуваат каде можат да го преземат MELIF, но за жал, централниот сервер не е јавно достапен, едниствено функционира како уред во развој кај мене дома. Во суштина, системот треба да е прифатен од заедницата. Идејата не е масовно да се прозведуваат семафори и да се наредат на секои 100 метри, туку целта е да се создаде подобар систем за известување. Во меѓувреме, треба да ги процениме регионите по опасност, да оформиме центар за обработка на податоци на нов начин и потоа сето тоа да го одржуваме и надградуваме. Ова воопшто не е почнато и засега тешко оди.

Како планирате да ја развивате вашата иновација, во вакви услови на пазарот?

Би можел да произведувам вакви специфични уреди и некои други со слична намена. Се надевам дека ќе се појави интерес за ELIF од средини каде што сигурноста на поединците е на прво место и уредот ќе започне да се произведува и користи некаде.

Колку прецизно предвидува ELIF, дали имате такви податоци?

Системот во моментов се потпира на информациите од метеоролошките радари, а како втора информација користи и податоци од сателитски слики. Тие материјали во моментов се најбрзите верни прикази на состојбата околу нас, кои регистрираат податоци во минути. Во моментов системите за предвидување на брзи поплави работат на тој начин што два пати во денот пресметуваат што ќе се случува во следните 24 или 48 часа. Тоа е важечки тренд кој јас го преиначувам обратно и на секои 15 минути пресметувам што се случило во последните 30 до 60 минути. На тој начин правам проекција за следниот половина час. Мислам дека мојот пристап е поисправен, но светот сѐ уште не ме слуша.

Постојат ли вакви или слични уреди во светот?

Постојат слични уреди кои предупредуваат за земјотреси, за општи узбуни, за цунами… За брзи поплави и поплави јас досега не сум сретнал.

Кои се вашите планови во иднина, во врска со оваа иновација и генерално, подготвувате ли можеби некоја нова иновација?

Продолжив со работа и понатаму и целата идеја ја дополнив со внимание кон квалитетот на воздухот. ELIF се надгради со ELIFA, а и MELIF наскоро ќе се надгради со MELIFA. Сега семафорите за опасно време и поплави ќе имаат и дополнителна моќ да ја мерат загаденоста на воздухот, но и да ви кажат што ќе се случува во следните ноколку часoви и да ве советуваат дали ќе е добро да ја ставите заштитната маска, или се очекува намалување на загадувањето.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!