20 C
Skopje
сабота, мај 30, 2020

Во јануари годинава двојно e зголемен бројот на пријави за заштита на трговски марки

Kabtel desktop

Минатата година беше јубилејна за Државниот Завод за индустриска сопственост, кој одбележа 25 години од постоењето. По тој повод беше организиран „Месец на индустриската сопственост“ со повеќе настани и посети на повеќе градови низ државата, чија што цел беше промоција на правата од индустриска сопственост на пошироката јавност, како и на малите и средни претпријатија

Разговараше – Сања Наумовска

Заменик директорот на Државниот Завод, Горан Герасимовски, за Иновативност објаснува дека, во овој период, во соработка со градоначалниците и стопанските комори, беа спроведени мини семинари во повеќе градови на кои бизнис заедницата се запозна со важноста и придобивките од заштитата и спроведувањето на правата од индустриска сопственост, а во октомври се случи меѓународната конференција на тема „Трансфер на технологија и правата на интелектуална сопственост во Република Македонија“, кога беше претставена и монографијата за 25 години ДЗИС.

Државниот Завод за индустриска сопственост минатата година прослави 25 години од основањето, кога беше организирана и кампањата „Месец на индустриската сопственост“. Може ли да ни кажете какви се резултатите од неа, ги мотивираше ли компаниите и поединците да ги заштитат правата од индустриска сопственост?

Многу сум задоволен од реализацијата на кампањата „Месец на индустриската сопственост“, за неа имаше голем интерес и резултатите се веќе видливи. Со задоволство можам да кажам дека во јануари оваа година имавме повеќе од двојно зголемување на бројот на поднесени пријави за трговски марки. Конкретно, во јануари 2018 година се пријавени 49, а во истиот период оваа година 115 трговски марки. Ова значи дека сите активности што сме ги преземале за да ги истакнеме бенефитите што следуваат со заштита на правата од индустриска сопственост навистина допреле до нашата публика.

 

Посочете ни повеќе за услугите на Заводот, што се може да се заштити и на кој начин?

Заводот има значајна улога во пронаоѓаштвото и заштитата на индустриска сопственост. Тој ги поставува и одржува основите за регулирање на правата на индустриска сопственост, авторски и сродни права. Ова, пак, се клучни компоненти во развојот на државата и неопходен предуслов за нејзино членство во останати меѓународни организации и унии. Под права на индустриска сопственост спаѓаат патент, индустриски дизајн, трговска марка, ознака на потеклото и географска ознака.

Со патент се штити пронајдок во сите области на технологијата, ако е нов, ако содржи инвентивен придонес и ако може да се применува во индустријата. Со индустриски дизајн овозможуваме заштита на нова форма на тело, слика, цртеж, контура, композиција на бои или нивна комбинација, односно дизајн. Трговската марка е вид на заштита за која има најголем интерес. Таа всушност значи заштита на знак кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот.

Со ознака на потеклото и географска ознака се штити географскиот назив на земјата, регионот или местото со кој се означува производот кој потекнува од тоа подрачје. Тука спаѓа заштитата на сите традиционални македонски производи, секако секој од различен регион.

Секое од овие права овозможува заштита на една оргинална идеја или производ, кои имаат препознатливи карактеристики, нивно сигурно место на домашниот и меѓународен пазар. Во современи услови на живеење токму индустриската сопственост има клучна улога, како двигател на општествениот и економски развој.

Што најмногу се заштитува во Државниот Завод?

Во Државниот завод најмногу се заштитуваат трговски марки. Годишно во Заводот се поднесуваат просечно околу 1.500 пријави на трговски марки и околу 3.000 пријави за територијата на Македонија преку Мадридскиот систем за меѓународна заштита на трговски марки. Со стекнато право за трговска марка се спречува секаков обид за злоупотреба на таа марка. Воедно, никој друг нема да смее да ја користи во прометот за одбележување на стоките или услугите.

 

Колку и кои македонски традиционални производи се заштитени во Државниот Завод?

Tрадиционалните производи можат да се заштитат со географски називи како што се географски ознаки и ознаки на потекло. Ова значи дека тие се обележуваат според производителот, кој може да биде физичко или правно лице на определено географско подрачје. Како најпознати географски називи заштитени со ознака на потекло во Република Македонија можам да ги издвојам кочански ориз, македонски ајвар, тетовски грав, охридски бисер, виното Дисан и овчеполски мед.  Овие географски ознаки се и меѓународно заштитени, согласно Лисабонскиот договор кон кој Република Македонија е и членка. Инаку, географскиот назив може да се употреби за обележување на природни производи, земјоделски производи, индустриски производи, занаетчиски производи и ппроизводи од домашна ракотворба.

Дали нашите компании имаат потреба од повеќе едукација и слични кампањи или доволно ги познаваат своите права од индустриска сопственост?

Ние, како Завод активно работиме на едукација за правата од индустриска сопственост. Сите наши проекти, семинари и публикации имаат една основна цел – опфаќање на сите чинители во заштитата на правата од индустриска сопственост и во интелектуалната сопственост, подигнување на јавната свест и унапредување на знаењето, со што дополнително се олеснува заштитата. Истовремено, активно работиме на промоција на пронајдоците заштитени како патенти, на автори од Македонија. Сепак, сметам дека едукацијата за правата од индустриска сопственост треба да започне од основното образование,  да ги опфати средното и високо образование. Ова е област која има се поголема улога во современиот свет и е непходна за економски развој, но и за поттикнување на инoвативноста кај младите генерации, кои се иднината на ова општество.

Што е пресудно за зголемување на заштитата на интелектуалната сопственост, дали едукацијата или финансиската подготвеност на компаниите?

Таксите и трошоците за заштита на правата во Македонија се најниски во регионот и Европа, веднаш по Босна. Така што, мислам дека финансискиот дел не е воопшто проблем. Сметам дека во следниот период треба да продолжиме да се фокусираме на едукација и подигнување на јавната свест и да направиме напори истото да се воведе и во образовниот процес. Мислам дека компаниите и генерално јавноста сѐ уште не се целосно свесни за бенефитите што им следуваат со заштитување на правата на индустриска сопственост и неопходноста од овој чекор за денешниот динамичен пазар. Колку повеќе работиме на ова, ќе имаме повеќе успешни приказни, ќе овозможиме подобро позиционирање наши изуми и производи дома и во странство. Ова значи дека ќе бидеме поуспешни како држава, но што е многу важно ќе им ги отвориме вратите на следните генерации да ги реализираат своите идеи.

Зошто е важно правата од индустриска сопственост да бидат соодветно заштитени?

Патентирање на производите е клучно за добивање стабилна и моќна положба на пазарот, како и приод кон нови пазари. Со ова секако следува и повисока добивка или враќање на инвестицијата, дополнителен приход од лиценцирање и намален ризик од повреда. Ова е навистина моќна алатка за преземање дејства против фалсификатори. Истовремено,  доколку вашите права се соодветно заштитени, тоа е позитивен приказ на вашата компанија и ви отвора повеќе можности за добивање грантови или инвеститори.

Каква е постапката?

Постапката е специфична, се работи за посебна управна постапка утврдена во Законот за индустриската сопственост. Ние како Завод имаме подготвено детални упатства за начинот на поднесување пријава за сите права од индустриска сопственост, објаснувања за видот на правата и постапката за заштита . Сите тие информации се достапни на веб страната на Заводот: www.ippo.gov.mk. Од друга страна, заради специфичноста на постапката, за застапување во областа на индустриската сопственост се полага посебен стручен испит и кандидатите кои го положиле испитот треба да се впишат во регистарот на застапници за индустриска сопственост што го води Заводот. Домашните правни и физички лица во постапката пред Заводот може да настапуваат самостојно или преку овластен застапник за индустриска сопственост. Меѓутоа, странските правни и физички лица во постапката пред Заводот, ги остваруваат правата исклучиво преку полномошник кој е регистриран за застапување од областа на индустриската сопственост. За крај да посочам, должината на постапката е навистина занемарлива во споредба со бенефитите што следуваат со заштита на правата. Ние како Завод сме секогаш подготвени да помогнеме и да ја олесниме оваа процедура најмногу што можеме.

Колку, генерално, во земјава се почитуваат правата од индустриска сопственост?

Во делот на легислативата постои речиси целосна усогласеност на националниот закон со европските директиви од оваа област и со меѓународните договори кон кои пристапила Република Македонија. Меѓутоа, спроведувањето на правата е сегментот на кој што треба да се стави фокусот и поинтензивно да се работи во наредниот период за да се создаде поефикасен систем на заштита на правата од индустриска сопственост. Токму тоа планираме да го направиме.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •